Евгениј Темелкоски, ракометар Голден Арт КЛ7: Очекувам тежок натпревар со многу поискусен тим

Викендов во Кавадарци се игра натпревар на две, до сега, непоразени екипи во плеј-аутот на македонската суперлига во ракомет. Голден Арт КЛ7 гостува на фаворитот за првото место, ГРК Тиквеш. По тој повод свои изјави дадоа тренерот на Голден Арт КЛ7, Игор Котески и десното крило Евгениј Темелкоски.


Игор Котевски, тренер на Голден Арт КЛ7: „Тиквеш е фаворит на дуелот во Кавадарци“ 

Ни претстои дуел на две непоразени екипи во досегашниот дел од плеј аутот на суперлигата, екипи со одлични поединци, натпревар во кој фаворитската улога ја има домаќинот, екипата на Тиквеш пред се поради поголемиот фонд на играчи, засилувања од странство кои ги донесоа годинава. Од друга страна, нашата екипа е млада, единствената во лигата составена од исклучиво македонски играчи, желни за докажување и со сигурност можеме да кажеме дека се иднината на македонскиот ракомет. Очекувам добар натпревар и нека победи подобриот тим.

Евгениј Темелкоски, ракометар Голден Арт КЛ7: „Очекувам тежок натпревар со многу поискусен тим“ 

Пред нас е исклучително тежок натпревар со Тиквеш во Кавадарци. Секако тоа е најтешкиот противник за нас во оваа фаза на првенството. Можам да кажам, со оглед на искуството што го имаат во своите редови, дека нашиот следен противник е еден од тимовите кои ќе останат и идната натпреварувачка сезона во суперлигашка конкуренција. Голедн арт КЛ7 и Тиквеш се единствените непоразени екипи во досегашниот тек од плеј-оф разигрувањето. Во нашите претходни натпревари, иако сме најмлада по возраст екипа, прикажавме пожртвуваност и дисциплина во реализирањето на договореното со нашиот стручен штаб. И овој пат очекувам неизвесен натпревар до самиот крај, иако како што напоменав ќе биде тешко со искусниот состав на Тиквеш, тим со неколку странци во своите редови. Има уште да се игра до крајот на првенството, така што без разлика на конечниот резултат, имаме шанса за реванш на наш терен.