Филмска приказна на Македонката Ана Џорџеф: Се омажив за Американец, имавме успешни кариери, го продадовме целиот имот и решивме со децата да живееме во Македонија

Животот е чудна река, никој не знае каде ќе го однесе, а кога на тоа ќе се додаде љубов, голема и бескрајна и желба да си таму каде ти е срцето, тој станува една голема авантура која трае. Оваа флоскула најдобро ја опишува животната приказна на Ана Сенковска Џорџеф. На 18 години првпат ја посетила Америка - пресуден момент кој ќе ѝ го промени секојдневието од корен.
- Имав убаво и среќно детство. Единица на прекрасни родители; мајка ми Лили, од која сум ја наследила борбеноста и решителноста, и татко ми Љубомир (Бубе) од кого ја наследив желбата за авантури и ценење на вистинско другарство. Многу голема улога во моето формирање како личност имаа и моите баби, како и дедо ми Киро Дојчин. Бев нивна „љубимица”, а тие мои идоли за навек. Пораснав сакана, мазена, шетана, чувана како капка на дланка – ја почнува Ана својата животна приказна.
Како подарок за 18. роденден родителите ѝ ја исполниле најголемата желба – да ги посети Соединетите Американски Држави.
- Голем дел од семејството на баба ми Спасија живееја во Детроит, Мичиген, па отидов таму и за првпат се сретнав и се запознав со куп роднини сосема Американци во сите погледи и остварив многу нови пријателства. Во тоа време 1998 година, Америка изгледаше совршена во секој поглед за едно 18 годишно девојче. Земја од соништата, која дотогаш сум ја гледала само на филмови, а животот може да биде филм, нели? По посетата на САД се вратив во Скопје и почнав да се подготвувам за приемните испити на Ликовна Академија. Набрзо добив покана повторно да заминам за САД. Бев поканета на свадбата од мојата втора братучетка Сенди. Македонците во Детроит се многу сплотени, ги почитуваат и негуваат старите обичаи. „Собиралиште” за сите среќни и тажни мигови, каде можат да ја споделат својата среќа или тага е Македонската Православна Црква. – појаснува Ана и дополнува дека посетата на нејзините баба и дедо за неа била пресудна.
– Истовремено на посета кај нив дојде и едно момче од Чикаго. Јас со уметничка душа, 300 километри на час, а тој тивок, мирен и мистериозен. Спротивностите се привлекуваат - со Ник сме олицетворение на таа изрека. Ја прифатив поканата да излеземе. Прво ме одведе во мексикански ресторан, кадешто вечерата ја поминавме во смеење до солзи, па од таму продолживме во кино на филмче. Вистински американски состанок. Следниот ден излеговме повторно. Кога си замина за Чикаго ми вети дека ќе се врати следниот викенд. Пред да дојде ми пристигна голем букет од рози со посвета, „Мислам на тебе“, со потпис „Со љубов, Ник”. Си поминавме уште еден преубав викенд со шетање и насмевки. Ме покани следниот викенд да го посетам во Чикаго. Ја убедив мајка ми и отидовме заедно. Последниот ден излеговме со неговото друштво и пред крај на вечерта ме запроси. Ми дојде како шок! Бев многу вљубена и кажав ДА. Ме запроси ама под еден услов: никогаш да не му спомнам да се селиме во Македонија. – открива таа.