ФОТО: На предлог на ВМРО ДПМНЕ, ФК Вардар доби 15 милиони денари, реакција од Шкупи и Данела Арсовска

Советот на Град Скопје  со одлука му додели на ФК Вардар финасиска помош од  15 милиони денари. 

Со 19 гласови „за“, пет „против“ и четири „воздржани“ денеска е  усвоен  амандман поднесен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за доделување финансиска помош од 15 милиони денари на ФК „Вардар“.

Против оваа одлука беше градоначалничката Данела Арсовска, таа оцени дека со оваа помош „ќе се наполнат туѓи џебови или ќе се исплатат извршителите“ и ја повика Финансиската полиција да изврши контрола во клубот.

„Освен што ќе ги наполниме џебовите на приватна фирма и што ќе ги наполниме џебовите на извршители коишто ја имаат блокирано сметката на фудбалскиот клуб, јас не гледам дека нешто друго ќе реализираме. Што ќе исполниме со ова? Сметам дека прво треба да повикаме една акција на Финансиската полиција, сите надлежни институции, да влезат внатре, да видат на кој начин работи и функционира ФК Вардар во изминатата година“, истакна Арсовска.

На оваа одлука реагираа и од ФК Шкупи, директорот на шампионот на Македонија, Омер Буњаку, на социјалните мрежи напиша:

„Градот Скопје без гласови на албанските одборници, донесе одлука за помош на второлигашот ФК Вардар, ги заборави останатите прволигаши од градот, Шкупи, Скопје, Македонија ЃП и Работнички, ова е време на приватен капитал, акционерски друштва и градот Скопје нема право да ги дели клубовите. Градот Скопје за едни е мајка, за други маќеа“, напиша меѓу другото Буњаку.

Оваа година фудбалскиот клуб Вардар прославува 75 години од своето формирање. Роден во истоименото кино на 22. јули 1947 година, создаден за да пркоси, за да биде база на македонштината и симбол на градскиот дух и спортскиот квалитет, порача ФК Вардар на социјалните мрежи.

Соопштението на ФК Вардар:

Успесите на клубот, темелниот начин на функционирање и длабоко врежаниот национален набој се трите главни компоненти кои низ децениите ја изградиле нераскинливата врска помеѓу клубот и навивачите, не само од Скопје и Македонија, туку и од целиот свет.

Генерации фудбалери, генерации спортски работници и генерации навивачи низ овие 75 години ја граделе историјата на клубот. Титули освоени со многу труд и желба, порази од кои секогаш сме станувале посилни и црвено-црната боја, како симбол низ кој се проткаени идеалите, достоинството и поривот на Македонецот - е ова е нашиот Вардар!

Покрај големиот јубилеј на клубот оваа година и верната Вардарова навивачка група - Комити Запад, го прославува својот 35 роденден.

Западната трибина и спектаклите кои нашите навивачи ги приредувале низ годините, секогаш биле нашата најголема мотивација. Километрите кои заедно со нас ги поминале, победите на кои заедно со нас се радувале и комитската песна која во моментите на најголем пораз грмела од црвено-црниот коп биле и ќе останат нашата најголема сила.

Ви благодариме за сите години поддршка, за љубовта која ја посветувате на клубот и заради тоа што никогаш на клубот му немате свртено грб. И знајте добро, сево ова ќе мине, ќе дојдат подобри денови за нашиот клуб, но ќе се помни дека во најлошото - тука биле само Комити!

Годините минуваат, нашиот Вардар и покрај сите предизвици продолжува да живее. И ќе живее се додека се раѓаат нови црвено-црни бебиња на кои уште од мали нозе ќе им ја раскажуваме приказната за Илеш Шпиц, за Андон Дончевски, за големиот Рингов, за Кочо, за победата над Вартекс во 1961 и пречекот во Скопје и за уште безброј приказни од славната историја на клубот кои се длабоко врежани во меморијата на секој навивач на Вардар.

ПРОСЛАВА ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ

Централната прослава по повод родендените на Ф.К. Вардар и Комити Запад ќе се одржи на 23.11.2022 година, кога на Градскиот стадион во Скопје, со почекот од 19:30ч. ќе се одигра пријателскиот натпревар помеѓу екипите на Ф.К. Вардар и Ф.К. Железничар од Сараево. Цената на билетите изнесува симболични 100 денари и истите ќе може да ги набавите на неколку локации во градот Скопје, како и на самиот ден на натпреварот.

Ве покануваме да дојдете, да го прославиме роденденот на нашиот Вардар, да уживаме во уште еден спектакл на Комитите и сите заедно од нашиот дом - Градскиот стадион во Скопје, да пратиме јасна порака - Вардар ќе живее, Вардар засекогаш!