„Гени, мени, сени“ е роман каков што бара и раѓа нашето време

Новата книга на Владимир Лукаш, „Гени, мени, сени“, беше промовирана вчеравечер во „Литература.мк“ на ул. Македонија, во рамките на „Денови на литературата“.

Книгата, во издание на „Супрема“ ја промовираше уредничката Оливера Ќорвезироска, низ разговор со самиот автор.

Ќорвезироска промоцијата ја започна читајќи го самиот почеток на романот, а ја заврши со крајот на романот, претставувајќи ја книгата преку симулирана idem per idem постапка, како омаж на структурата на романот, но и како омаж на концептуалната наративна стратегија на авторот, зашто „Гени, мени, сени“ не е роман каков што сме научиле да биде туку роман каков што бара и раѓа нашето време.

„Гени, мени, сени“ е комплетно авторска книга на авторот (соавторска со самиот себе, негови се и текстот и илустрациите). Таа содржи стотина страници, три циклуси (Семејни фотографии по случаен избор, Сеќавања и автобуси по речиси случаен избор и Таа по (не)случаен избор), досетлив влез и лирски излез, дваесетина илустрации/симулирани фотографии во тесна спрега со текстот (небаре едната рака пишувала, другата во исто време – цртала). На задната корица има стилизиран кјуар-код со ликот на еден од протагонистите во романот – таткото, со чие вчитување може да се слушне самиот автор како ја чита токму приказната за предната корица – за коњот легнат на канабе како човек, додека во заднината се прелистуваат илустрациите.  

„’Гени, мени, сени‘ ја покажува преобразбата на кусата проза (на микро план) во роман (на макро план), поддржана со здружноста на поетското и ликовното, на факциското и фикциското. Она што го сметам за возбудливо и ретко во современата книжевна продукција кај нас и пошироко, е фактот што ’Гени, мени, сени‘ се чита како збирка раскази и прозно-поетски меланжи кои откако ќе се прочитаат остваруваат впечаток на прочитан роман. Големо стакло од мали срчи. Долго време од куси мигови. Овој ефект е подеднакво интересен и творечки и рецепциски“ – истакна Ќорвезироска.

Романот што користи автобиографски елементи, не е задолжително и автобиографски роман. Лукаш посочи дека главните протагонисти во романот не се во целост ризница на личното минато туку метаризница, микс со фикција.

„Имагинацијата во овој роман е иста како и во моите сликовници, само наративот се разликува. Своите интереси лесно и спонтано ги прелевам од книжевноста за деца во книжевноста за возрасни. И двата наратива ми овозможуваат да се согледам себеси и како писател и како читател, кои често не можат да се договорат меѓу себе, но огледалото најмногу ме разбира во вистинскиот момент“ – додаде Лукаш.

„Гени, мени, сени“ е весел роман за најтажното, смешен роман за најсериозното. Поднасловот – Потеклото на бабите е мошне значаен. Не само затоа што е еден вид дескрипција на темата/на фокусот на романот туку и затоа што на него цврсто е потпрена приказната. Со тоа станува чудесно стабилен пред емоционалните налети и страшните животни ветришта на неколкуте главни ликови: Јас-раскажувачот, Таткото и Битната Жена скриена во родот (ТАА) како баба, како мајка, како љубовница, а најмногу од сè – како ЉУБОВ.

Владимир Лукаш (1978) е музичар, визуелен уметник и писател. „Гени, мени, сени (Потеклото на бабите“ е негова десетта книга. Претходно ги има објавено: „Мамурлаци“, „Се гледаме наскоро. Е.“, „Дедлајна, љубов моја“ (за возрасни); „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ (артбук), „Ши, Ѕифри, Копчи“, „Поклони се и почни“, „Пу за Мите, пу за сите“, „Суштествијада“ (за деца) и „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано). Има илустрирано повеќе книги, реализирано многу групни и самостојни изложби, автор е и на неколку анимирани филмови.

Книгата е во издание на „Супрема“ и достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, на следниот линк https://www.literatura.mk/makedonska-knizevnost/43154-geni-meni-seni-potekloto-na-babite 

Пр објава