Ги бодрев од трибините македонските репрезентативци на 250 натпревари: Ристо Илков – Фичо за својата страст кон спортот
Сонот на Ристо Илков – Фичо од Дојран ќе стане стварност. Во неговата богата спортска агенда како навивач, ќе бидат запишани и натпреварите на македонската фудбалска репрезентација на деби настапот на Европското Првенство. Ќе биде присутен на трибините на стадионот во Букурешт, Романија и ќе ги бодри македонските фудбалери на натпреварите со Австрија и Украина. Потоа ќе полета и за Амстердам, да им даде поддршка во битката за победа против Холандија. Фичо е еден од најверните поддржувачи и навивачи на македонските клубови и репрезентации во сите спортови.
- Имам посетено повеќе од 250 натпревари на македонските репрезентации. Бев речиси на сите европски и светски првенства во ракомет. Ги следев и европските првенства во кошарка и одбојка. Бев сведок на успесите на кошаркарите во Литванија, на ракометарите во Србија и на одбојкарите во Словенија. Сега верувам дека ќе бидам сведок на успехот на фудбалерите во Букурешт и Амстердам – открива Фичо.
МН: Најтешко ми беше кога ракометарите не обезбедија пласман на Олимпијада
Дали натпреварите се играат во Европа, Африка или Азија, тој наоѓа начин како да стигне до тамошните стадиони. Не штеди пари кога е во прашање спортот. Вели, дека досега потрошил пари во вредност од двособен стан во центарот на Скопје. Но, страста кон фудбалот, ракометот, одбојката, ватерполото, немаат цена. Најсреќен е кога македонските репрезентативци нижат победи. Но, постојат и порази, кои болат и оставаат голема трага.
- Најболен пораз ми беше кога ракометарите не успеаа да обезбедат пласман на Олимпијада. Отидов во Гдањск, Полска со верба дека ќе ја испишат и таа историја. Но, никогаш не престанав да верувам во Македонија. Со пријателите од навивачката група „Гаровци“ од Дојран на последниот натпревар со Чиле, од квалифиокациите за Олимпијада, објавивме транспарент на кој пишуваше „Ние не се откажуваме, а вие?“Оттогаш секогаш сум задоволен кога ќе видам дека нашите репрезентативци се борат со сите сили, бидејќи не може секогаш да се победува – вели тој.
МН: Бевме навивачи и сватови на свадба во Хрватска
Како и нашите спортски херои и тој се труди да ја промовира Македонија низ светот. Секогаш носи обележја на нашата земја во градовите каде играат нашите. Но,се обидува да научи и нешто повеќе за домаќините, особено за нивната кујна, традиција и култура. Од секое патување се вратил со „куфери“ преполни со спомени и анегдоти.
- Има повеќе анегдоти од нашите патувања низ Европа и светот. Една од нив е кога организирано со навивачката група „Гаровци“, во која имаше еден пратеник и неколку стопанственици, одевме на ЕП во кошарка во Словенија. Кога стигнавме на граница во Прешево нé прашаа што сме и каде одиме. Одговоривме дека сме навивачи на Македонија и патуваме за Словенија. Српската полиција имала дојава дека на граница ќе пристигнат групи на навивачи и повикала засилување од Врање. Откако српските власти добиле информации дека не се работи за типична навивачка група, веќе било доцна. Со полициска придружба се возевме до хрватската граница. На крај, полицајцитеги почестивме со домашна ракија и ајвар, зашто низ Белград во најголемиот метеж возеа 120 км/час и успеаа да нé извадат на автопат во рекордно време. Исто така, една од најинтересните случки е кога бевме сватови на свадба во Хрвтаска, која се одржа во хотелот каде што бевме сместени. Невестата која беше од Индонезија, рекла дека со нашата позитивна енергија сме ѝ ја разубавеле свадбата – се присетува Илков.
Љубовта кон спортот се родила кога почнал да ги следи натпреварите на локалниот клуб ФК Дојранско Езеро и „романтичниот" т.е. неиндустриски фудбал кој се играше во 80-те години на XX век. Како мал ја засакал и ФК Црвена Звезда. Присуствувал на преку 100 натпревари на овој клуб. Бил во Бари, Лондон и во многу европски градови. Некогаш се случувало да тргне по куси ракави со возот од Гевгелија на +25 C. Да стигне во Белград на -10 C, па да купува зимска облека од стоковната куќа во градот.
Соња Алексоска Неделковска