Ѓоковиќ си ја отвори душата: „Ова е најтешкиот пораз во мојата кариера - го мразев“

Новак Ѓоковиќ ја одржа својата прва медиумска конференција во Мадрид, каде што се осврна на голем број теми - од неговата моментална форма, преку отсуството на Карлос Алкараз, до сопствените фрустрации и тениските предизвици што ги донесе долгата сезона.

На почетокот, Ѓоковиќ зборуваше на шпански, нагласувајќи колку му недостига атмосферата во Мадрид.

„Најмногу ми недостигаше атмосферата, една од најдобрите во светот на тенисот. Целиот центар, терените, сè е многу убаво, со одлична атмосфера, особено кога се игра навечер. Секогаш сакам да покажам добро ниво на тенис кога играм тука, играв само два или три пати во последните седум или осум години. Оваа година барам тоа ниво каде што можам да го покажам мојот тенис, посакуваното ниво, за да се подготвам за Ролан Гарос. Немам големи очекувања во однос на резултатите, морам да бидам искрен. Не знам, имам голема желба да играм тука, луѓето ме поддржуваат, се чувствувам добро на тренинзите, има многу позитивна енергија, се надевам дека ќе можам да ја искористам за да играм добро тука.“

Потоа тој коментираше за повлекувањето на Алкараз од турнирот.

„Не се добри вести за турнирот, Карлос е главна ѕвезда тука во последните неколку години, шпанската публика го поддржува, му дава сила. Монте Карло победи, потоа играше во Барселона и беше во финалето, физички е нормално да има некои мали проблеми. Се надевам дека сите ние што останавме ќе можеме да ја направиме публиката среќна без Алкараз.“

„Потребно е време луѓето да разберат - ни мене нема да ме има таму понатака“

Тој зборуваше и за тоа што му е потребно на Алкараз за да стигне до „големата тројка“.

„Мислам дека во однос на тенисот, тој веќе го достигна тоа ниво. Во однос на резултатите, за неговите години, може да се каже дека направил сè што направивме ние во тој период. Тој има кариера, времето работи за него, сè што е потребно за да се напише историјата на тенисот.“

Во делот на конференцијата на англиски јазик, Ѓоковиќ се осврна на разликата помеѓу сегашните и претходните генерации.

„ Рафа доминираше на земјена подлога, Роџер на трева, јас на бетон, тоа ниво на доминација во тенисот во мојот случај беше кога имав 23-24 години, Алкараз сè уште нема ни 23 години, мора да се сетите колку години има и не е нормално сè што направил за негови години. Сигурен сум дека ќе го видиме со многу трофеи во рацете во иднина.“

Тој, исто така, додаде референца за транзицијата на генерациите.

„Во последните 20 години, ние четворицата доминиравме, кога тројцата се пензионираа, можете да ја видите смената на генерациите, главниот фокус е на нив. Потребно е време луѓето да разберат дека нема Роџер, Рафа, Енди, ниту мене нема да ме има во еден момент, јас ја претставувам постарата генерација. Се надевам дека тоа ќе донесе позитивен ефект на турнирите, тоа е една од причините зошто сè уште играм.“

Кога беше прашан за неговиот пораз во финалето на Ролан Гарос во 2015 година од Вавринка, тој искрено рече:

„Тоа беше еден од најтешките порази во мојата кариера... Мислев дека имам шанса да победам, но Стен ми ја украде таа титула. Се шегуваме до ден-денес, му кажувам дека причината зошто ме победи била поради тие шорцеви што ги носеше, не знам дали се сеќавате, го мразам оттогаш. Се шегувам, секако... Тој е потценет кога се зборува за одлични играчи.“