Го потсетува на Чернобил: Легендарниот Украниец ја споредува епидемијата со нуклеарната катастрофа
Вели и дека 10 дена не излегол од куќата во Лондон
Легендарниот украински фудбалер, Андреј Шевченко епидемијата коронавирус ја спореди со нуклеарната катастрофа во Чернобил.
И тогаш целата планета се најде во вонредни околности како денес, иако не изгледаше толку страшно, бидејќи информациите побавно патувале.
„Ги гледам сегашните случувања и сето ова ме потсетува на Чернобил. Имав само 9 години кога експлодираше електраната. Тоа беше многу тешко време. Единствено решение беше да веруваме во она што надлежните власти ни го кажуваа, како и сега“ - изјави Шевченко за италијанскиот Скај.
„Не смееме да правиме глупости, туку да останеме во своите домови. Никој од нас не знае дали има вирус или не, иако немаме симптоми, па многу луѓе кои се заразени и го носат вирусот во себе го шират од човек на човек. Не смееме да мислиме само на себе, туку на сите кои потенцијално можеме да ги заразиме“ - советува тој.
Легендарниот напаѓач е во Лондон, а оттаму го следи развојот на ситуацијата во светот.
„Дома сум веќе 10 дена и не излегувам никаде. Сите проживуваме тешки моменти и се надеваме дека работите наскоро ќе се вратат во нормала. Но, единствено решение е да ги почитуваме одлуките на властите, да останеме дома и на лекарите да им дадеме шанса да се изборат со овој проблем. Сите доктори ширум планетата работат голема работа, заедно со сестрите, волонтерите и другите работници и им благодарам за тоа. Тие се вистински херои на ова време“ - заклучи Андреј Шевченко.