ГОРАН МИЛКОВСКИ: Алиоски најтешко го поднесе поразот со Австрија,сега сите се насочени кон следниот предизвик
Горан Милковски со својот колега Тони Стојановски, ја имаше таа привилегија да го коментира историскиот натпревар помеѓу македонската фудбалска репрезентација и Австрија, кој се емитуваше на МРТВ. Вели дека биле задоволни од одработеното, но и емоционално испразнети и разочарани од резултатот. Милковски открива дел од атмосферата од Букурешт, главниот град на Романија, во кој за фудбалската еуфорија најмногу придонесуваат македонските навивачи.
ММ: Во текот на кариерата сте коментирале многу натпревари на македонските репрезентации. Овој беше историски, највозбудлив, но дали и најтежок?
- Тежок можеби само од аспект на одговорноста која ја носи. Се друго е привилегија, гордост и задоволство. Ова се натпревари за кои вредат сите жртвувања, се работат професионално, но и од срце, чувствувајќи го пулсот на јавноста и со сите последици кои може да произлезат. А еден од барометрите што сте направиле е гласот на народот, на публиката. Ние работиме јавна работа и тука нема пардон. Мора да се носите со предизвиците и обврските. Ова беше еден од тие натпревари.
ММ: Што си рековте со колегата Тони Стојановски, кога ги исклучивте микрофоните?
- Само она кратко „да пукне“, во кое имаше и чувство на задоволство, гордост и тага. Задоволни од одработеното, горди што бевме дел од еден ваков натпревар, а жал за пропуштените шанси при 1:1 кои можеа да ни донесат барем бод. Емоционално испразнети и разочарани од резултатот како фудбалерите и навивачите, веројатно како и сите кои на ТВ го гледаа натпреварот.
ММ:Какво беше расположението меѓу македонскиот тим? Кој го поднесе поразот најтешко?
- Согласно строгите пропозиции на УЕФА и тајминзите кои ги одредуваат, имав привилегија непосредно по натпреварот да бидам во „супер флеш“ интервју со Пандев и „флеш“ интервју со уште неколку наши репрезентативци, Елмас, Муслиу и Алиоски. Нормално дека беа исполнети со емоции од дебито на европско првенство. Дел од тие изјави отидоа во етер ексклузивно на МТВ, дел ќе бидат денес на програмата. Заедничко е што сите се импресионирани што првпат се соочени со вакво искуство. Тажни дека бевме блиску до добар резултат, но во вакви натпревари мора да ги користите и најситните детали кои можат да ви донесат успех. Разочарувањето е кај сите, а од она што го манифестираа, Алиоски најтешко го поднесе поразот. Но, од денес сите се насочени кон следниот предизвик.
ММ: Дали Романија се покажа како добар организатор?
- Романија и пред се Букурешт се очигледно неоткриена дестинација за голем број странци, меѓу кои и ние. Инфраструктурно имаат предиспозиции на кои може да им позавидат и најразвиените европски земји. На пример, македонската фудбалска репрезентација тренираше во првите три дена на стадионот на Стеауа, комплетно реновиран и отворен токму на денот кога нашите фудбалери пристигнаа во Букурешт. Слични стадиони имаат и Динамо и Рапид, а и неколку други клубови. Националната арена каде што се играше натпреварот со Австрија е посебна приказна, најголем и најрепрезентативен. Плус широките улици и булевари, кои колку и да има сообраќај, не дозволуваат да има застој. Од аспект на ЕУРО 2020, со мали пропусти кои секогаш се дел од големи настани и за кои и УЕФА има луѓе кои треба да се адаптираат на условите, сѐ е на коректно ниво.
ММ: Каква е атмосферата во Букурешт, се чувствува ли фудбалската еуфорија?
- Во Букурешт викендов е како во центарот на Скопје, кога се игра некој важен натпревар. Лоцирани на неколку пунктови, главно во стариот дел на градот, кој наликува на старата скопска чаршија. Ги има и во семејна атмосфера, а во нашиот хотел се три генерации во едно, едно дете во тинејџерски години со својот татко и дедо. Голем број навивачи од повеќе градови, ги сретнавме од Скопје, Куманово, Велес, Битола, Прилеп, Охрид, Гевгелија. Штип, Струмица, Неготино, Тетово, Гостивар со навивачки реквизити, на кафе или пијачка, среќни што се дел од овој настан. Интересно што има наши иселеници од други европски земји, а има и такви кои се дојдени од САД само за овие два натпревара. Она што вреди и постојано го потенцираме, колку и да имало во минатото антагонизам меѓу нив на клупско ниво, нема поделеност, нема инциденти, навреди. Кога е репрезентацијата и државата во прашање, постои сплотеност, заедништво, меѓусебна почит и дружење. Накратко, се она што ја одликува фудбалската репрезентација и таа синергија меѓу спортистите и публиката има посебна димензија. Ваквите настани и односот на сите кои се дел од нив се патоказ за успех во разни сегменти во општеството.
ММ: Вашите прогнози за мечот со Украина?
- Украина е притивник на слично ниво со Австрија, која игра малку поинаков фудбал. Но, тука се најдобрите и против секого мора да се даде максимумот за да очекувате успех. Со секого може да се игра, секој има добри страни и слабости. Поентата е да како да се пронајдат и да се искористат. Со оглед што и Украинците загубија во првото коло, во четврток ќе биде натпревар на сѐ или ништо, кој на победникот ќе му отвори можност да се пласира за следната фаза. Ништо не е лесно, но шансата е тука, ова е историска можност. Едно знам со сигурност, нашите фудбалери ќе бидат максимално мотивирани за успех и ќе влезат со амбиции да победат. За себе, за македонскиот фудбал, за навивачите, за цела нација. А ние сме тука да им дадеме поддршка.
СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА