Григор Копров: Го растев и го чував како свое дете, не се откажав и кога беше најтешко
Пред 30 години го создаде „Охрид фест-Охридски трубадури“, да им докаже на музичките челници на популарните манифестации во поранешна Југославија, дека и ние Македонците имаме да понудиме и музика и културни убавини.
Григор Копров(80) потписник на голем број безвременски хитови со истиот ентузијазам годинава ќе го прослави јубулејот на фестивалот, кој ќе се одржи денес- 1 и 2 септември на сцената во Долни Сарај во Охрид. Најавува богата музичка програма со присуство на македонски и балкански музички ѕвезди.
ЖМ: Кога го почнавте Охрид фест, дали се надевавте дека ќе стигнете до прослава на 30 години?
- Јас сум горд Македонец, што подразбира дека сум патриот. Со оглед дека живеевме во иста држава, во онаа бивша Југославија и во музиката имаше еден прикриен натпревар. Секој го гледаше другиот што прави. Во во тоа време постоеа Сплитски фестивал, Београдско пролеќе, Шлагер сезоне, Словенска попевка и други, сметав дека ние Македонците, со оглед на тоа дека имаме еден прекрасен град Охрид, кој е бисер на Балканот и пошироко, можеме да покажеме и да докажеме дека сме и во музиката рамноправни. Дека и ние знаеме. И тоа ми беше еден голем мотив. Секако дека и градот Охрид покажа разбирање и така почна фестивалот Охрид фест - Охридски трубадури. Можам да кажам дека од оваа временска дистанца, секоја година беше сѐ потешко и потешко. Тоа ви е како да имате некое свое дете и како да се откажете од него? Го растев и го чував како свое дете, не се откажав и кога ми беше најтешко. Тоа ми беше мотивот. Што е најважно фестивалот Охрид фест - Охридски трубадури никогаш немаше пад, и во музичка смисла и во однос на тоа кои интерпретатори учестуваа. Фестивалот секогаш си го задржуваше нивото. Дури во последните години и се зголеми, со тоа што се пројави еден голем интерес и кај соседните држави да го преземаат преносот, што мене ми беше многу значајно од аспект и на тоа, што Охрид доби и максимална промоција. Секоја година Фестивалот почнува со 5 минутна репортажа, презентација на градот и неговите убави културни места. Сето тоа ми беше еден голем поттик да се издржи. И така 30 години, Меѓутоа, Министерството за култура не секогаш изгради критериум по кој ќе ги дели парите. Затоа што една манифестација, покрај својот квалитет кој треба да го поседува, е толку голема колку ќе ја видат луѓе. Ако Охрид фест успеа да биде пренесуван на преку 10 балкански телевизии, а преку сателитскиот канал и во Америка, Австралија, Канада, со право тврдам дека за сите 30 години самостојна Македонија ниедна културна манифестација не е преземена од ниедна балканска телевизија. Или ако се случило тоа било минорно. Годинава е 30 години, догодина 31 година Охрид фест, да сме живи и здрави.
ЖМ: Ја имате ли истата енергија како пред 30 години? Што се смени кај вас, освен ова разочарување што го имате?
- Разочарувањето е во тоа што сум имал можност кога некои мои пријатели – бизнисмени ми рекле: „Ајде, јас ќе ти давам тебе финансии, ти да заработуваш!“ Одговорот мој беше секогаш ист: „Ако има заработка девдесет проценти, ќе ти ја дадам истата само ти поддржи го фестивалот“.И тука завршува приказната. Многупати сам сум финансирал дел од Фестивалот, ама тоа било мој избор. Моето разочарување е што тешко го препознаваат успехот на Охрид фест.
ЖМ: Оваа година како јубилеј што ќе понуди Охрид фест? Што посебно ве прави среќен?
- Охрид фест – Охридски трубадури ѝ подари на оваа земја преку 2 илјади композиции на македонски јазик, од поп и од фолк музиката. Опеавме многу значајни личности. Сметам дека оваа година дојдовме до изведувачи кои со задоволство прифатија да дојдат. Тие се Дадо Топиќ, Неда Украден, Кики Лесендриќ, групата Рандеву, Принц и Гоца Тржан. Ќе бидат присутни и пејачи од Грција, Албанија и други земји. Значи ќе биде цел Балкан на Охрид фест, така што навистина Фестивалот ќе има што да понуди и се надевам дека за присутните во Долни Сарај и за гледачите пред ТВ екраните ќе направиме едно многу добро шоу.
ЖМ: Годинава славите исто така и 50 години кариера на македонската естрада. Но, се уште компонирате, се борите и не се предавате. Постојано сте во движење и во акција. На што се должи таа ваша виталност?
- Во принцип сум борец. Фала му на Господ мене се уште не ме напушта музичката идеја. Напротив, никогаш не сум имал повеќе музички идеи. Дотолку некој дел од мојот мозок се усовршиил во тоа, така што ако ми требало ден, два, пет дена да се задржам на некоја мелодиска линија или на некој текст, сега тоа се сведува на два-три часа.
ЖМ: Како ги создавате вашите песни? Дали се уште тоа го правите со вашата гитара или се модернизиравте?
- Тоа е друго прашање, модернизацијата. Живееме во време кога од соседството го земаме најлошото. Прифаќаме нешто што воопшто не е музика. Тоа е антимузика. На што го темелам тоа? Која е таа песна, ако не можеш да ја запееш? И тоа ќе го аргументирам. Најголемите светски хитови се балади. Почнувајќи од Ед Ширан, Сем Смит, Витни Хјустон, Брајан Адамс, Род Стјуарт, Квин, дури и хевиметалците, како Бон Џови, Скорпионс, останаа препознатливи само по баладите. Никој не може да се сети која брза песна имала траење повеќе од два-три месеци. Сѐ е тоа заборавено. Сега доминира кичот на балканските простори.
ЖМ: Кои песни ви се најдраги? Тие што ги испеа Маја Оџаклиевска, Тоше Проески, Владо Јаневски или Калиопи?
- Тоа се сите различни песни. Има многу. Сите песни ми се драги, не би можел да издвојам. Секако дека една „Не допирај ме“, или „Остани во мене“, или „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Усни на усни“, па да кажам и „Самовилска свадба“, „Црно тиквешко“, „Чаирска романтика“... Има многу песни кои ги создадов заедно со моите соработници и коишто станаа безвремеснски хитови.
ЖМ: Останавте ли во нешто недоречени? За нешто жалите или сепак сето тоа што сте си го ветиле, ќе го остварите во иднина?
- Не можам да жалам. Меѓутоа, еве нека биде еден апел до Македонската Радио Телевизија да најде сила и можности да се заложи да не се откажуваме од Песна на Евровизија. Зошто? Затоа што тоа е голема шанса, македонски автор, македонската композиција и македонскиот интерпретатор и Македонија, да ги гледаат и слушнат милијарда луѓе. Тоа што годинава не се појавивме на Евросонг е според мене голем минус и треба да се заложиме догодина да учествуваме, затоа што таа манифестација е една од најафирмативните што можат да се замислат. Без разлика на пласманот. Основно е да се претставиме достоинствено, а досега многупати тоа сме го потврдиле. На пример, познатиот Хампердинг пееше за Велика Британија на Евросонг и беше меѓу последните. Што значи тоа, дека во таа земја не чини музиката? Велика Британија владее на поп сцената во Европа. Еден период Италијанците не учествуваа на Евросонг, па и тие се вратија. Мислам дека нема аргументи да не се учествува на манифестацијата..
- Мислам дека ни недостасуваат музички емисии. Треба во радијата да има луѓе кои ја знаат музиката, барем минимално. Сега сме соочени со една работа во музиката: за најдоброто се вика најлошо и за најлошото се вика најдобро. Малку тоа ми пречи, ама се надевам дека ќе оди на подобро.
ЖМ: Одлично се држите за вашите години. Се храните здраво, пешачите, која е тајната? Како ви изгледа денот или тоа ви е во гените?
- Јас сум ранобудник. Излегувам во 7 часот и пешачам 5 километри. Тоа ми е задолжително секој ден. Внимавам и на исхраната, но најважна е физичката активност.
ЖМ: Дали некој од внуците го наследи вашиот музички талент?
- Ќе бев среќен ќерката или синот да го наследија мојот музички ген, но не пројавија интерес за музиката. Многу родители грешат, што настојуваат децата да го следат нивниот пат. . Јас не инсистирав на тоа. Е, сега, внукот Григор има големи предиспозиции да се занимава со музика, но сепак нема да настојувам по секоја цена да се занимава со неа. Сега тој пројавува интерес за музиката, па ќе видиме...
ЖМ: Родени сте во најубавиот дел на Охрид. Повеќето време на лето го поминувате во Охрид или сте во Скопје?
- Живеам од својата 18-та година во Скопје, меѓутоа, никогаш не реков дека сум скопјанец и никогаш нема да бидам тоа. Јас сум охриѓанец, месокастранец, уште живеам во куќата на мојот дедо, прадедо, и таа куќа ќе си остане за век и векови.
Соња Алексоска Неделковска