Хари е мил и посебен на свој начин: Трајче Китановски за јастребот кој го чува и за соколарството како професија
Низ скопските паркови, на кејот на Вардар, но во времето
кога нема многу луѓе, и деновиве низ центарот на Охрид внимание привлекува
Хари, јастреб или латински Parabuteo Unicinctus од
родот Парабутео.
За Хари, веќе три години посветено се грижи Трајче Китановски од Скопје. Соколарството, вели Трајче е ѓаволски тешка работа, и му пречи кога неговата професија некој ќе ја нарече хоби.
-Со Хари активно се дружиме веќе 3 години, го имам од неговата три месечна возраст. Го набавив од најдобрата одгледувачница од Загреб - ни раскажа Китановски за својот пријател. Многу труд и упорност му било потребно да научиш една ваква птица грабливка да лета слободно и да се враќа кај него.
- Соколарството е ѓаволски тешка работа која носи премногу искушенија и предизвици во животот, на нас соколарите е да се справиме со нив или да не се справиме. Умешноста на соколарот се гледа преку дресурата на својата птица. Затоа има една соколарска поговорка "покажи ми ја твојата птица и ќе знам каков соколар си". За да издресираш една ваква прекрасна грабливка да лета слободно, да те слуша и доаѓа по тебе небаре како кутре, да лови зашто и првенствено животот и природата ја скроиле треба многу знаење од областа на птиците грабливки и соколарството во целина, треба макотрпен труд и посветеност, 80% денот да ѝ го подариш само на нејзе и секако огромна љубов што е двигател на сево ова - вели Трајче Китановски.
Хари ги има сите потребни услови во кои треба да живее една птица грабливка кога е кај соколар. Зимно време си е на соколарски сталак, а додека пак летно време кога се митарат птиците грабливки и им е потребно да повеќе ги движат своите крила е во својата волиера.
Од луѓето, додава Трајче имало разноразни реакции на почетокот кога го гледале со Хари.
- Морам да напоменам сите оние кои сакаат да почнат со овој начин на живот наречен соколарство мораат да не се оптоваруваат со реакциите на луѓето од причина што ќе ги има секакви. Од луѓе кои ја ценат вашата работа и труд кои ве гледаат со восхит, до надмени луѓе кои пробуваат својата глупавост да ја претворат во врлина и да ве исмеат на некаков си чуден начин. Сега со тек на време навикнавме едни на други и таму каде што летаме со Хари си се знаеме сите и сме како една фамилија - го раскажува Трајче своето искуство со различните луѓе со кои се среќава.
- Соколарството во Америка го нарекуваат спорт, за нас во Европа е уметност во ловот и секако сите соколари ширум светот сме една фамилија и сме согласни дека соколарството е се само не хоби и ни смета кога некој ќе го нарече така. Сите знаеме дека е начин на живот, скап начин на живот (се смее) како и секое задоволство чини нормално, птиците грабливки јадат сирово месо но не е само тоа. Не можам од месара да набавам месо и да си го решам својот проблем, треба да му набавите иста храна каква што тој лови и во природата, а тоа се: еребици, фазани, голуби, зајци, глодари помали, поголеми. Морам и да напоменам дека не се работи секогаш за тоа колку тоа чини и за парите, оној кој сака да стане соколар треба да знае дека покрај парите кои точно дека се предуслов за се’ во животот па така и за ова патот е трнлив и не е поплочен со рози - додава Трајче.
Многумина, вели тој, му приоѓаат и го прашуваат каде да набават ваква птица, некои од хир а некои и навистина тоа го сакаат.
- Во соколарството нештата се поинакви, не можеме да набавиме птица од каприц и да ја чуваме, а при тоа да немаме поим од соколарство и од тоа што сака таа птица, а што не. За да станеш соколар потребно е некој кој е веќе соколар да прифати да ти биде ментор зашто соколарството меѓу другото подразбира менторство кое трае една година. За таа година дена излегувате на терен заедно со менторот и практично го учите соколарството и секоја негова тајна и цака, читате соколарски книги, правите соколарски вежби, гледате соколарски филмови за на крај да полагате соколараки испит. Потоа набавувате соколарска опрема која за жал ја нема во Македонија па правите услови за таа птица и сосема на крај набавувате птица - го опишува тој својот пат за тоа како да се стане успешен во оваа професија. Според Трајче, како и луѓето, така и животните-птиците имаат свој карактер.
- Секако дека како и ние луѓето така и птиците имаат свој карактер. Често пати велам Хари и јас едно те исто, буквално ни се случило низ овие три години со поглед да си кажеме многу работи. Тој е доста пргав и навидум нескротлив, а кога животот би го поминувале со него како јас на пример ќе сфатите колку е само мил и посебен на еден свој начин, а истовремено и страшен бескорпулозно бестрашен ловец.
Милица Џаровска
Фото: Мимоза Чолак