И мажите во Македонија користат ботокс и филери: Еве на кои делови и зошто
До недоглед можеме да зборуваме дали мажите треба да употребуваат ботокс... Ама едно е сигурно- светот се менува, не мирува, новите технологии, техники и медицината напредуваат со забрзано темпо, се случуваат револуции во областа и на убавината... А убавината е релативна, но ако не се негува, нема да биде континуирана! Надворешниот изглед на мажот е предодреден од многу фактори, ама грижата за него треба да вклучува спорт, теретани и духовна наобразба. А, дека и мажите стареат е процес кој може да се забави и да се избришат брчките. Кога може мажите да пресадуваат коса, зошто да не користат и ботокс или филери, како тоа што го прави понежниот пол... Се разбира, се е до умереноста, личната перцепција, самодвербата, стручноста. Никој со сила не ги тера мажите да прават нешта кои не ги сакаат во поглед на разубавувањето, меѓутоа ако имаат потреба од физичко надополнување на убавината, постојат решенија. Во ординацијата на Д-р Анчевски, реномирана дерматолошко естетска институција кај нас, често е посетена од мажи кои сакаат да направат нешта поврзани со нивниот изглед...
Разговараме за Машки Магазин со Доц. д-р Анета Кокалеска Петрушевска,
Спец. дерматовенеролог од Д-р Анчевски.
ММ. Светските трендови не нѐ заобиколуваат. Денес, како никогаш до сега мажите водат грижа за својот сопствен изглед. Не се само теретаните во прашање... Кога станува збор за негата на лицето и телото, кои третмани се барани од страна на посилниот пол?
- Не така одамна единствено прифатливо место каде што мажите оделе на естетски третмани биле берберниците. И денес има мажи кои преферираат да се задржат на тоа. Но онаа другата група која е во растечки број одбира да се грижи и негува за изгледот на својата кожа на лицето, односно телото. Мажите избираат нивните третмани да се одвиваат во ординација која се бави со естетско-корективни третмани како што е ординација д-р Анчевски. Уште од отварањето на ординацијата имало голем интерес за сите третмани кои не се разликуваат од оние кај женската популација, а кои вклучуваат, чистење на лице, ласерска трајна епилација, ласерско остранување на флеки, црвенило, кожни израстоци, естетски корекции со ботокс и филери и особено популарните третмани со мезотерапија против машка ќелавост.
ММ. Всушност, што најмногу користат нашите мажи од овие нешта и на кои делови најчесто?
- Иако поскромно почна трендот кај мажите за корекција на брчки со ботокс и филери пред 15 години кога што започна со работа ординација и низ годините сè поназначено е побарувањето на ваквите третмани. Ботоксот е често побаруван третман за корекција на брчки кај мажите. Мажите сакат да корегираат брчки околу очите, челото и меѓу веѓите. Се повеќе ботоксот се користи и за третирање на здравствени состојби како што е прекумерното потење под пазуви, дланки и стапала.
ММ. Имаат ли посебни барања од типот- сакам уста на Бред Пит или други светски познати мажи? Каков е вашиот совет во тој дел- дали може сѐ да се примени или сепак одреден тип на лице не може да го добие целосно тоа што го бара, туку она што е возможно да се направи?
- Мажите најчесто немаат посебни барања за изглед на лик со кој се поистоветуват. Ценам дека тоа е така бидејќи женскиот пол почнува рано односно после полнолетство со корекција на делови од лицето. Најчесто е тоа устата. Женскиот пол е исто свесен дека настанатите брчк ипотешко се коригираат, треба поголеми дози, а третманите пократко траат па порано почнуваат со третманите со помали дози повеќе во превентивни цели. Мажите подоцна бараат корективни третмани и многу поретко е тоа корекција на уста. Тие сакаат да корегираат веќе настанати брчки на лицето со ботокс или филери и не ретко и нос кој од различни причини не им се допаѓа а не се решени да применат хируршка корекција.
ММ. Колку време трае ботоксот или филерите кај мажите? Дали користат и хијалурон?
- Ботоксот и филерите имаат исто траење и кај мажите и кај жените. Ботоксот трае околу 6 месеци, а филерите зависно од применетиот продукт- една или две години. Разликата е во дозите. Кај маж се секогаш поголеми за да се постигне истиот ефект. Бидејќи мажите подоцна почнуваат со корекцијата и ботоксот и филерите пократко траат.
ММ. На која возраст се најчесто мажите кои бараат вакви услуги?
- Третманите кои веќе од пубертет ги применуваме и кај девојчиња и кај момчиња подеднакво се третманите за акни. Машката популација почнува со третмани исто толку рано колку и женската. ОД секогаш сме имале исто толку момчиња колку и девојчиња што покажува дека ни машкиот пол не е имун да изгледа убаво и негувано од мала возраст. Покрај што се препорачуваат козметика и соодветни лекарства, се препорачува редовно чистење на лице со кристален и хемиски пилинг како и со ласерски третмани. Се разбира, кога ќе помине периодот на акни исто подеднакво се бараат ласерските и мезотераписките третмани за корекција на лузните од акни. Веќе после 20 година машките побаруваат одржување на косата, превенција или третирање на машката ќелавост. Тоа се прави со различни коктели за мезотерапија, терапија со стем клетки, многу популарниот филер за коса и во последниве неколку години мезотерапија со лекови, кои содржат лековити супстанции за раст на коса. Многу барани третмани се и оние за ласерска трајна епилација на разни делови на телото најчесто, грб, гради, стомак и јаболкници. Во ординација д-р Анчевски од секогаш сме го прателе трендот за ласерска епилација со најсовремени апарати. И сега не е поразлично. Од неодамна работиме со ласерскиот апарат број 1 во светот – со трипла технологија кој ги уништува влакната и постигнува трајна епилација.
6. Што вие како еминентна докторка препорачувате за одржување на здрав машки изглед?
Јас работам на полето на естетиката од првиот ден на отварањето на ординацијата и се разбира ги поседувам сите сертификати за примени на најголем број светски естетски трендови, ласерски и инјекциони. Секогаш преферирам природен изглед без да има пренагласеност и извештаченост. Се разбира, понекогаш има и исклучоци од ова правило но тоа е на барање на пациентите. Кожата без разлика дали е машка или женска изгледа убаво кога е чиста ( без митесери, акни, флеки, капилари) и секако треба да се негува со медицински линии за машка кожа попрепорака на дерматолог. Брчките препорачувам навреме да се превенираат одошто да се коригираат, а истото важи и за здрава и негувана коса. Поефектно е навремено да се прават третмани за зајакнување корен на коса со мезотерапии барем еднаш или два пати во годината, одошто да почне процесот на ќелавење, бидејки тогаш потешко се постигнува резултат. На крај да не заборавиме да се погрижиме и за здравјето на кожата – редовно да се проверуваат бемките и да се прават прегледи кај дерматолог за израстоци и други наизглед наивни работи но откриени на време многу ќе значат за здравјето на секој човек, секако и на мажите.
Небојша Толески