ИЛЈАДНИЦИ УЧЕСНИЦИ НА ВОДНО – „SPARKASSE LIFE ПРВ ДО ВРВ“ ПОКАЖА ДЕКА СПОРТОТ ОБЕДИНУВА

На 18 мај, Водно пулсираше со енергија, насмевки и спортски дух.
Под мотото „Сите на Водно!“ се одржа 13-тото издание на спортската манифестација „Sparkasse LIFE Прв до врв“, која обедини повеќе од 4 000 учесници од цела Македонија и од странство, претворајќи се во најголемиот спортски настан што досега се одржал на Водно – и во најмасовното организирано планинско искачување во целиот регион.
Во пет натпреварувачки категории – планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, e-bike трка и тим-билдинг трка за компании – учесниците се натпреваруваа со голема посветеност, но и со дух на заедништво, поддршка и позитивна атмосфера.
„Со огромна радост ја гледавме целата таа маса луѓе како со ентузијазам го освојува Водно. Горди сме што ‘Прв до врв’ прерасна во симбол на заедничка енергија и страст кон здравиот начин на живот“, изјави Ивана Петревска, директорка на Дирекцијата за маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка АД Скопје.
Ова се победниците во секоја категорија:
Во трката планинско трчање во категорија мажи прв до врв оваа година беше Мухџахид Мислими, додека во категорија жени прва беше Вера Урдаревска.
Во трката друмски велосипедизам во категорија мажи прв до врв оваа година беше Петар Колекевски, додека во категорија жени прва беше Елена Петрова, која го подобри својот рекорд од минатата година и постави нов, со што ги зема сите 1000 € од наградниот фонд на Шпаркасе Банка за нови рекорди.
Во трката со електрични велосипеди најбрзи беа Дарко Блажески и Елена Зарковска.
Во тим-билдинг трката победи тимот на Axapta Masters 1, втори беа ВДЛ Ван Хоол Македонија и трети, А1 Македонија.
Освен спортот, настанот понуди и одлична музичка програма, забава, наградни игри и освежување, а релакс-зоната на Шпаркасе Банка беше вистинско место за краток одмор и уживање. Посетителите таму имаа можност да се освежат со ладно цедени сокови и сладолед и да се опуштат во удобна атмосфера. Дополнително, Шпаркасе Банка ги изненади присутните со доделување вредносни ваучери за спортска опрема во износи од 100, 200 и 300 евра, носејќи уште поголема радост и мотивираност кај љубителите на активниот начин на живот.
Годинава учествуваа и многу вработени од Шпаркасе Банка, кои преку личен пример ја поддржаа мисијата за активен живот и здрава заедница.
„Водно заслужено го носи приматот на најпозната спортска дестинација во регионот, благодарение на ваквите манифестации. Преку платформата Sparkasse Life, продолжуваме да ги поддржуваме луѓето и настаните што се грижат за физичкото и менталното здравје, заедништвото и одговорноста кон природата“, додаде Петревска.
Следното издание на „Sparkasse LIFE Прв до врв“ е најавено за 17 мај 2026 година.
Дотогаш – спортскиот дух нека нè води и Водно нека остане нашето заедничко место на инспирација.