„Имав „случајна“ средба со Груевски во Будимпешта, му кажав дека овде ме викаат „премиере“ и дека ќе го менувам додека е таму“: Интервју со актерот и стендап комичар Жарко Јованови

Во неговата лична карта стои дека Куманово е неговото родно место, но за калемење на својот занает, решил да дојде во метрополата. Дипломирам на Факултетот за драмски уметности, а првата реплика на јавна сцена ја изговорил во аматерска претстава.
Жарко Јовановиќ денес го познаваме како актерот и стендап комичар кој многу добро знае да одглуми ликови од политичката сцена, новинари, па дури и некои инфлуенсерки.
На неговите шеги се смеевме и на последното издание на „Златна бубамара на популарноста“, каде повторно го „оживеа“ ликот на експремиерот Никола Груевски, за што доби најголеми овации и аплауз.
Само неколку месеци потоа Жарко ја имаше и првата те-та-тет средба со премиерот и тоа среде Будимпешта. За впечатоците од средбата со Груевски, како и за средношколските, студентентските денови, стендап комедијата како култура кај нас, но и кој е политичарот кој не може да го имитира во интервјуто кое следува …
ЖМ: Актер, стендап комичар каде си највеќе свој на своето?
- Актерството, тоа е мојата првична професија и пред сè нешто што го правам долго време. Секогаш е потребно поседување на неисцрпна креативност при градењето на секој нареден лик во претставите и пред камерата, многу барања, но пак си некој друг полесно е, во стендап комедијата си изложен самиот себе си многу повеќе, ти самиот стоиш зад делото, нема режисер и партнери, поинаку е.
ЖМ: Која е приказната за Жарко Јовановиќ, што беше пресудно за се одлучиш за актерството како твоја професија?
- Интерес за оваа работа ми се јави многу одамна уште во основно, кога завршив со тренирање на фудбал, сфатив дека тоа не е за мене, а сакав да се занимавам со нешто слично. Нешто во коешто ќе ме гледа публика пак и ќе има некој тренер таму од страна да не организира како да играме, а во театарот и филмот тоа е режисерот. И сфатив дека треба да сум актер. А и кога го изгледав филмот „Големиот бел Нинџа“ со Chris Farley и видов како се забавуваат во филмот, посакав и јас да пробам.
ЖМ: Прва претставата и лик кој го играше?
- Тоа беше одамна, ако зборуваме баш за прво појавување на сцена во некоја претстава, аматерски во 8-мо одделение. Играв во една аматерска претстава „Monno“ во режија на Драгана Таневска, тогаш никој од нас во екипата немаше дипломирано нешто поврзано со театарот. Е токму тогаш беа изговорени моите први реплики на сцена, не се ни сеќавам каков лик играв, некаков мајстор можеби, само знам дека имав доста трема и не се слушав ни до првиот ред (се смее) … А во прва професионална претстава баш во продукција на Театар играв во детска Петар Пан, таму го играв ликот на Џон оној со очилата.
ЖМ: Какво дете беше и дали талентот за глума го препознаа твоите од мали нозе?
- Па, да некако ме влечеше тоа од мал, ги имитирав моите по дома, учителите. На маскенбал секогаш сакав некоја креативна маска каде што нема да бидам само маскиран, туку и ќе го глумам ликот таму во училиштето.
ЖМ: Тинејџерски години … бунтовно или мирно момче?
- Бунтовно … Па штом сум се занимавал со театар како тинејџер нешто придонело и од тоа, книгите, филмовите, а само такви и гледав … „Дечко који обеќава“, „Црни Бомбардер“, „Млад и здрав као ружа“, „Breakfast club“ тие ми беа на врв на списокот во тинејџерско време.
ЖМ: Деновите од факултет … како се сеќаваш на нив? Со кои актери кои денес се дел од актерската сцена беше во ист клас?
- Тоа се најинтересни денови … Доаѓаш прв пат во голем град во метропола еееј (се смее) … Се шегувам, не мрднувавме од тоа бифе на ФДУ, таму беа главните журки, се дружевме цела класа, бевме како едно големо друштво. Со нив и ден денес се дружам, од детски театар да кажеме Матеја и Никола, Сара Климоска која е доста позната во филмскиот свет кај нас, Никола Ристески кој покрај актерството прави и рап музика и кај нас го знаат многумина и по тоа … Тамара Ристоска годинава баш беше на Берлинале … Виктор Бужаров пак е во Прага, а и други да не набројувам кои исто така бележат успеси и награди што на страна што овде кај нас … Голема и добра класа од 13 души, професорката Сузана Киранџиска сигурно е горда на своите студенти.
ЖМ: Македонската јавност те запозна преку видеата кои ги објавуваше на твојот Јутјуб канал „Ајде за зажмуримо“ со имитации на познати личности, па потоа започнаа стендап шоуата. Дали токму ова беше да кажеме „отскочна даска“ во твојата кариера?
- Она што го сфатив е дека после видеата мора да имам настапи во живо. Затоа што тоа е тоа што веројатно како актер најмногу ме исполнува, настапот пред луѓе. Тоа шоу со многу имитации со задоволство го играв пред публиката. Но она прво појавување кога публиката за прв пат дозна што правам веројатно е во емисијата „Еден на Еден“ кај Жаре. За да на крајот дојдат и тие настапи на „Бубамара“ нешто за што како настан во живо и манифестација будело најголем интерес кај мене. Дека тоа е местото за таков вид на комедија.
- Има интерес да, за комедија како гледам има многу повеќе интерес отколку да отидеш да изгледаш некоја „драма“ во театар. Тоа се должи веројатно на се она што се случува општествено меѓу нас, па кога ќе излезеш да гледаш нешто, сакаш да отидеш да гледаш комедија … Најбитно е за претставите и настаните да има публика, а публиката овде ја има се повеќе. Па можеби актерите погледнале од тој аспект дека надвор од театарот подобро да направиш продукт од типот на комедија претстава или стендап отколку да се вложиш во алтернативна претстава. Таквиот театар дише на жабри. А големите револуции поминаа одамна, така да веројатно тоа е.
ЖМ: Режисерите на театарски претстави велат дека за да се направи една комедија е навистина тешко, бидејќи со тоа треба да го насмееш народот, а рецепт за тоа нема. Дали преку социјалните мрежи и објавување на видеа го проверуваш пулсот на публиката, а потоа многу полесно знаеш што може да биде успешен стендап?
- Нема рецепт за тоа … Тоа некогаш се покажува како така и на социјалните мрежи. Некогаш ќе објавам некое видео кое мислам дека за мене е доста интересно, можеби нема да наиде на голема публика … А некогаш ќе објавам обичен виц којшто нема некоја предлабока содржина и тоа ќе го видат многумина кај нас и ќе привлече голем интерес … Народ бира (се смее) … Како и да е за настапите кога ги правам одам со нешто што е добро познато за сите и универзално … И такво нешто постои, а тоа е веројатно и клучот на тој стендап да го фатиш пулсот.
ЖМ: Што тебе те смее?
- Мене ме смеат, ситуации, обични луѓе, а не нешто изрежирано како некоја американска комедија на Нетфликс или слично … На пример најубава комедија ми се гафовите или изјави на наши граѓани кај нас, па погледнете какви изјави има тука, на пример за „ИПАРД фондови“, легендарното. Такво нешто не може да се изглуми.
ЖМ: Општо кумановци се познати како позитивен народ којзнае да се шегува, но дали кога настапуваш пред своите кумановци имаш поголема трема?
- Трема мора да имаш, сепак тоа е знак дека знаеш да ја носиш одговорноста и дека стоиш зад нештото. А во Куманово некогаш, па знае да биде и ослободувачки, имам да кажеме некои претстави коишто биле на дијалект и коишто знаеш дека баш во Куманово би биле најприфатени и кумановци се поистоветат со тој тип на хумор бидејќи е црпен од тоа секојдневие таму.
Целото интервју на ЖЕНСКИ МАГАЗИН