Инклузивен фудбалски турнир - Пристап за секого
Фудбалската федерација на Македонија заедно со ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, организираше инклузивен фудбалски турнир со цел заеднички да испратиме порака дека е важен пристапот и вклученоста на лицата со попреченост на спортските терени.
На турнирот организиран на тренинг центарот „Петар Милошевски“ учество земаа седум училишта од Македонија претставувани со машки и женски екипи. Идејата што ја пренесуваме е само потсетник дека треба да даваме екнакви можности на сите за спорт и здрав живот, за квалитетно и инклузивно физичко образование и за подобро ментално здравје.
Заменик генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Дрилон Ганиу заедно со претставникот на училиштето „Св. Наум Охридски“, Станислав Мирчевски го отворија денешниот турнир и им додели симболични награди и признанија на учесниците.
- „За нас е чест и привилегија што имаме можност да бидеме вклучени во проекти кои придонесуваат за поголема инклузивност на сите кои на било каков начин се вклучени во фудбалската игра. Се соочуваме со низа предизвици во делот на обезбедување еднакви услови на сите и инклузија на лицата со попреченост, но со поддршка од ФФМ и организацијата CAFE - totalaccess, на добар пат сме да ја подигнеме свеста и да влијаеме и на другите организации и институции да преземат чекори во таа насока“, изјави Дрилон Ганиу.