ИНТЕРВЈУ- Д-р Владимир Чадиковски: Вистинскиот џентлмен секогаш го дава најдоброто од себе
Да се биде џентлмен не е само одредница за прикажување на маж со манири, туку со себе носи и одговорност. Всушност, целина од повеќе нешта кои содржат софистицирана машкост.
Кај нас има џентлмени кои секогаш и секаде можете да ги забележите- посебни се! Не само по начиот на кој се облекуваат, туку како зборуваат, однесуваат, нивната самодоверба, пораката што ја носат...
Скопје и годинава беше дел од глобалното хуманитарно движење „The Distinguished Gentleman’s Ride“ кое се одржува во чест на машкото здравје. Стотина вљубеници во класичните мотори облечени во елегантни костими продефилираа низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста кај јавноста за машкото здравје и борбата против ракот на простата. Меѓу нив беше и д-р Владимир Чадиковски, специјалист по детска хирургија, супспецијалист по детска кардиохирургија. Човек кој несебично се дава во својата професија. Еден од најдобрите. За него од секогаш било својствено џентлменството, а тоа се гледа токму преку неговата појава, став, движење, харизма, мисла... На мотоцикл, ја даде својата поддршка кон машкото здравје, а за Машки магазин ни открива што тоа значи...
ММ. Која е сржта на оваа акција, која е пораката, што сакате да се постигне?
- Distinguished Gentleman’s Ride или Возење на истакнати џентлмени е настан кој се одржува на светско ниво, чија цел е да се подигне свеста за машкото здравје, пред се превенција од ракот на простата. Скопје оваа година по шестти пат беше дел од ова големо хуманитарно движење. Важно е да се нагласи дека не станува збор за никаква трка, наша цел и желба е со возењето низ улиците на главниот град да испратиме порака дека грижата за машкото здравје не е само грижа на поединецот и дека е редно време да се подигне нивото на свесност кај машката популација за потребата да се грижат за сопственото здравје.
ММ. Зошто во костуми, како Вие се облековте и на каков мотор возевте?
- Како што напоменав, возење на истакнати џентлмени е глобален настан кој се одржува и организира под строги правила и насоки. Па затоа постои и правило за тоа каков вид на мотори може да учествуваат на настанот, но постои и прирачник за тоа како треба да изгледате на истиот. Замислата на организаторот во Австралија, место во кое и започнува ова движење, е со елегантниот несекојдневен изглед за возење на мотор, да се привлече што поголемо внимание на случајните минувачи, а со тоа и што повеќе да се пренесе и пораката поради која се организира овој настан. Јас се одлучив да возам XSR 700 Yamaha Custom.
ММ .Дали за прв пат настапувавте или сте редовен учесник?
- Ова е мое прво учество, се приклучив пред се‘ поради целта на настанот. Како маж, но и како доктор знам колку е голема потребата во нашата земја да се зголеми свесноста кај мажите за грижата за сопственото здравје. Редовните контроли и здравиот начин на живот треба да ни бидат приоритет, бидејќи значително влијаат врз превенција од појава на голем број на болести и состојби. Од друга страна. страствен љубител сум на мотори и многу ми е драго дека на овој настан бев опкружен со блиски пријатели кои како мене веруваат во важноста и потребата од ваквите движења и настани.
ММ. Каква е Вашата препорака за грижата за машкото здравје? На што треба мажите најмногу да внимаваат?
- Факт е дека кај нас се неопходни отворени и јавни дискусии за машкото здравје, занемарувањето на здравјето на мажите е и повеќе од честа појава. Мажите почесто ги одложуваат рутинските прегледи при редовни или при хронични состојби. Ако зборуваме конкретно за подигнување на свеста за превенција од ракот на простата исклучително е важно е да се нагласи дека раната фаза на рак на простата обично и не предизвикува симптоми. Затоа неопходна е редовна превентивна посета на уролог. Затоа и мојата порака е да не се одложуваат редовните неопходни контроли.
ММ. Дали се облекувате и приватно во костим или вашиот стил на облекување е сепак по релаксиран?
- Не сум голем љубител на костумите и ги носам само на формални настани. Најкомотно се чувствувам во спортска варијанта, посебно после поминати долги часови во операциона сала. Изминативе две години активно возам мотор па затоа и се повеќе ми привлекуваат внимание парчиња на облека соодветни за таа намена.
ММ. Што претставува за вас еден џентлмен?
- Многу често мажите се опишуваат како џентлмени поради начинот на кој изгледаат. Но моето искуство зборува дека не сите добро облечени моќни мажи се џентлмени. Пред се‘, вистинскиот џентлмен секогаш го дава најдоброто од себе, почитува, поседува манири, има силен карактер и силна желба за помош на секој на кого му е потребна во неговата околина.
Небојша Толески
Фото: Проватна архива, Вангел Тануровски