Интервју: „Корона проект“ на Проф. Др. Миодраг Врчаковски
Тој е добитник
на Националната награда Св. Климент, која се доделува за исклучители
постигнувања во медицината. Основоположник
е на интервентна
Неврорадиологија во земјава.
Исклучителен доктор, еден од најдобрите во својата област. Оние кои го
познаваат подобро Проф. Др. Миодраг Врчаковски ќе кажат дека е човек со ведар дух, поетичен и создаден да
помага. А, има помогнато на многу... Работниот елан не го напуштил. Во време на
коронавирус, докторот е постојано активен професионално, а приватно, токму во
овие неизвесни времиња создаде мал рај направен со неговите раце. Рајот го
нарече „Корона проект„ фантастична градина поттикната од самиот вирус, од изолацијата,
од потрагата по душевен мир... Специјално за Машки магазин, дозволи да
„ѕирнеме„ во неговото дело за кое навистина треба обемна работа, желба и волја,
а тој сето тоа го има!
ММ. Како настана „Корона проектот“? На кое место е создаден? Се работи за обемен проект кој бара многу трпение. ...
- Во овие опасни времиња на живеење, кога светот се соочува со казната божја наречена Ковид-19, во времињата на немоќ, страв, забрана за движење, полициски час и физичка изолација, секој од нас е во дилема како да се издржи сето тоа. Можеме ли тој пораз на човечкиот род, таа наизглед безизлезна состојба да ја претвориме во победа? Јас имам своја животна филозофија, мое мото кое од секогаш ме води низ животот: “Поразот е првиот чекор кон победата”! Ние луѓето сме духовни воини, генератори на бесконечна духовна енергија сокриена длабоко во нас, микровселена поголема и повозбудлива и од макрокосмосот. Треба само да се свртиме кон себе, да нурнеме во бесконечните простори на душата за да ги откриеме тајните закопани длабоко во нас, за да се откриеме себе си. Ретки се оние кои во нормалните услови на живеење, во трката за кариера и пари имаат време да се свртат кон себе....
Се случи чудото наречено КОРОНА и тоа промени се... Мене широко ми ги отвори очите и ме натера целосно да се свртам кон себе, да истражувам, да експериментирам. Времињата на полицискиот час и изолацијата ми беа идеален повод и божја инспирација за себеоткривање и бројни духовни инспирации и креации.
Една од нив беше конечно да си го цивилизирам со години запуштениот двор преполн со стари оставени и заборавени работи расфрлени саксии и ѓубре и купишта бели украсни камчиња што јас ги купив пред десетина години, на кои патината на времето одамна им ја украла белината.
Вонредната состојба предизвикана од короната,забрана за движење и полицискиот час ме инспирираа, да не кажам несакајќи, ме натераа еднаш за секогаш да му ставам крај на тој мој дворски хаос. И така, тивко, спонтано и речиси неочекувано во мојот двор, во семејната куќа во Црниче, се роди “Проектот Корона”. Тој е целосно моја духовна креација од идеја до реализација.
Сам креатор, сам реализатор! Три недели ми беа потребни да ги реализирам моите идеи, но за мене тоа беше и уживање и огромна релаксација.
Знаете ли само колку камчиња офарбав со бела боја за да им го вратам сјајот....Неколку илјади, камче по камче... Погледнете ги фотографиите и се ќе ви стане јасно... Во фарбање не ми е равен ниту еден политичар.
ММ. Од каде ја црпевте креативноста? Имавте ли скици, план, се двоумевте при изборот на материјал?
- Креатвноста ја црпев од длабочините на мојата душа. Скиците и плановите се раѓаа на дневна основа- ќе фрлев поглед на делот од дворот што треба да го средувам и веднашќе ми се родеше идеја. И расфрланите матерјали кои неискористени со години се криеја од моето видно поле под дебелата сенка на оревот засаден од татко ми Радивој пред педесетина години и оние одамна заборавени во подрумските простории, ми беа инспирација и предизвик повторно да ги употребам и да ги вратам во живот.
ММ. Што е се потребно за една градина која би ви понудила спокој?
- За мене прв основен услов е љубовта. Љубовта кон сите, љубовта кон луѓето, љубовта кон цвеќињата, љубовта кон камчињата, љубовта кон се’! Таа ме води. Раширете ја меѓу тревките, меѓу цвеќињата помилувајте ги со неа нерасцутените пупки и ќе видите дека ќе се случи чудо. Таа ќе стане најубавата, најволшебната градина на светот. Мојата градина е огледало на мојата душа.
ММ. Која е суштината на таканареченото кормило со медицински маски, а е креација која е можеби најавтентична?
- Овој проект е најдиректна заслуга на Ковид- 19. Да не беше тоа зло ви гарантирам дека проектот никогаш немаше да го реализирам. Професионалните работни обврски и секојдневната животна рутина немаше да ми го дозволат тоа. Работата од дома, забраната за движење и полицискиот час многу ми помогнаа целосно да се посветам на оваа речиси невозможна мисија. За спомен и сеќавање како и во знак на благодарност на вдахновеноста што ми ја подари, на короната и го посветив кормилото со маските како симбол на инспиративното дејство на коронавирусите, позитивен симптом на болеста кој никој досега во стручната литература не го опишал.
ММ. Ја менува ли свеста пандемијата?
- Секако, ни открива една нова целосно запоставена димензија, светот на духовните вредности и креативноста, не тера да размислуваме за минливоста на животот, за тоа како да се победи времето. Нашите дела се нашите духовни наследници, тие, патувајки низ времето, го премостуваат јазот мегу оние што биле и оние што доаѓаат. Нашиот живот се нашите дела.
ММ. Како доктор, како гледате на коронавирусот?
- И покрај сите зла што овој смртоносен вирус ги посеа и на најоддалечените делови на планетата Земја, за мене тој е и несопирлива инспирација, божја казна која во исто време е и животен предизвик на илјадници светски медицински умови да го откријат лекот, да ја направат вакцината и да го победат ова зло, поразот да го претворат во победа. Сигурен сум дека тоа наскоро ќе се случи.
ММ. Кој би бил ваш совет до граѓаните?
- Почитувани граѓани, Ковид- 19 не е фикција, не е имагинација, не е лага туку опасен и подол невидлив непријател кој ве демне на секој чекор. Следете ја логиката на здравиот разум и заштитете се сами, користете заштитни маски и одржувајте ја безбедната дистанца. Ве молам да не одите на јавни собири. Не се собирајте во групи, не правете забави. Не им верувајте на “премудрите” свештени лица кои ви велат дека Коронавирусите не постојат.
Ако сте верници не собирајте се во верските храмови, докажете дека сте вистински Господови и Алахови чеда и славете ги верските празници на најбожествен и најдостоинствен начин, дома, со вашите сакани. Господ бог и Алах не се некаде далеку, тие се во нас, во нашите души. Ние луѓето сме нивните храмови божји, нивните џамии, нивните цркви и манастири. Потребно е само да се свртите кон себе за да се обедините со нив и да се помолиме за доброто на сите. Само така ризикот од инфекција ќе го сведеме на минимум.
ММ „Корона проект“ можеби точно опишува што претставува изолацијата и што се може да се изроди... Дали имате следен проект?
- Ќе ви повторам уште еднаш. Мојот КОРОНА ПРОЕКТ е конкретен доказ дека секој миг од животот е полигон за духовен вознес, духовна стимулација, мој пример за тоа како наизглед бесполезното и јалово време на физичка изолација може, со помошта на силата на љубовта, да се трансформира во креативна духовна инспирација, да се материјализира. И вие го можете тоа.
Најдете време, соберете сили и зачекорите по патот што води кон длабочините на вашите души... Само така ќе можете да стигнете до себе. А јас веѓе сум на крајот од мојот најнов професионален животен проект, мојата најнова книга “Вистини за дискус херниите низ приказни од животот” во издание на Матица Македонска. Таа ќе ја здогледа светлината на денот до крајот на овој месец. Мислам дека прилично ве измалтретирав со моите филозофии....Крајно време е да ви кажам довидување!.......Чекајте луѓе, Владата објави нов полициски час, од четврток навечер до понеделник наутро....Супер... Мојот корона проект ќе продолжи...Точно знам што треба да направам и знам дека ќе уживам во тоа! Следете го мојот пример и уживајте и вие! Да уживаме заедно.
Небојша Толески