Ивор Мицковски: Кога нешто ве мачи одете на лекар, на психијатар, пробајте да бидете поголеми од себе и подобри кон другите
Со векови било правило дека мажот кој не носи брада или мустаќи не е вистински маж. Културата на нега на „крзно на лицето“ одбележа и направи препознатливи многу историски личности како Салвадор Дали, Максим Горки, Адолф Хитлер, Карл Маркс... Брадата и мустаќите на „посилниот пол“, традиционално сфатени како симболи на мажественост, според истражувањата, повторно заземаат значајно место во секојдневната слика на модерниот маж.
Резултатите од истражувањето во кое учествувале Британки на возраст од 18 до 44 години покажуваат дека понежниот пол „преферира“ мажи со брада од два или три дена. Тие ги сметаат за многу попривлечни од мажите со избричено лице. Така, испитаниците ги доживуваат како донекаде груби, зрели, доминантни и мажествени, но и како најдобри љубовни партнери, без разлика дали се работи за краткотраен флерт или за долготрајна врска.
Токму симболот на брада и мустаќи е земен за да се претстави и поттикне грижата за машкото здравје и движењето наречено „Мовембар“ кое секој ноември со години низ светот помага за свесноста, посебно кога се работи за ракот на простата.
Машки магазин ја помогна оваа кампања со земање на неколку наши познати личности кои носат брада и мустаќи и нивните ставови на оваа тема.
А, непоколеблив во своите ставови на различни теми е и Ивор Мицковски, политички аналитичар и советник, колумнист и новинар специјализиран за надворешно-политички прашања. Еве што вели за брадата и мустаќите кои се негов заштитен знак:
„Брадата отсекогаш играла важна улога во сите култури. Ако е долга и бела најчесто асоцира на мудрост и знаење, додека другото пејоративно значење верувам ви е познато. Брадата никогаш не е само мода, макар имало и хипстери и повеќе берберници од пекари.
Кај мене во семејство татко ми носеше секогаш брада, дедо ми не, брат ми не, но мене ми дојде природно и ја носам повеќе од 20 години.
Така е и во светот и во историјата, Александар Македонски и Петар Велики немале, Маркс и Хемингвеј имале. Оние со брада не можеме да ги замислиме без, оние без не можеме да ги видиме со брада. Но, е феномен кој излага од чисто естетското, има и нешто политичко во него, некоја мимикрија и затскривање, или некое нагласување, некое издвојување. Секако, брадата е модерна и рурална во исто време, ја детерминира одредено културно поле, кое се движи од традиционалното, до уметноста, политиката, модата и музиката.
Ноември е окарактеризиран како месец на машкото здравје, како тој се грижи за своето? Што му е најважно, на што придава најголем приоритет?
- Пробувам да одржам здравост во телото и во духот, се разбира без опсесии и претеризми, некогаш и безуспешно, но сепак мислам на тоа и се бавам со тоа. Најважно е да се има баланс, физички и ментален, да се работи, но и да не се, да знае човек да си даде одишка и од стрес и од работа, а понекогаш и во работата да најде здравост и лек за себе. Важно е секој да се грижи за себе, за да може да се грижи и за другите. Што се однесува конкретно до здравјето, после 40 години верувам дека е важно за сите, и мажи и жени, редовно или барем еднаш годишно, да прават проверки и контроли- додава Мицковски.
Во ерата на се поголемата грижа за сопственото здравје, токму сега кога и технологијата е напредна, паралелно се одвива и процесот на „подмладување“, и кај двата пола. Естетската хирургија зазема се поголем замав, и мажи и жени се подложуваат на разно разни третмани. Да се врати времето наназат не може, но да се успори процесот на стареење е возможен.
- Староста е верувам предизвик, физички и ментален. Добиваш на искуство и на мудрост ама губиш на други полиња. Не знам какви синдроми постојат, но сигурно и помладувањето е станато еден вид на мода, па и еден економски сектор. Секој е слободен да одбере што го помладува, но што и да направиме физички, останува психолошкиот и ментален пристап кој не смее да се заборави. Верувам дека најсоодветно е секој да разбере што му прилега со стареењето, каков изглед, однесување, носење и мислење. Така да, ако би имал некаков страв, не е толку од староста, туку од тоа како би се носел со староста. Би сакал тоа да е достоинствено.
Во воведот спомнавме дека со векови било правило мажот кој не носи брада или мустаќи- не е вистински маж. Тоа секако дека не е сосема точно, но точно е дека постојат алфа мажи и џентлмени. Обично и двете категории жените ги обожаваат, но некои и ги презираат. Термините се тие, а мислењето на Ивор е следново:
Алфа мажјак ми е примитивен, да не речам позајмен од животинскиот свет термин за однесување во дадена средина. Ние живееме во општество, во заедница, а не во трибална и природна средина каде хиерахијата и сировата сила треба да детерминираат нечија позиција и однесување. Џентлемен ми звучи доста редукционо и извикано. Не е доволно маж да има добри манири, позади тоа треба да постои суштина, карактер и грижа за другите, биле мажи или жени. Да се биде денеска партнер или пријател, тоа бара работа, труд и посветеност. Да се биде исправен и точен како маж, неопходно е да се препознае слободата и автономијата на жената или секој поединец. Верувам тоа е многу потешко, но и поважно, од тоа да се биде само алфа мажјак, џентлемен или патер-фамилијас.
За крај, ова е неговата порака кон сите мажи, посебно во делот на здравјето:
„Работете на себе, трудете се околу другите, воздржете се од ниски страсти и прости резони. Кога нешто ве мачи одете на лекар, на психијатар, пробајте да бидете поголеми од себе и подобри кон другите“.
Небојша Толески
Фото: Приватна архива