„Јас без високи потпетици не излегувам од дома, не одам ни ѓубре да фрлам“: Интервју со Оле Поцкова од „Зевзекманија“

Шефица е на монтажата во Канал 5 Телевизија, без високи потпетици не излегува ниту да фрли ѓубре, духовитоста е нејзина главна особина и привилегирана е што е единствено женско во екипата на „Зевзекманија“.

Росокосата „џебна венера“, Оле Поцкова со нејзиниот ведар дух заедно со останатите од екипата на емисијата „Зевзекманија“, преку хумор и сатира го пресликуваат парадоксот на нашето општество цели 18 години.

Дружењето после снимањата кое најчесто завршува во кафеана е еден вид тим билдинг и терапија за сите, но и момент кога се раѓаат идеите за следното снимање.

Хуморот кој го гледаме кај Оле преку телевизиските екрани не е само за на тв, тоа ќе го забележите и во нејзините одговори подолу во разговорот.

Која е Оле Поцкова приватно, која е нејзината примарна професија, како влезе во проектот „Зевзекманија“, што ја смее се дел од прашањата на кои одговори во интервју за Женски магазин.

ЖМ: Македонската јавност ве препознава како тв лице од проектот „Зевзекманија“ кој се емитува на Канал 5 Телевизија. Скоро 18 години сте дел од оваа приказна. Како започна идејата и како вие влеговте во овој проект?

-Кога ќе помислам дека поминаа 18 години ми изгледа како долг период, но од кога сум „внатре“, како годините да поминаа за миг. Претпоставувам дека и за мене важи реченицата „кога нешто работиш со љубов времето брзо поминува“.

На почетокот ја монтирав емисијата „Вера надеж и љубов“ исто на Горан Величковски, како и „Зевзекманија“. Кога тој проект згасна, логичо беше и следниот проект да го монтирам јас. „Зевзекманија“ се состои од граѓански дел и од игран дел. По извесен период се јави потреба од женски лик, немајќи кој - почнав јас, а имајќи го во предвид другарството меѓу мене и Горан тоа се наметна како неминовно, за да се помогне во ситуацијата.

ЖМ: Вашата примарна работа во матичниот медиум е монтажата. Како најдовте заедничка работа во монтажата и хуморот на „Зевзекманија“?

-Јас сум филмски и телевизиски монтажер по професија, имам дипломирано на ФДУ. И покрај „канцелариската работа“ хуморот е дел од мене, претпоставувам дека тоа го носам во својот ген и природно беше  покрај работата со монтажа да се надоградам со хумористичните улоги во „Зевзекманија“. По природа духовитите луѓе се „наоѓаат“ еден со друг и секако во голем дел придонесува за добра тимската работа.

ЖМ: Кога прв пат се појавивте пред камерата и како го доживувате тоа појавување сега од оваа дистанца?

-Леле колку имав трема... Ние на факултет учевме „Игра пред камера“ ама ова беше потполно ново искуство. Научениот текст не можам да го изговорам. Некаква чудна состојба е тремата. Но во секој случај сметам дека тремата е позитивна работа, не ти дава да се опуштиш некако те држи под адреналин. Сега е потполно различно од тогаш, затоа што сепак искуството си го направи своето.

ЖМ: Секојдневието е вашата инспирација, она што го претставувате во телевизиската емисија е парадоксот на денешницата и тоа е она што го смее народот. Што вас ве смее?

-Ме смее и мене парадоксот во општеството, но и итроштината на нашиот народ во секојдневната комуникација. Не може народ кој ќе преживее вакви „епохи“ да нема „нишка“ хумор во својот ген. Ние сме општество кое продуцира повеќе историја отколку „ГДП“, така што материјал „Зевзекманија“ има на претек.

ЖМ: Колку членови во моментов брои семејството на „Зевзекманија“ и кој за што е задолжен?

-„Зевзекманија“ во моментов брои 5 членови. Двајца Горановци, додуша еден е Ѓуро, друг е Величковски,  Игор – Баркли, и тон мајсторот Тони Стефковски. Тоа е постојана постава која секогаш победува и нормално не се менува. Минатата година со нас беше и Нина Величковска, но таа отиде да се бави  со ,,сериозна професија”- графички дизајнер.


ЖМ: Знаете ли вашите професионални дружби да завршат и надвор од работното место/време, пример во кафеана?

-Ми се чини дека и поради тоа и снимаме, за да одиме во кафеана да го потврдиме пријателството, се зезам!!!!

Одењето во кафеана е традиција после напорниот ден. Тука се  муабети од композиција на кадар до љубовни проблеми!! Сите се духовити, многу смеа, но и продуктивни муабети се разговараат тука. Во кафеана се и најискрените муабети кои подоцна ги преточуваме во „сценарио“ за идните емисии. Дружењето после снимање е како тим билдинг или терапија за сите нас.

ЖМ: Која е Оле Поцкова кога не е пред камерите?

-Која е Оле... Весела госпоѓица...лелеле сѐ уште „госпоѓица“, која „едри“ низ животот со полни гради и го живее секој ден да биде подобар од претходниот.

Остатокот од интервјуто на овој линк ЖЕНСКИ МАГАЗИН