Важното не е да си успешен, а среќен - кога си среќен, си успеал: Игор Дамјанов македонецот кој гради успешна кариера како артист во Бугарија

Седумнаесет години твори и работи во соседна Бугарија. Во оваа европска земја нашиот Игор Дамјанов е познат водител, актер, шоумен. Потекнува од Виница, градот во кој се пронајдени познатите ранохристијански теракотни икони.  

Игор за Машки магазин отворено зборува за себе, за пандемијата и важните работи во животот, кои се неговите идни планови, со какви предизвици се соочува и дали се смета себе си за успешен.


*Пред да се запишеш на факултет во соседна Бугарија, дали имаше желба да останеш да живееш и работиш во Бугарија?

Не, апсолутно не. Кога си на 19 ти не си созреан толку за да направиш таков избор. Причините се многу, не знаеш каде ќе одиш и многу важно не знаеш што те очекува. Животот си тече и како што си на 19 веќе си на 36 и разбираш каде се наоѓаш. Лично си мислев дека после студирањето ќе се вратам дома, но многу работи се сменија оттогаш. Поминаа 17 години оттогаш и сега сум друга личност.

* Колку години си таму и како се развиваше твојот пат на успехот?

Како што веќе споменав, 17 години. Од 2003 до денес. За успехот може многу да се зборува. Секој успехот е различен затоа што има и различни мерни единици за него. Јас сум некаде на почетокот на тој пат и според моите мерки за мерење на успехот сеуште не сум успеал. Важното не е да си успешен, а да си среќен, а кога си среќен си успеал. Јас сум успешен затоа што сум среќен.


* Во Бугарија си доста познат, дали кога те среќаваат луѓето по улица те поздравуваат и бараат ли од тебе автограми?

Не би кажал доста познат, а нормално (се смее). Да убаво е да те поздравуваат на улица заради тоа што го правиш, но за мене е подобро ако те поздравуваат заради тоа што си. Ако те поздравуваат заради двете работи, тогаш се‘ е во ред.

* Што работи во моментот Игор? Дали наскоро може да очекуваме некој твој проект и во Македонија?

Тешко е да се каже што работам.  Го завршувам проектот „Почувствувај ја Бугарија“ со Кристијан Ѓоргиев и се одмарам колку може од тешкото лето.На 27 септември по БТВ излегува премиерно емисијата „Ловци на храна“ и секоја недела од 12:30 часот ќе се емитува до крајот на годината. Од 8ми септември почна и третата сезона на емисијата „100% Будни“ по БНТ – Бугарската национална телевизија и секој ден се емитува како утрешен блок. Таму сум репортер и ко-водител. Очекувам и нова пиеса за да се вратам на театарската сцена после локдаунот што ни се случи заради КОВИД-19. И уште многу работи ако ми стигне време, но тие како и се во животот ќе си ме најдат сами.


* Дали и како се смени твојот живот во време на пандемија од коронавирус?

Да нормално. Криво ми е што неможам да се вратам во Македонија за да се видам со моето семејство, но сум благодарен што има интернет и секој ден можам да сум во врска со нив. Знаете што, за некој оваа пандемија е криза, а за други можност. Прашање на гледна точка. Бев малку осамен за време на карантинот, сепак сум сам тука во Бугарија, но добро е што имам пријатели со кој можев и можам да споделам се‘. Сцените беа затворени, но јас најдов нови начини да бидам до публиката и блиските. Мислам дека оваа пандемија ми покажа кои се важните работи во животот. Се надевам дека и другите луѓе го разбраа тоа.

* Од каде потекнува Игор?

Потеклото ми е Прилепско во голем дел од мене, но сум чистокрвен Виничанец. Роден сум во добро семејство и чесна фамилија. Прадедо ми се е вратил од Чикаго и место да се врати во Селце, Прилепско заживеал со прабаба ми Фета, која починала на 103 години во Виница. Се друго е историја.


* Твој омилен проект, глума, емисија?

Сите проекти ми се омилени. Сега енергијата ја трошам за последниот проект „Почувствувај ја Бугарија“ и ми е омилен, после истото ќе биде со новиот и така натаму.

* Македонија или Бугарија?

Европа!


* Што и дали ти пречи нешто во македонската театарска сцена?

Немам поглед над македонската театарска сцена, но би сакал да се сретнам со неа. Филмската од друга страна е фантастична, но има на каде да се оди. Среќен сум за колегите што имаат шанса да прават тоа за кое се родени.

* Колку време не си бил дома? Што ти недостасува најмногу од родниот град?

Од февруари... Најдолгиот прериод во мојот живот во кој не сум бил дома. Имам навика барем еднаш на два месеца да бидам со моите родители, но сега заради ситуацијата сум приморам да сум тука. Во моментот сум на Црно Море и некако полесно ми е се (се смее). Во Виница ми недостасуваат луѓето. Останаа малку. Ме обзема тага, но ги разбирам сите. И тие како мене работат и гледаат да живеат добро, но сум сигурен дека ми недостасува градот и спокојниот живот таму.



* Што недостига на Македонската сцена, телевизија, јавност? Подобри проекти, емисии, претстави, филмови, манифестации, натпревари?

И недостасува едно нешто, побарување. За да твориме треба да има луѓе кои ќе го консумираат она што го правиме. И не само да бараат, туку да сакаат и квалитет. Ако публиката сака квалитет и ние ќе движиме напред и ќе се развиваме. Тоа е тоа што ни фали и во Бугарија и во Македонија. Во моментот побарувачката за уметнички творби од сомнителен карактер, демек кич. Ние како артисти не треба да го предлагаме тоа и да се оставаме да не води тоа, а да држиме на квалитет и на уметност, но да биде достапна за луѓето и да има воспитен карактер, така како што го правеа артистите кога ние бевме мали и учевме од нив.


* Многу години работиш во Бугарија, и таму како и секаде во светот има луѓе кои без разлика колку и да си успешен и свој, знаат ли да те закачат, да ти префрлат за твоето потекло за вечната борба за историјата меѓу двете земји? И како реагираш на тоа?

Тој спор е за ниско интелегентни луѓе. Ние сме луѓе на иднината, а во иднината нема место за такви спорови. Звучи како утопија и клише, но е така. Треба да гледаме напред. Тоа е и мојата реакција. Јас верувам на тоа што ми го има кажано дедо ми и баба ми и ако и тие споделуваат своја гледна точка. Мој и само мој избор е да бидам тоа што сакам и по начинот по кој сакам без да пречам на другите и никој не може да ми го попречи тоа право. Јас сум и секогаш ќе бидам Македонец.

* Македонки или Бугарки?

Жена со срце, па каква сака нека биде.

* Идни планови?

Што и да правам се разбира рано или касно. Ако има нешто ќе го разберете со сигурност и тоа први.


Н.М.