КАКО КОРОНАВИРУСОТ ГИ НАДМИНА ЕБОЛА, САРС И МЕРС: Заразени над 82 000 луѓе

Нова видео анимација покажува како коронавирусот со брзината на ширење ги надмина САРС, МЕРС, епидемијата на ебола и свински грип, пишува Дејли меил.

Анимација на компанијата „Абакаба“, која е објавена на Јутјуб на 12 февруари споредува како брзо се ширела секоја од наброените болести откако еднаш се пријавени првите случаи.

Така се гледа дека од почеток вирусот корона се ширел побавно од еболата, САРС и свинскиот грип. Но, 41 ден по избивање на епидемијата, имало 243 заболени од ебола, 182 од МЕРС, 520 од свински грип, а 3600 од САРС. Во споредба со тоа, 41 ден од избивање на епидемијата на корона вирусот, на 12 февруари имало повеќе од 41 700 заразени во светот, додека тој број денес изнесува над 80 000.

Поранешен службеник во Центрите за контрола и превенција на болести, д-р Роберт Ајмлер, изјавил за „Дејли меил“ дека бројни патувања низ Кина - од каде потекна и вирусот од градот Вухан - и можноста за пренесување на вирусот преку воздухот придонесоа за негово брзо ширење.

Новиот вирус потекнува од семејството корони, што значи дека е роднина на САРС и МАРС, меѓутоа, до моментот кога епидемијата на САРС се намалила во мај 2004 година, биле заразени 8.098 и 774 умреле, што е стапка на смртност од околу 10 проценти. . Во ноември 2019 година, имало 2.494 потврдени случаи на пациенти со МЕРС и 858 смртни случаи, со стапка на смртност од 34 проценти. Засега, новиот вирус корона - Ковид-19 - изгледа помалку смртоносен, но се шири многу брзо.

Д-р Ајмлер смета дека ова брзо зголемување на заразни случаи веројатно се должи на Кина - од 82.000 потврдени случаи, повеќе од 78.000 се од оваа источноазиска земја.

- Најголемата експлозија се случи во Кина и тоа веројатно се должи на огромниот број патувања низ целата земја - рече тој.

Нова епидемија на вирусот избувна во пресрет на Лунарната нова година, кога луѓето ширум светот отпатуваа за Кина за да слават, што е е една од најголемите миграции во светот. Помеѓу 21 јануари и 1 Март се очекуваа три милијарди патувања во земјата.

Новата анимација ја спореди и тековната појава на ебола во Западна Африка во 2014 г. Еболата се пренесува преку крв а не преку воздух, додека САРС, МЕРС и новиот вирус се респираторни, поради што оваа смртоносна болест не се шири толку брзо.

-И покрај фактот дека еболата е различна, карактеристика на сите епидемии е што на крајот завршуваат - вели Ајмлер.

Тој смета дека епидемијата на новиот корона вирус наскоро ќе заврши, но препорачува луѓето да останат претпазливи и да преземат лични мерки на претпазливост, особено честото миење на рацете и избегнување контакт со пациентите. Тој им препорача на патниците да носат свои перници и ќебиња во авионите.