Ќе биде ‘жешко’, сите очекуваат победа и премија од милион денари

Неверојатна е атмосферата во салата „Борис Трајковски“ пред почетокот на ракометниот натпревар меѓу Македонија и Словенија, за квалификациите на Европското првенство .

 Не може да се опише, мора само да се доживее. Салата е исполнета до последнпо место. Билетите се распродадоа за два дена. Се пеат песни, се веат македонски знамиња на 6.000 навивачи.

Ова е прв настап на македонската репрезентација пред својата публика после Светското првенство во Хрватска каде игравме одлично. Публиката составена од различни генерации ќе биде ветер во грб за победа против „змајчеки“, кои сигурно ќе се обидат да останат непоразени во Скопје.

Ќе биде ‘жешко’, сите очекуваат победа. И ракометарите и стручниот тим, но и новиот претседател на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Александар Стефанов, кој предложи премија од еден милион денари за играчите ако се оствари победа.

Словенците се врвни и искусни ракометари. Ние имаме млада и полетна екипа. со голем квалитет. Ќе биде тешко. Но, кога е најтешко знаеме да играме најдобро. Напред Македонија!

С.А.Н