Кој е македонскиот ракометен бомбардер со прекар „Фитиљ“?

Филип Кузмановски полека и сигурно прераснува во вистински лидер на македонската ракометна репрезентација. Многумина велат дека тој има вистинска бомба во рацете и дека кога ќе шутне, топката лета кон противничкиот гол со голема брзина. Неговиот прекар Фитиљ доволно зборува за неговата експлозивност како играч и за неговите ракометни перформанси.

-Битола е позната по прекарите кои им ги даваат на луѓето. Го добив прекарот уште како мал. Ме нарекоа фитиљ бидејќи имам многу трпение и не избувнувам лесно – ни откри Кузмановски.

На Светското првенство во Хрватска сите наши противници се уверија во моќта на нашиот капитен, кој долго време беше на врвот на листата на најефикасни играчи на ова првенство и доколку Македонија се пласираше во четвртфиналето, сигурно ќе беше во врвот на најефикасните играчи. Но, и вака се најде на високото 5-то место на финалната листа на стрелци на првенството. Историски беше неговиот успех во првата фаза, кога постигна неверојатен 31 гол на три меча, а притоа ги излудуваше голманите на Унгарија и Холандија, а нивните одбранбени играчи немаа решение за неговиот скок шут.

Од друга страна, тој покажа и еден многу хуман гест, кој не е честа појава за врвните спортисти кај нас, па и во светот. Тој пред натпреварот со Гвинеја на Светското првенство купи 40 билети за македонските навивачи кои останаа надвор од салата, а поминаа долг пат за да навиваат за своите миленици. Со овој потег тој покажа и докажа дека е вистински лидер на оваа македонска репрезентација, но и голем спортски џентлмен, кој ги сака и почитува своите многубројни фанови. 

Неговите контри и во ракометниот клуб Еурофарм Пелистер и во репрезентацијата се убиствени, при кои жестоко напаѓа од гол на гол и речиси секогаш топката завршува во мрежата на противничкиот голман. Сѐ почесто знае да игра и колективно и наместо да шутне, да ја додаде топката до подобро поставениот колега и да намести зицер. Тоа е негов нов квалитет, кој секако дојде со неговата зрелост како ракометар. Пеналите се посебна приказна во неговата кариера. Знае ефектно да погоди неколку пенали во низа, но и да промаши некој важен пенал односно да биде прочитан од противничкиот голман. Одбраната не му е многу силна страна, па во последно време селекторот Лазаров наместо да го вади од игра кога се повлекуваме во одбрана, го праќа во аголот односно на позицијата 5. Или 1, зависно од која страна броите во одбраната. И таму се снаоѓа сосема добро. Во Еурофарм Пелистер е најважна алка и годинава прикажа одлични партии во сите настапи на овој тим во Лигата на шампионите, а беше директна инспирација и за сите освоени негови бодови во ова најелитно натпреварување.

Тој е бескомпромисен борец на теренот, знае да биде храбар и да преземе одговорност во најтешките моменти на тимот, а честопати успева да постигне и решавачки гол со звукот на сирената.

Го нарекуваат македонски бомбардер, кошмар за голманите, лидер со голема капитенска одговорност, а скромен во своите изјави и секогаш во функција на тимот. 

Филип Кузмановски на 3 јули ќе наполни 29 години, започнал како фудбалер во ФК Пелистер, а потоа се предомислил и ги поминал сите возрасни категории во ракометниот великан од Битола, каде што дебитирал за првиот тим на само 17 години. А започнал да тренира ракомет на 15 години и прв тренер му бил Игор Николовски Ќани, кој го будел во шест часот наутро, за да тренира во паркот и на секое дрво го терал да прави финта, да трча на планината...

По авантурата во Металург во времето на Лино Червар, кој го нарекува втор татко, Кузмановски се врати во Битола, по што следуваше неколкугодишното германското печалбарство во Магдебург, Хановер и Вецлар и добрите партии во Бундеслигата. Пред две години Филип сепак реши да се врати во својата Битола и да му помогне на Еурофарм Пелистер во неговите обиди да постигне што подобри резултати во Лигата на шампионите, но и во домашното првенство, кадешто е големо ривалството со Вардар и со Алкaлоид. Го паметиме уште како лидер на јуниорската репрезентација на Македонија која го освои шестото место на Светското јуниорско првенство во Алжир во 2017 година, а Филип постигна 35 голови. Од Европското првенство во Полска во 2016 година Филип Кузмановски е важна алка и инспиратор на играта на сениорската репрезентација на Македонија.

Од октомври 2024 година, веднаш по поразот од Веспрем во Лигата на шампионите, Филип доби и нова улога, стана татко на Матијан, за што се пофалија со сопругата Моника на социјалните мрежи.

А ова е интервјуто кое го даде за ЖЕНСКИ МАГАЗИН

 Соња Алексоска Неделковска