Колку „тежат“ најбогатите македонски спортисти: Тие знаат како да заработат милиони- чесно и со труд
Одредени спортови се многу платени. Посебно фудбалот, кошарката, па и ракометот. Најбогатите спортисти во светот располагаат со стотици милиони евра, заработени со труд, пожртвуваност, талент и професионализам. Токму овие атрибути ги красат и нашите најдобри спортисти кои во своите кариери заработија и заработуваат солидни суми изразени во- милиони евра.
Иако е тешко да се процени нивното стекнато богатство, неколку планетарно познати и реномирани веб страници се занимаваат со тоа кој колку заработил низ годините, колку чинат трансферите, колку нивните договори... Интересно е тоа што македонските спортисти се на тие листи и високо котираат. И скоро кај сите вакви сајтови, сумите на заработка се слични, горе- долу.
За потесување, ова се сумите кои се сумирани последниве години, што значи скоро на сите контото им е зголемено до овој момент.
Приближното богатство е најчесто направено според неделна, месечна и годишна заработка и еве го и резултатот:
Горан Пандев
Според сајтот Salary Sport, најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев заработил 12 милиони фунти. Од истиот сајт велат дека годишно во Џенова заработува по 832.000 фунти.
Перо Антиќ
А, според сајтот The Squander, нашиот најдобар поранешен кошаркар Перо Антиќ „тежи“ 18 милиони долари. Започна да игра професионално во 1999 година. Играше за КК Работнички, АЕК- Грција, Црвена Ѕвезда, ПБЦ Лукоил Академик- Бугарија, Локомотив, Олимпијакос, Фенербахче- Турција... Има освоено многу престижни награди за својата игра, а се вивна во ѕвездите како дел од тимот на НБА, поточно клубот Atlanta Hawks. Најмногу заработил како дел од овој клуб со кој потпиша договор во 2013 година. Играше и во кошаркарската репрезентација на Македонија. Сега е претседател на Македонската кошаркарска федерација.
Дарко Панчев
Пензионираниот најдобар фудбалер во историјата на Македонија, Дарко Панчев според сајтот Idol Networth има 5 милони долари. Тој се приклучи на Југословенската прва лига во 1982 година и брзо стана најдобар стрелец. Своите фудбалски почетоци ги бележи во ФК Вардар Скопје во младинската школа на истоимениот клуб. Уште на самиот почеток од својата фудбалска кариера ги изрази своите напаѓачки атрибути. Од 1982 до 1988 година играше за својот матичен клуб. Со прикажувањето на одлични голгетерски способности му се отвори нов хоризонт кон неговата кариера и тоа во гигантот Црвена Ѕвезда каде што настапи четири години. Доби златна копачка за најдобар напаѓач во Европа со 34 постигнати гола и на црвено-белите, а воедно даде голем придонес за освојување на лигата на европските шампиони во 1991 година. Во тие моменти доживеа светска слава и имаше одлични понуди од неколку светски гиганти но тој се одлучува да стане нов член на Интер Милано. Премина потоа во уште неколку европски клубови како Локомотив Лајпциг, Фортуна Диселдорф и ФК Сион кога во 1997 година на само 32 години ја заврши својата кариера.
Кирил Лазаров
Нашиот најдобар ракометар и капитенот на македонската ракометна репрезентација во 2015 година според сајтот Alux се најде на списокот на најплатени ракометари со импресивна заработка, сума од 11,2 милиони долари.
Поранешниот играч на Барселона е носител на светски рекорд, кој се состои од најмногу постигнати голови на 9 натпревари за неговата репрезентација. И ред други светски ракометни награди.
На 13 години настапувал во младинската екипа на РК Овче Поле, потоа во РК Борец од Велес, РК Пелистер, хрватски Бадел 1862 Загреб, РК Веспрем од Унгарија, РК Атлетико Мадрид од Шпанија, Барселона, а во јануари 2015 година, медиумите во Хрватска објавиле дека годишната плата на Лазаров во Барселона изнесува 450.000 евра, со што тој станал третиот најплатен ракометар во светот, по Домагој Дувњак и Никола Карабатиќ.
Елиф Елмас
Уште еден милионер на листата, најмлад од сите останати. Се работи за фудбалерот Елиф Елмас кој според сајтот Wtfoot располага со 8 милиони фунти до 2021 година. Сега многу повеќе.
Својата фудбалска кариера ја започна во фудбалската школа Форца од каде потоа се пресели во Работнички каде стана професионален фудбалер. Потоа потпиша петгодишен договор со турскиот гигант Фенербахче. Веднаш потоа, турскиот клуб објави дека за трансферот на играчот на Работнички му биле исплатени 180.000 евра.
Р.М.М.