Стил // Совети
„Костимот во Македонија…“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ е задолжителна лектира за идните модни креатори и костимографи

Многубројни книжевници, новинари, модни креатори, филмски и театарски работници, со силен аплауз и многу емоции ѝ оддадоа почит на Зорка Тодорова-Младеновиќ, на промоцијата на нејзината нова фотомонографија „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“, што се одржа вчеравечер во Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Книгата, што е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е круна на досегашната работа на познатата костимографка.
– Книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ е сублимат на мојата досегашна работа како костимограф на многубројни филмови, театарски претстави, но и на сите историски костими во Музејот на македонската борба. Оваа фотомонографија ја препорачувам на сите што сакаат да се занимаваат со модно креирање и костимографија. На факултетите и школите за мода денес повеќе се насочени кон модата, а не кон историскиот дел на облеката. Но, имаат време, им препорачувам да навлезат и во овој дел на модниот дизајн, како значајна основа. Изучувањето на историјата на облекувањето, поточно на костимографијата и модата, отсекогаш било од голем интерес за мене. На моите студии во Белград и во Париз имав среќа да студирам кај професорите Павле Васиќ, како и кај госпоѓата Ивон Деландр – една од најпознатите историчарки на костими во Франција. Со неа имав можност да влезам во повеќе депоа каде што се чуваа оригинални облеки од минатите векови, а исто така ми овозможуваше да ги гледам ексклузивните модни ревии на најпознатите модни креатори од тоа време. Подоцна, во мојот работен век како костимограф, работев костимографии за повеќе играни филмови („Жед“, „Мементо“, „Истрел“, „Црвениот коњ“, „Прашина“, „До балчак“, „Исправи се, Делфина“, „Војната заврши“, „Хај-фај“ итн.), како и за многу телевизиски филмови и драми и имав можност да истражувам и да го запознам костимот и од нашата земја. Запознавањето со облеките во Македонија го дополнував и кога ги правев костимите за восочните фигури во нашите музеи во Скопје, Штип, Битола, Ресен и Кавадарци. Во тој период имав можност да соберам огромна документација од записи и фотографии за облеките во Македонија од појавата на фотографијата, па до денес. Како професор на Факултетот за ликовни уметности, а подоцна и на Институтот за текстил на Технолошко-металуршкиот факултет, ги држев предметите историја на костим и мода, креација на мода и конструкција на уникатна облека. Во тоа време за студентите имав подготвено интерни учебници – вели авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.
– Продукцијата на изданијата поврзани со креативните индустрии и визуелните уметности е во континуиран пораст. Земајќи го предвид фактот дека живееме во време кога сè помалку се чита, ова се чини по малку и парадоксално. Ваквиот вид литература за историјата на костимот, за модниот дизајн и облеката, претежно достапна и интересна за модните дизајнери, костимографите и етнолозите, сметам дека кај нас го нема одгласот што го заслужува врз пошироката публика, а би требало да биде сосем спротивно. Па, можеби и со таа цел, меѓу другото, се наоѓаме пред еден вреден примерок за историјата на облекувањето на овие простори, кој, збогатен со цртежи, фотографии, но и сликовити извадоци од романот „Крпен живот“ на Стале Попов, со ретко привидна леснотија ги документира нашиот костим и нашите обичаи преку облеката... „Kостимот во Mакедонија од појавата на фотографијата до денес“ не е само уште една историја на костимот и облеката туку претставува и вреден пресек и анализа на комплексниот феномен наречен мода и костим – истакнува Лидија Георгиева.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.
ПР објава