КОВИД-19 ВО РЕГИОНОТ: Секој ден има повеќе од 1.000 новозаразени лица во оваа земја
Земјите од Балканот повторно се на удар од
коронавирусот. Словенија во моментов најефективно се бори против пандемијата
од Ковид-19, додека во многу земји ситуацијата е алармантна.
Во Словенија, во последните 24 часа се тестирани 2.489
лица, а потврдени се 77 новозаразени со вирусот ковид-19, два помалку од
претходниот ден.
Сега, вкупниот број на заразени од почетокот на
епидемијата е 3.389, 33 пациенти се лекуваат во болници, од кои пет се на
интензивна нега, а двајца се опоравиле, објави Министерството за здравство на Словенија.
Бројот на активни случаи на инфекцијата е 634, а
досега починаа 135 лица како резултат на Ковид-19.
Поради зголемувањето на бројот на новозаболени
лица во последните неколку дена, во Словенија се разгледани нови мерки, но по
состанокот на владиниот кризен штаб со епидемиолозите беше објавено дека засега
нема да има нови ограничувања.
Словенија во моментов е најефикасна во борбата
против коронавирусот во регионот, по што следи Србија.
Во последните 24 часа во Србија се регистрирани 58
нови случаи на инфекција, што е мало намалување во споредба со претходниот ден.
Едно лице почина, а 35 пациенти се на апарати за дишење.
Бројот на нови случаи во Хрватска е 291 и два
смртни случаи, во Босна и Херцеговина има 286 новоинфицирани и пет смртни
случаи, а во Црна Гора лабораториите на Институтот за јавно здравје на Црна
Гора завршија со PCR анализа на 569 примероци и регистрираа 128 нови позитивни
случаи на коронавирус, без смртни случаи.
Додека во земјава, во последните 24 часа се регистрирани 121 лица кои се позитивни на ковид-19, три лица починаа, соопшти Министерството за здравство.
Во Унгарија, во последното деноноќие коронавирусот
е откриен кај 476 лица, двајца починале, а во Бугарија се евидентирани 122 нови
случаи и 10 смртни случаи.
Во моментов, ситуацијата е најтешка во Романија,
каде има зголемување на бројот на заразени и двоцифрен број на смртни случаи.
Регистрирани се дури 1.380 новоинфицирани лица, а
47 лица починаа како резултат на коронавирусот. Во Романија вкупно 4.065 лица
починаа од почетокот на пандемијата.