Лаф- муабет со Методија Илиевски: Битолчаните посветуваат поголемо внимание на својот изглед од Скопјаните
За Методија Илиевски алиас Менде на битолски, како што
вели, жителите на конзулскиот град зборуваат исклучиво суперлативно. Уште во
раната младост, на 19-годишна возраст, кога ја организирал работата во неколку
познати кафулиња, ги убедил сите во менаџерските способности, а потоа се префрлил
во продажниот сектор на „Пелистерка“ со
кој раководел извесно време. Континуираното надградување и поставувањето
на реалните цели во животот, како савоар вивр, придонеле за негово успешно
работење и како советник на Градското собрание на Битола (три мандати со ред)
од СДСМ, и како раководител на подрачната единица на Министерството за
земјоделство, шумарство и водостопанство, и како меѓународенракометен судија на EHF. А, има неполни 35 години.
ММ: Па добро, како успевате да ги синхронизирате, усогласите работите со кои се занимавате професионално?
- Навистина е напорно и потребно е доста енергија во текот на денот за навремено да ги завршам своите обврски. Не паметам кога сум немал обврска или подолг период не сум бил без некаков ангажман. Но, така живеам веќе долго и ако тоа не е така, не можам да функционирам. Искрено, најбитен момент ми е сонот. Доколку претходната ноќ сум поминал 8 часа в кревет, тогаш без проблем ги реализирам своите обврски во текот на денот. Исто така, нешто без кое не можам е физичката активност, активен сум скоро секој ден. Обично за време на викендите, кога се наоѓам на ракометниот терен во улога на судија, ги полнам батериите. После добар натпревар сум како нов, тоа ме исполнува.
ММ: Тука е и Вашата фамилија, сопругата и синчето. Дали сметате дека им се посветувате доволно имајќи ги предвид Вашите ангажмани, работни обврски? Како го поминувате времето со нив?
- Синот е нешто што ме прави среќен, нешто што ме тера да продолжам да работам и поставувам цели. Јас сум човек кој често пред себе поставува цели и сум истраен и упорен максимално до моментот на реализација на одредена моја цел. Не се откажувам. За тоа да биде така, во многу ситуации ми помогнале моите најблиски, фамилијата и пријателите на кои сум горд. Никогаш не ги заборавам, но добро знаат и тие дека секогаш можат да сметаат на мене.
ММ: Вашиот партиски, вклучително и стажот во политиката е долг, а имате 35 години, неполни. Која политика Ви е приоритетна - културната, образовната, стопанската, трговската, финансиската? Кон што се стремите? Зошто се определивте за неа?
- Се определив за политиката поради социјалдемократијата и социјалдемократските вредности кои ги има партијата во која сум член од моето полнолетство. Битола е градот за кој се борам да биде модерен и европски. Во Битола живеам цел мој живот. Тука сум го поминал детството, сум го завршил образованието, тука е роден мојот син и тука сакам да живеам до крајот на мојот живот. Омилена темата во политиката за мене била и секогаш ќе биде Битола!
ММ: Како советник на градското собрание, избраник на народот, стилот или начинот на однесување со луѓето е особено важен. Каков е тој? Имате ли време да им се посветите? Што мислите за политикантите, за луѓето што се занимаваат со дневна политика, дејствувајќи од ситни, лични интереси? Има ли такви? Што ќе им порачате?
- Јас сум непосреден човек, вратата во мојата канцеларија е отворена за секој, да помогнам секаде каде што можам. Стилот се изградил самиот низ годините и низ обврските. Секогаш присутен на време на сите состаноци, почитувајќи го сопственото време, но и времето на останатите, ме прави да бидам сериозен.
Луѓето знаат сѐ. Доволно се упатени и информирани во денешно време за да можат да прават споредби. Понекогаш позитивните критики се добредојдени, особено кај политичарите. Дефиниција за мене за политика, која често знам да ја употребам... Што е политика??? Според мене, маратон без крај. А, кој е победникот??? Тој што најдолго ќе се задржи во маратонот. А, кој се задржува најдолго??? Оној што има визија и цел. И оној што чесно и достоинствено ја обавува својата функција.
ММ: Факт е дека внимавате на својот изглед. Како ќе го дефинирате стилот, начинот на облекување? Сметате ли дека е битен, суштествен за политичката работа?
- Соодветниот и уредниот надворешен изглед се најбитни. Секогаш внимавам според обврската да изгледам пристојно и модерно. Речиси никогаш не експериментирам. Модерно елегантна и спортска гардероба се стиловите кои ги преферирам. Како и мојот карактер, така и мојот имиџ се изгради низ годините и обврските. Живееме во модерно време во кое може многу лесно да се обезбедат информации или фотографии, да се видат новите модните тррендови. Младите треба доста време да трошат на темата стил и изглед бидејќи надворешниот изглед според мене е огледало на душата. Како се чувствуваш, така се облекуваш.
ММ: А, како се облекувате вообичаено? Елегантно или? Кога носите лежерна облека? А, зиме? Што носите во текот на зимата?
- Секогаш соодветно спрема обврските и активностите кои ги имам во текот на денот. Но, како што кажав, се трудам тоа да не биде никогаш пренагласено и да одговара на просторот и времето. Во зима секогаш топло. Зимурлив сум и се трудам да искомбинирам топла зимска облека со модерен изглед. Лежерно се облекувам кога сум на прошетка со својот син во природа или сум на ракометните терени да следам некој ракометен натпревар. Тоа е време за мене, за мојата душа.
ММ: Дали Вашата сопруга Ви сугерира што да облечете во некоја пригода? Дали се консултирате со неа повремено? Кој влијаеше најмногу врз градењето на стилот? Како се развиваше со текот на времето?
- Tаа живее за модата. Има мал сопствен бизнис, на битолски кажано бутик на Широк сокак. Морам да признаам дека модните трендови ги следи повеќе од мене. Често знаеме да дискутираме на таа тема и да се консултирам со неа. Како што кажав и претходно, стилот го градев и градам низ работните обврските и предизвиците. Секогаш треба да се биде во мода. Секоја доба во животниот век има свои специфики и симболики. Затоа сметам дека треба да се изгледа пристојно и модерно.
ММ: Уште како 19-годишник се занимавате со менаџерство, на почетокот во битолските кафулиња за подоцна да ја менаџирате и продажбата. Од кого ги наследивте менаџерските способности? Дали ги надградувавте консеквентно? И дали влијаеја на Вашата одлука да влезете во партијата, политиката?
- Менџерските способности, упорноста, трудољубивоста се дефинитивно карактеристики кои ги поседувам и се наследени од мојата мајка. Таа е Iron Lady. Никогаш не се предава и има доста големо животно искуство. Поседува мал сопствен бизнис повеќе од 25 год., кој успешно го надградува. Влезот во партија беше спонтан. Најбитни се социјалдемократските вредности за кои искрено се залагам, но и друштвото. Другарите веќе беа дел од структурите на социјалдемократската младина, па знаете како оди тоа во тие години, каде другарите таму и ти.
Како ќе го дефинирате, опишете начинот, стилот на живеење во Битола и на битолчани? Како влијаеше на Вас и на Вашиот развој, во секој поглед? Има ли голема разлика од скопскиот на пример, од стилот на скопјаните? А, што им е заедничко?
Битола е еснавски град, мултикултурен град во кој стилот и модата не можат да поминат незабележани. Битолчани, особено битолчанки даваат доста значење на модата и изгледот. Во Битола се вели, за да се помини низ Широк сокак, треба да се биде среден, дотеран. За разлика од скопјаните кои според мене преферираат повеќе секојдневен изглед, мојот впечаток е дека, сепак, битолчаните обрнуваат повеќе внимание.
ММ: Французите имаат еден израз - савоар вивр (фр. savoir vivre). Според Вас, што значи „да знаеш да живееш“? Објаснете ја мудроста на живеењето. Се разбира, од Ваша гледна точка.
- Дефинитивно ЦЕЛ. Поставувањето на реални цели во животот и реализација на истите е, според мене, тоа што е најбитно во животот, особено за еден млад човек. Би бил најсреќен во животот доколку успеам да го насочам во тој правец да размислува и функционира мојот син. Сигурно дека нема да ги поставувам неговите цели и да му го одредувам патот. Тоа ќе го оставам на него. Мое е да му укажам, со мои животни примери, како јас сум ги поставувал целите во животот и реализирал истите.
Блиц прашања:
ММ: Иако е малечко, кои Ваши морални вредности сакате да му ги всадите, да му ги пренесете на синчето?
- Секако дека ќе се потрудам. Тоа е морална обврска на секој родител. Да знае дека треба пред сѐ да се биде човек, да се помага на луѓето, да се помага на сиромашните и никогаш да не ги заборава пријателите и најблиските. И најбитното, да биде вистински битолчанец. Да шета со чист образ низ Широк сокак и да се гордее на своите достигнувања како што се гордеам јас на своите.
ММ: Кои парчиња облека се класика според Вас?
- Според мене, класика се фармеките, секојдневните кошули, секојдневните палта кои изгледат модерно, но сепак секојдневно, но не и пренагласено.
ММ: Од ракометар до ракометен судија, што научивте од спортот? Дали спортскиот гест (фер плеј и чесност) е Ваша одлика? Дали политичарите „играат“ спортски, фер и чесно?
- Ракометот ме научи на професионалност, истрајност, упорност. За да се стане успешен спортист треба голема пожртвуваност и многу труд. Јас не станав професионален ракометар, но затоа денес сум меѓународен судија кој доста време вложува во лична надградба базирајќи се на тие вредности.
ММ: Кога се работи за хедонизмот како дел од стилот, начинот на живеење, дали важите за кулинар, обожавател на добро приготвена и сервирана храна? Која Ви е омилена? Дали ја приготвувате самите или некој друг?
- Не знам да готвам и мислам дека никогаш нема да научам. Едноставно не сакам да го правам тоа. Гурман сум, ја сакам традиционалната македонска кујна. Искрено, немам некое посебно, омилено јадење.
ММ: Очигледно дека суетата е присутна во сите домени, славољубието е „болка“ на денешнината. Што мислите, има ли спас за суетните луѓе? Како да ја надминат?
- Точно е тоа дека ја има во голема мера. Сигурен сум дека може да се намали доколку сите пред себе поставуваат одредени цели и се залагаат за реализација на истите и не се замараат што прават останатите.
Игор Ландсберг
Фотографии: од приватната архива на Методија Илиевски