Лаф-муабет со Даријан Сотировски: Папата Франциск е редок човек, неговиот понтификат бележи топлина и посветена служба на современиот човек кој страда од современиот свет
Комисијата за односи со верските заедници и религизни групи ја раководи
веќе петта година, ова му е втор мандат на соговорникот во денешниот лаф-муабет
- Даријан Сотировски, кој во средината на февруари годинава беше реизбран за
нејзин директор. Без оглед на експонираноста во медиумите од аспект на
функцијата што ја врши, работните обврски, но и активностите во родниот град -
Тетово, за читателите на „Машки магазин“ се
одлучивме да го интервјуираме на поинакви теми, кои вообичаено се
предмет на интерес.
Нормално, работата беше неизбежна бидејќи таа го причини разговорот, а се осврнавме и на признавањето, прифаќањето на МПЦ-ОА и заедничката богослужба на г.г. Стефан и патријархот Вартоломеј неодамна во Фанар, говоревме за папата Франциск и понтификатот, за протоколарноста и секако, за неговиот приватен живот - од начинот, стилот на облекување до исхраната. И нешто помеѓу, како на пример гаџетите, спортот, нарушените меѓучовечки односи, материјализмот... Д. С. инаку е правник по вокација, магистер по граѓанско право, а постдипломските студии ги заврши со просек 9,5. Има само триесет години.
ММ: Неодамна Ви започна вториот директорски мандат, КОВЗРГ ја раководите веќе петта година. Ќе ни кажете ли кои се Вашите успеси во работата, чии придавки се „најголеми“? Со што се гордеете особено? И како директор на КОВЗРГ и лично, како Македонец... На пример, факт е дека прифаќањето на МПЦ-ОА и секако, нејзиното признавање нѐ израдува сите православци.
Д. С.: Најмногу се радувам што ја оправдав довербата која ми беше дадена, но и заработив доверба од многу нови личности кои патем ги запознавав. Се гордеам, а особено ми импонира тоа што функцијата која ја добив релативно млад не ме промени, си ги зачував сите пријатели, а тие се она што секогаш вреди во животот, сѐ друго е минливо. Да ѝ се служи на татковината - беше, е и секогаш ќе биде најголема чест за мене. Бидејќи ова интервју е поглед кон понеекспонираната страна на интервјуираниот, не би го користел за истакнување на деловните успеси кои мислам дека не се мали. Тука секако би се вброиле реформирањето на институцијата, огромното подобрување на условите за работа, многуте проекти кои ги реализиравме, новото поглавје во соработката со верските субјекти и силната меѓународна активност која даде и големи плодови.
ММ: А, какви се Вашите очекувања во врска со томосот за автокефалност, кога Вселенската патријаршија ќе го издаде, што мислите? Во Фанар не се случи тоа и покрај силната желба, веројатно е рано. Сепак, литургијата во соборната црква Св. Георги Победоносец ќе ја држиме во сеќавање уште долго. Како се чувствувавте за време на богослужбата? И дали можете да ни кажете нешто за истанбулскиот кварт од времето на Цариград - Отоманската Империја, за фанариотите? Накратко.
Д. С.: Сметам дека вековниот сон на многу генерации Mакедонци започнува да биде наше јаве. Мудроста која е вложена, отвореноста и посветеноста нѐ донесе во една изградена и поволна положба. Томосот за автокефалност е формален аспект и растеретени од временски определени очекувања - мислам дека ќе го дочекаме следниот период. Оваа посета на Вселенската патријаршија не е моја прва посета на првопрестолната црква. Сепак, историскиот карактер на мигот ја прави оваа посета посебна по многу нешта. Беше величествено да се има честа да се црпат спомени преку непосредно присуство таму.
ММ: Во текот на Вашата служба и папата Франциск ја посети Македонија, во 2019-та чинам. Но, ќе ги споменам и Вашите посети на Ватикан од причина што сакам да Ве прашам за него, согласно порталната концепција и рубриката - што Ве импресионира во папската држава? Освен импондерабилиите, како на пример догмата за безгрешноста на папата, нешто друго Ви остава силен впечаток? Некои занимливости?
Д. С.: Посетата на Светиот отец папата Франциск ќе остане како еден од најголемите настани кои се случиле во Македонија во 21 век. Голем е по организационите предизвици кои ни ги отвори и искуствата што притоа ги исцрпивме, голем е и по дипломатското, културното, религиското и политичкото значење, големи беа и пораките кои се испратија во тој миг, кога светот беше свртен кон нас. Папата Франциск е редок човек, неговиот понтификат (з.м. првосвештенство, папство, достоинство и власт на папата) бележи топлина и посветена служба на современиот човек кој страда од современиот свет. Самиот ја вбројува посетата на нашиот главен град, Скопје, во една од оние кои му оставиле траен спомен поради радоста со која го пречекавме и при секоја наша средба го истакнува особено, за наше охрабрување, тоа дека христијанството влегло во Европа преку македонската земја, нагласувајќи дека треба да сме и горди и среќни поради тоа. Ќе издвојам мал куриозитет, интересен за читателите - на главниот влез во Апостолската палата, каде што највисоките делегации од светот се примаат од папата, веднаш од левата страна е поставен голем бронзен релјеф на кој е прикажана библиската сцена со Апостол Павле и видението на Македонецот кој го повикува да дојде во Македонија, кој од името на македонските граѓани го поклонил македонскиот претседател Иванов на Светиот отец папата Бенедикт XVI.
ММ: Уште еден куриозитет, јавна тајна е дека во Ватикан се пие многу вино, речиси 105 шишиња по жител годишно. Има еден маркет кој ги снабдува неговите граѓани, а данок речиси нема. Околу патувањата општо, какви дестинации сакате повеќе - зимски, летни? Омилени кои Ви се? Ваша препорака за годишен одмор? Каде би отишле пак? Што преферирате, монденски летувалишта или..?
Д. С.: Повеќе летни, секогаш. Плажа, сонце и море, но и планина налето. Сакам да посетувам и нови градови, метрополи, но таму најчесто и најмногу ме фасцинираат нивните паркови. Природата ми остава незаменлив впечаток за посетените места. Урбаното живеење, среденоста, чистотата само ја прави сликата комплетна. Јадранското и егејското крајбрежје и островите се најблиску, а нудат навистина убави дестинации, но сега патувањата се подостапни од претходно, па цел Медитеран е атрактивен за посетување. Многу од посетените дестинации би ги посетил повторно, но често велам - приоритет мора да имаат непосетените. Како ќе си поминеме на одморот не е во тоа колку ќе нѐ чини тој, ниту во тоа каде ќе заминеме, X факторот е во тоа како сме решиле да си поминеме и во чие друштво сме.
ММ: Хедонизмот не Ви е својствен, така велите. Па ме интересира тогаш каква е Вашата филозофија до која се држите во животот? А, која е неговата суштина, каква е? Денес материјализмот е доминантен во однос на идеализмот. Се сметате за идеалист?
Д. С.: Античката филозофска мисла се темели на два постулата. Првиот вели: „Спознај се себеси!“, а вториот - „Ништо претерано!“. Она во кое ужива еден, не ужива друг. Општеството наметнува перцепции за тоа што е она во кое секој треба да ужива. Пушењето пури, обложувањето, опивањето, лежењето и исклученоста на умот за мене не се објасниво задоволство, на пример. Мислам дека сите треба да негуваме идеали, да тежнееме кон совршенство, колку и да е недостижно. Во одреден момент квалитативно ќе ги промениме општествените односи доколку сите искрено им служиме на повисоките идеали. За материјализмот не би зборувал, таму сѐ е јасно, сѐ е математика и интерес. Човекот е бројка, животот нешто слично. Мене таму нешто не ми штима! Зад нас останува само тоа што не се купува со пари.
ММ: Забележливи се Вашите манири - убавото однесување, држењето за време на протоколарните посети, литургиите.., одмерено, смирено.., што е ретко наспрема видливата нервоза, гледањето во телефоните.., присутни на истите. Мирот, спокојството е дел од Вашата природа или протоколирате само? И што мислите за етикецијата воопшто, ја почитуваат општествениците, луѓето на високи општествени позиции?
Д. С.: Хм! мислам дека во прашање е карактерот или природата на човекот. Имам мир, си ја сакам работата и целосно сум присутен таму каде што стојам. Иако сум динамичен човек кој не стои долго на едно место - ете, веројатно умеам и така. Човекот кој ѝ служи на одредена позиција мора да си ја разбере и одговорноста, тој не се претставува само себеси, тој е слика и за она кое го претставува, оттаму и мислам дека е неопходно придржувањето на протоколарните правила, почитувањето на етикецијата говори за свеста за личната одговорност.
ММ: И отменоста е битна, секако. Мислам на убавото облекување, со стил. Преферирате класика постојано или пак функцијата Ви наложува таков избор? Кога е таа во прашање, особено важен е квалитетот, да биде висок, голем. Внимавате на него? И во каква пригода ставате вратоврска, односно не, носите само кошула и сако, костум?
Д. С.: Тука се надоврзуваме на претходното прашање. Работните обврски некогаш налагаат и формален изглед. Пристојноста е во точната проценка кога имате обврска за формален изглед. Вратоврската е задолжителна кога поводот е официјален или доволно формален, но и кога спротивната страна налага да се следи тој манир.
ММ: А, приватно? Како се облекувате налето? Какви материјали фаворизирате, бои? Дали Ве интересира модата, нејзините тенденции? На пример, аксесоарите се актуелни. Ставате?
Д. С.: Да е можно, а не е, секогаш би бил во лесна спортска облека. Во однос на модните тенденции, можам да кажам дека интересна ми е леснотијата со која дел од луѓето ги прифаќаат истите, па дури и кога се косат со основната естетика. Околу аксесоарите, задолжителни се очилата за сонце во летниот период, рачниот часовник често, но не секогаш.
ММ: А, изборот на гаџети, како го правите? Согласно спецификациите, стилот, марката (брендот)..? Лансирањето на новитетите во хај-текот е прилично брзо, често. Битна Ви е новината, цената? Какви обожавате?
Д. С.: Тука воопшто не сум интересен за читателите, ха, ха, ха! Апсолутно не ме интересираат. Дури и мобилниот телефон го менувам кога веќе морам, а на него ги користам само основните апликации.
ММ: Денес меѓучовечките односи се полоши од кога и да е. Буквално секаде, во сите домени. Според Вас, на што се должи нарушувањето? Зошто не се аргументира објективно, туку општењето, комуникацијата се сведува на секојдневни кавги, караници, расправии? Што мислите?
Д. С.: Поради слабото образование и ниската култура. Влезени сме во еден вртлог, особено најмладите генерации, на целосна културолошка деструкција. Нивото на општи познавања е намалено, критериумите во училиштата и факултетите веројатно исто така, а мислам дека и воспитната компонента, како во домот, така и во училиштата, не се адаптираше соодветно на новите придизвици, особено кај генерациите Zи Alpha, младите родени во светот на дигитализацијата. Споредете ја музиката која се слушала во 1980-тите со таа на почетокот на новиот милениум, со таа која е актуелна денес - тоа е еден од јасните примери. Доколку поединецот е опкружен со средина која не може да му понуди личен развој, допир со различни гледишта, интереси, нови познавања, тој најпрво стагнира, а потоа започнува процес на назадување. Луѓето не разговараат дури и во друштво, само чекаат да им дојде редот за зборување. Дури и во јавниот дискурс многу малку внимание се посветува на културните аспекти на живеењето, сѐ се сведува на црна хроника, пропаганда и политика. Наместо натпревар на идеи, младата генерација гледа натпревар на суети. Но, сето ова може да се промени.
Блиц прашања
ММ: Редовно спортувате? Дисциплинирано? За спортистите, особено важна е дисциплината. Како влијае на животот, на што Ве (на)учи?
Д. С.: Активно се занимавав со кошарка веќе подолго време. Денес се трудам да сум активен, редовно. Трчам, вежбам, пешачам до тетовското Кале. Секогаш сум незадоволен од тоа колку време сум издвоил неделата, секогаш може повеќе. Спортот е здравје, вистински издувен вентил. Но, спортот е и забава, дружење. Летото е особено убав период, овозможува спорт на отворено, на свеж воздух. Пред извесно време за првпат се опробав во тенис, а мислам дека време ми е да се реактивирам и во баскетот.
ММ: Внимавате на исхраната? Правилно се храните или..? Дали сте гурман? Имате омилено јадење, деликатес некој? Бидејќи не пиете алкохол, со што го комбинирате?
Д. С.: Внимавам, генерално се хранам со разновидна храна во која имам исфрлено работи кои не се препорачливи, трајно. Но, не сум на диета, знам да си дозволам и поголема опуштеност, доцен оброк и слатки. Не знам дали имам омилено јадење, многу сакам риба, но ги сакам и македонските традиционални јадења. Водата е најчестиот пијалак за мене, а виното само во друштво, една чаша со вкусна храна.
ММ: Како тетовец (тетовчанец), иницирате доста проекти, настани... И ги реализирате, што е најбитно. Ќе издвоите нешто? Какви се побудите?
Д. С.: Си го сакам Тетово, за мене е незаменливо нешто, само едно место на светот може да биде мој дом. Постојано имам идеи за иницијативи и активности корисни за мојот град. Сакам, и покрај тоа што се соочуваме со сѐ, кога како тетовчани имаме на што да се радуваме, кога имаме настани на кои градот е заедно, кога се почитуваме, славиме, растеме како заедница. Изминатиов период, заедно со различни прекрасни градски луѓе, успешно реализиравме многу иницијативи, но најдобро е тоа што продолжуваме. Периодов актуелна е иницијативата „Тетово сака парк“, нешто што е обединувачко за сите кои живеат во градот, заедничка желба за задоволување на потребата од парк преточена во темелно обмислена, издржана и аргументирана иницијатива со конкретни предлози и решенија. Кон крајот на летото ќе започнеме со подготовки за одбележување на Денот на ослободувањето на Тетово - 19 Ноември, свечен чин кој го обновивме уште во 2019 година, по децении отсуство на одбележување на најголемиот градски празник, а есенва Тетово и тетовскиот крај ќе имаат особена радост да учествуваат во настаните предвидени во програмата за канонизација за светител на големиот преродбеник, игумен и учител Кирил Пејчиновиќ - Тетоец. Веќе размислуваме и за тоа - што потоа.
ММ: Очигледно дека работата Ви причинува задоволство, но изискува познавање на религиите. Побожен сте? Ја читате Библијата? Стариот, Новиот завет?
Д. С.: Верата е лично, интимно чувство за кое не се говори. Но, да, верувам и сум православен христијанин. Се трудам да прочитам и да научам нешто повеќе, но осознавам и спонтано при секојдневните средби со многу духовни лица. Се трудам да имам познавања и од другите религии, ги почитувам и сметам дека познавањето на другиот, неговите потреби и она во кое верува е многу значајно, особено во современиот свет каде што разликите и непознавањата доведуваат до конфликти.
ММ: Имате само триесет години. Па какви се Вашите амбиции? Политички можеби?
Д. С.: Можеби, но не по секоја цена. Имам чувство дека ќе имаме повторно можност да го продолжиме разговорот, па да оставиме нешто и за тогаш.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Даријан Сотировски