Лаф-муабет со Драган Лазаров: За вакви турбулентни периоди, добра примена наоѓа теоријата на Дарвин, според која преживуваат оние видови што се најадаптабилни и подготвени за промена, а не најсилните
Приврзаноста на хедонизмот или
„слаткиот живот“, како што го нарекуваат Италијанците, вклучително и стоичкиот
карактер на соговорникот, учесник во денешниот, понеделнички разговор беше
достатна провокација за неговиот избор, меѓу другото. Се разбира, нѐ
заинтригира и со кариерниот развој, т.е. напуштањето на работата во
македонската Влада и преминувањето во приватниот сектор - адвокатурата, специјализирана
за работење со инвестиции од странство, влегување на истите, како и нивно
функционирање во нашиот систем. Иако е родум штипјанец, Драган Лазаров живее долго во Скопје, а извесно време престојувал и
во Фиренца, Италија и во Брајтон, Англија. Оттаму и неговата љубов кон готвењето,
џентлменското држење, однесување и секако, примесата на „стиле италијано“ во
начинот, стилот на облекување. Од неодамна е татко, неговото синче Јаков има
една и пол година, безмалку.
Лаф-муабетот со него е инспиративен, во секој поглед. Забележлив е исто така и мирот, спокојот во разговорот, својствен за стоицизмот чиј следбеник е. Чувањето на душевниот мир, балансирајќи го идеализмот со материјализмот во денешно време, кога материјалната страна на животот, богатството има пресудно значење, може да се каже дека е вистинска, права уметност. Муабетвеме и за релеванцијата на Августиновата сентенција „Iustitia remóta quid sunt regna nisi magna latrocínia?“ денес, а не ги одминавме ни синекуристите чија бројност е растечка. Исто како и егоизмот. И уште нешто, повеќе.
ММ: Веднаш по дипломирањето и магистрирањето на Правниот факултет, Вашата работа во македонската Влада беше врзана со европските прашања, во рамките на Секретаријатот, а едно од достигнувањата беше визната либерализација. Сепак, одлучивте да заминете, т.е. да се префрлите во адвокатурата. Која беше причината за тоа? Државниот сектор за многумина е врвот на скалите на успехот.
Д. Л.:Лично, за мене, работата во приватна пракса е врвот на скалите на успехот од причина што во приватниот сектор, особено во адвокатурата, успехот зависи единствено од себе и сопствените квалитети. Навистина, работењето во државниот сектор ми даде одлична основа и уникатно искуство што послужи како отскочна даска за понатамошната кариера, но мојата желба и визија отсекогаш била во адвокатурата. Администрацијата сепак има ограничени можности за напредок, додека во адвокатурата, како слободна професија, можностите се речиси неограничени.
ММ: Ваша специјалност е деловното право, а се занимавате и со трговското и со финансовото. Ме интересира од каде се Вашите клиенти - оттука или од странство и се разбира, со какви проблеми се соочуваат во работењето? Според истражувањата, дури пет од вкупно шест компании на Балканот имаат потешкотии во него. Како е тука, во Македонија? Какви се препреките, каде - во деловните односи, администрацијата..?
Д. Л.: Најголем дел од нашите клиенти се странски правни лица кои работат во Македонија и регионот. Впрочем, нашата потесна специјалност е токму работењето со странските инвестиции и сè она што подразбира нивно влегување и функционирање во нашиот систем. Предизвици или препреки постојат секогаш, а нашата задача и мисија е да го најдеме патот за нивно надминување. Факт е дека Македонија, па и поширокиот регион, нема најдобри оцени во клучните сегменти за водење бизнис, како што е неефикасната администрација, тешко функционалните институции, особено судството. Сите овие проблеми имаат заеднички именител, а тоа е недостатокот на култура на законитост и владеење на право. Сметам дека токму овде лежи и клучот за долгорочно и систематско решавање на овие проблеми - бескомпромисно вложување во создавање на култура на законитост. За привлекување и уште поважно - задржување на сериозни странски инвестиции, потребно е создавање на систем на вредности каде што ќе се чувствуваат безбедни. Треба многу енергија, труд и време за да се изгради добар имиџ, а треба многу малку за да се изгуби целиот труд. Ова важи како за државата, така и за секој од нас што работиме во оваа сфера.
ММ: Што мислите, како ќе се одрази енергетската, политичката, финансиската криза на претпријатијата, фирмите.., нивното работење, чија експанзија се очекува во текот на зимата - наводно? Здравствената, со ковидот, ги погоди во голем степен. Повеќе се затворија отколку што се отворија. Какви се податоците, статистичките - каков беше односот?
Д. Л.: Досега сите сценарија и прогнози за следниот период, кои доаѓаат од релевантни извори, се многу сериозни и без доза оптимизам. Доволно е како едноставен параметар да се земе дека на нашиот најголем трговски партнер - Германија им се заканува рецесија уште есенва, а големината на нивната економија несомнено ќе ја повлече и еврозоната во рецесија. За вакви турбулентни периоди, добра примена наоѓа теоријата на Дарвин, според која преживуваат оние видови што се најадаптабилни и подготвени за промена, а не најсилните. Во такви времиња, на површина излегуваат слабостите на нашиот систем, односно недостатокот на стратегии и системски решенија. Тоа се покажа во пандемијата, која сè уште трае, а за жал - од грешките не научивме речиси ништо. Напротив, повторно се прават истите. Моето видување е дека во секоја криза лежат и нови можности - се разбира, сѐ додека се потпираме на цврсти принципи и делуваме во насоки кои носат вредности. Тоа се покажа и во изминатиот период, веднаш по стивнувањето на кризата со ковид-19, кога компаниите продолжија со инвестиции и активности затоа што тоа е во самата природа на еден бизнис, да расте и да се развива. Иако инвестирањето е со конзервативен пристап и со голема доза на внимателност, сепак бизнисот мора да продолжи. Сметам дека така ќе биде и во наредниот период за што треба добро да се подготвиме.
ММ: Разговорот е сеопфатен, таква е неговата концепцијата. Имено, за време на школувањето му се посветивте и на изучувањето јазици, престојувајќи во Фиренца и Брајтон, извесен период. Главниот град на Тоскана во Италија меѓу другото е и колепка на ренесансата, но и на подоцнежниот романтизам. Со што Ве импресионира Фиренца, Тоскана и фирентинците, Тосканците и воопшто - Италија, Италијанците? На пример, се чувствува ли романтичното настроение - фирентинското, секако?
Д. Л.: Имав среќа уште како многу млад да учам италијански јазик во Италија, и тоа во Фиренца каде што се говори чист јазик, без дијалект, а воедно може да се каже дека е и „главен град“ на храната и културата во Италија. Градот едноставно плени со сето она што го крие во себе и ве повикува повторно и повторно да го откривате. Секое патување таму е ново откривање на богатата историја и култура, од Данте до Да Винчи. Самата средина диктира еден смирен и префинет начин на живеење. Иако е полн со туристи, градот сепак дише и живее во нишка на ренесансата која има вековна традиција. Наследството што го носи на банкарски центар на Европа дава нота на висок стил, но, сепак, сè уште постои симбиозата и со секојдневното живеење за што жива слика и симболика е Ponte Vecchio (з.м. Стар мост) кој постоел за благородниците да ги одминуваат останатите жители на мостот на кој се продавало риба, а денес е една од најпознатите улици - мост за продажба на злато и накит. Тоскана е своевиден столб на кулинарството и културата на исхраната во светски рамки и претставува неисцрпна инспирација за начинот на живеење во симбиоза и сплотеност со природата. Начинот на собирање и приготвување на храната и виното го даваат резултатот на своевиден врв во гастрономијата и енологијата.
ММ: Забележлива е примесата на „стиле италијано“ во начинот, стилот на облекување кој го преферирате, не само во однос на класичната, туку и на лежерната облека, гардероба. Италијанците се непогрешни во него. Ме интересира што научивте од нив, што презедовте? Кои се нивните цаки? Ги користите?
Д. Л.: Таквата средина и начинот на живеење зрачи со префинетост и остава печат, па многу е лесно да се прифатат убавите навики. Во класичниот стил, кој го бара мојата професија, секогаш се водам од квалитетот, односно избирам парчиња произведени во Италија, што самото е гаранција за квалитет и секогаш внимавам на изборот на материјали од аспект на естетика и удобност. Во класичниот стил ги почитувам, и тоа строго, непишаните правила на големината на облеката, должината на кошулата и на вратоврската, спарувањето на материјалите и дезените. Но, она што може да ве истакне од другите е храброто парче кое ќе ги почитува правилата, а сепак ќе даде посебен белег - тоа е најчесто во деталите: марамче, вратоврска, чорапи... Истите правила се однесуваат и на лежерниот стил, но таму има поголема слобода, па можностите се неограничени. Сепак и во тој начин, стил не треба да заборавите кој сте и што претставувате, за тоа да биде слика на вашата личност, а не нешто што сакате или копнеете да бидете.
ММ: Вашата желба за готвење, која прерасна во страст, пасија е оттаму, всушност. Учевте сами, автодидактички? Денес, што претпочитате да готвите? Имате омилена кујна, деликатесно јадење? Вашите кулинарски вештини се присутни и на инстаграм.
Д. Л.: Повторно ќе ја споменам Италија каде што во Фиренца, чисто од љубопитност, се запишав на курс за основите и принципите на италијанската кујна, без да бидам свесен дека тоа ќе прерасне во љубов за цел живот. Кога ќе се совладаат основните принципи и техники на една кујна, сè понатаму е креативност и внесување на сопствена автентичност на едно јадење. Оттука и учењето сам всушност е учење и усовршување преку пракса, односно колку повеќе време сте во кујна, толку полесни стануваат техниките. Дефинитивно омилена ми останува италијанската кујна, која има бескрајни можности за креативност, и тоа со релативно мал број на состојки. За разлика од француската, техниките се многу јасни и универзално применливи, па така, на пример, тестото за свежа паста (итал. pasta fatta a mano) се прави само на еден начин, но формите кои можат да се направат се бескрајни, па така, денес се познти над 600 видови на паста и повторно може да се креира нов вид. Се гордеам со подготовката на tagliatelle con ragù alla bolognese во кое пастата ја изработувам рачно, а рагуто го правам на традиционален начин со парчиња телешко месо во црвено вино. Мал совет: секогаш користете ја водата во која се вари пастата за комплетирање на вашето јадење од паста - ќе го однесе на друго ниво. Споделувањето на инстаграм започна на инсистирање на моите пријатели да се сподели рецептот и начинот на подготовка, па со задоволство и несебично ги споделувам сите мали трикови кои прават голема разлика во приготвувањето.
ММ: За уживањето, задоволството да биде комплетно, виното е незаобиколно. Таканаречените супертоскански вина (црвени) се надалеку прочуени. Вам Ви се допаѓаат? На пример, кое? И дали нашите, македонските се достојни за да им парираат, како било?
Д. Л.: Ова е и европска и светска дебата - кое вино го држи приматот во квалитетот, во конкуренција помеѓу француските и италијанските. Во однос на четирите главни елементи: сортите на грозје, вкусот, киселоста и содржината на танин, има евидентна разлика, па така, стручната дебата би ја оставил на професионалците и би рекол дека на крајот сè се сведува на личниот вкус и преференциите. Тоскана има специфична почва, климатско поднебје кое дава свои специфики во регионите, пред сè Chianti и Brunello di Montalcino каде што доминантна и карактеристична сорта е санџовезе (Sangiovese). Италијанските вина се познати по тоа што се доста храбри и наменети да остават силен впечаток. Бидејќи ги споменавте супертосканските вина, треба да се напомне дека токму овие вина храбро излегуваат од строгите правила, па истите најчесто се мешавина од сорти, најчесто Sangiovese и Cabernet Sauvignon, па така овие вина не се признати во официјалната класификација на Италија, но сепак имаат светска слава, благодарение на храброста да се излезе надвор од воспоставените рамки, како впрочем и во кариерата и во животот. Неблагодарно е да се споредува светски бренд и вековна винска традиција, но мора да се истакне дека Македонија како поднебје има исклучително квалитетни вина и сè повеќе се инвестира во технологијата и знаењето што е од особено значење.
ММ: Идејата за отворање на Bottega del Gusto (буквален превод: продавница за вкус) е Ваша, но веќе не сте инволвирани во неа. Одлична е, дефинитивно. Без оглед на тоа што за вкусовите не се расправа, можете да ни кажете - според Вас, кој е најпријатниот за сега, крајот на летото? Мислам на вкусно јадење, од Вашата кујна.
Д. Л.: Тоа е еден проект во кој сакавме да ја доближиме автентичната италијанска кујна до домашните уживатели и можам да заклучам дека ја постигна целта. Убавината на тој вид храна е што може да се ужива во неа во текот на целата година, со соодветно спарување на сезонските состојки. Па така, идеални за овој период се комбинациите на пршута „парма“ со диња, пармезан и бурата со смокви, неколку капки квалитетно маслиново масло и сето тоа спарено со убаво италијанско или македонско вино.
ММ: Го споменавме и Брајтон во Англија. Освен што е туристичко место каде што лондонците одат на капење, градот е и своевиден меркез, собиралиште на деца отсекаде, чија цел е да го научат јазикот - англискиот. Во колеџот од 1845-та го изучувавте? Која Ви е другата асоцијација на Брајтон? „Фиш енд чипс“ можеби, британскиот начин, стил на живеење, на облекување.., кои се исто така познати?
Д. Л.: Иако генерално се восприема како „ладна“ земја, Британија сепак има своја убавина, на свој уникатен начин. Традицијата и сериозноста на едукативниот систем многу гордо се промовира и заштитува под знамето на Кралството, кое пак дава дополнителна тежина. Брегот на Ла Манш е особено интересен затоа што провејува еден слободен дух во една таква средина, па во еден модерен град како Брајтон може да се најдат репрезенти од секакви култури, што го прави уште пошармантен. Фасцинира доследноста на строгата култура која се отсликува во секојдневните активности, од образованието до спортот. Па, така, бев крајно изненаден кога натпревар во крикет од регионална лига целосно запре во 17 часот за да се испие попладневен чај. Познатиот „фиш енд чипс“ во својата автентична форма, односно со бакалар, го има сѐ помалку заради климатските промени и зголемениот лов на оваа риба во целиот Атлантик, што претставува причина за загриженост. Сепак, сѐ уште е доста застапено и една таква едноставна порција претставува уживање во автентичен амбиент на паб со неколкувековна традиција и со кригла пиво.
ММ: Тука се наметнува и прашањето за филозофијата до која се држите во животот. Каква е таа? Денес, кога материјализмот го надвладува идеализмот, како да се држиме до златната средина? Што ќе ни препорачате - стоички?
Д. Л.: Мојата генерација беше една од последните која учеше латински јазик, а со изборот на правен факултет продолжив со учење и примена на латински јазик и филозофија што вроди со афинитет кон античката филозофија. Особен белег ми остави стоичката филозофија, најмногу преку Марко Аврелиј (Marcus Aurelius) и неговите „Медитации“. Тоа е дело кое го има поминато тестот на времето и ги содржи принципите на живеењето, кои се особено релевантни и применливи денес. Самиот текст е збирка на интроспективни писанија, веројатно во форма на личен дневник, на веројатно најголемиот римски император Марко Аврелиј, пишувани во текот на неговиот живот. Иако е евидентна генезата на неговите претходници, најмногу на Сенека, сепак систематизирањето кое е направено во „Медитации“ му дава карактеристика на „животен водич“ за сите возрасти и професии во денешното модерно време. Живеење умерено, воспоставување на контрола над сопствените емоции, присутност во моментот, прифаќање на поразите и победите. Оваа книга уште долго време ќе остане покрај мојот кревет за секојдневно потсетување на она што сме и какви да бидеме.
Блиц прашања
ММ: Откако се роди Вашето синче, што се промени во сфаќањето и за татковството и општо, за животот? Родителството, какво чувство е?
Д. Л.: Јаков во мене разбуди една сосема нова димензија за која не сме свесни дека постои воопшто. Да се биде татко е најголемиот проект и предизвик кој може да се има во животот. Гледајќи го секој ден како расте и напредува, учам нови лекции за животот, колку е важно да бидете тука за најблиските, колку е важно несебично и безусловно да давате љубов и грижа, нешта кои во текот на животот ги компромитираме за безвредни работи. Најбитно од сè, сфаќаме колку се вредни малите моменти и како што ме учеше мојот татко - нема целосно среќен живот, има многу среќни моменти. Во денешната трка со времето мора да застанеме и да уживаме во тие моменти затоа што поминуваат многу брзо и не се враќаат.
ММ: Бидејќи потекнувате од Штип, ќе ни кажете ли што е типично за штипјани, какви луѓе се, какви особини ги красат?
Д. Л.: Штипјани се надалеку познати по гостопримството и пријателството. Токму сега е и добро време да се посети Штип затоа што следува „Макфест“, кој е институција сама по себе, како и сега веќе традиционалната манифестација „Пастрмалијада“, посветена на штипскиот специјалитет. Повелете во секое време, ќе бидете повеќе од добредојдени.
ММ: Стручната литературата е супстанцијална во усовршувањето, а во разонодувањето - кој жанр го преферирате? Конкретен предлог, дело?
Д. Л.: Ние, правниците, често знаеме да кажеме дека толку многу читаме во текот на работниот ден што не останува „лезет“ за рекреативно читање. Но, сепак, за мене дури и разонодата содржи доза на усовршување, па така, во последно време, како што напоменав, доста сум посветен на стоичката литература и нашироко ја препорачувам, како изворната, така и модерната, па така ќе издвојам едно дело од светски познатиот когнитивно-бихевиористички психотерапевт Доналд Робертсон, кое е посветено на филозофијата на Марко Аврелиј со наслов „Како да размислувате како римски император“. Оваа година имав чест да присуствувам и на серија предавања на најдобриот светски политиколог, проф. Френсис Фукујама, па повторувањето на неговите дела секогаш ми дава нова перспектива за општеството. Секој што се занимава со општествени науки мора да ја прочита „Крајот на историјата и последниот човек“ (The End of History and the Last Man).
ММ: Дали се согласувате со Августиновата сентенција „Iustitia remóta quid sunt regna nisi magna latrocínia?“ (Ако се истера правдата, што се владите освен големи разбојништва?), што мислите за неа?
Д. Л.: Денес оваа сентенција е порелевантна од кога било во нашата држава. Недостатокот на владеењето на правото (не владеењето по правото, Rule of Law визави Rule by Law) е најголемиот рак на нашето општество. Како што заклучува Фредерик Бастија во неговото дело „Законот“ (La Loi): „Кога грабежот станува начин на живеење на група луѓе во едно општество, тие со тек на време ќе создадат, во нивна корист, правен систем кој го поддржува тоа и морален кодекс кој го воздигнува“. На овој начин со години наназад се поткопува уникатната шанса која ни е дадена да создадеме наша држава во која ќе има просперитет и иднина за сите. Со текот на времето, овој корумпиран систем, кој се гради, ја зацврстува својата позиција и ќе биде сѐ потешко да се сруши. Битката на нашата генерација е на тешко поле - заштитување и вградување на вистински морални принципи во општеството - доколку се успее во тоа, сите останати битки ќе бидат исто така успешни.
ММ: Бројот на синекуристите во Македонија е голем, исто како и егоизмот. Ќе нѐ биде ли некогаш? Има чаре?
Д. Л.: Без да навлегувам во генезата и потеклото на проблемите кои доведоа до ваква ситуација, верувам дека не постои безнадежност. Особено во мали држави како нашата, во која сум убеден дека со малку повеќе труд од сегашниот негатив може да се постигнат големи работи. Мора да научиме да живееме со дискомфорот, кој го причинува напредокот, затоа што секој напредок лежи надвор од комфор-зоната во која сме навикнати да се движиме. Единствениот начин да се смени какократијата во која живееме е, како што напоменав претходно, многу труд и посветеност во промената на моралниот, етичкиот систем во општеството, што претставува долгорочна и макотрпна работа.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Драган Лазаров