Лаф-муабет со Георги Шарески: Мојот престој во Хангжу беше целосно излегување од комфорната зона
Во пресрет на концертната промоција на Big Love, новиот албум на соговорникот, учесник во денешниот,
понеделнички разговор - џезистот Георги
Шарески, во соработка со хармоникашот Марко Јовановиќ за кој вели дека е
негов „компадре“ што го запознал во Берлин, планирана за 5 ноември, во
камерната сала на Филхармонијата, се одлучивме за малку инаков, различен од сите
досега или барем повеќето лаф-муабети, а темата секако е џез-музиката за која,
пак, се школувал на престижниот „Беркли колеџ оф мјузик“ во Бостон, заедно со
неколкумина што по дипломирањето се стекнале со популарност од светски размери.
Негова специјалност е компонирање и аранжирање на музички дела со придавката
„современи“. Досега има објавено десетина албуми, но и настапувано на други. Соработува
со врвни музичари одовде и странство.
Патем кажено, важи и за голем авантурист. Не само во горенаведените, извесно време живеел и во Болоња и во Хангжу на чии предизвици не им одолеал. Причината е многу едноставна: одвреме-навреме сака да излегува од комфорната зона. Се разговоривме и за импровизацијата во музицирањето, свирењето на гитара и секако, за уживањето во клубовите, додека слуша џез и пие ладно пиво, радлер. Но и за нешто друго, уште повеќе.
ММ: Разговорот ќе го започнам со еден цитат: „Потребно е интелигентно уво за слушање на џез“. Дали? Се согласувате со него? Се работи за изјава за печатот на Арт Блејки. Како ја толкувате? Во што е посебноста на џез-музиката, како ја воспримате, кои се карактеристиките, специфичностите.., од Ваша гледна точка? Со што Ве примамува толку?
Г. Ш.:Џезот е, во најдобро издание, претенциозна музика за која е потребно темелно познавање на хармонијата, владеење со инструментот, импровизациски способности и најважно од сѐ - бујна имагинација и креативен пристап. Тоа е нешто што се усовршува доживотно, се менува, се учи. Верувам дека во џез-музиката повеќе уживаат слушатели кои поседуваат емотивна интелигенција. Мојата музика ја сметам за современа македонска музика, за жанровски неограничена музика. Таа е резултат на мојата постојана желба да се надградувам, да истражувам и да експериментирам. Како што минуваат години, така се менувам, а ми се менува и вкусот, идеите, стилот и конечно, делото.
ММ: За џезот, со акцент на компонирањето и аранжирањето, се школувавте на „Беркли колеџ оф мјузик“ во Бостон. Во прашање е престижна школа, несомнено. Бевте и стипендист. Можете да ни споменете неколку познати алумни, поранешни студенти, вклучително и предавачи на полето на џез-музиката? И секако, дали масачусетскиот град е соодветен и за практикување, воншколско? Какво е музичкото поприште на Бостон, поврзано со џезот, свирките, местата за нив..?
Г. Ш.:Во Бостон живеев од 2001-ва до 2005-та. Бев во иста генерација со Esperanza Spalding, Christian Scott, Annie Clark од St. Vincent и други колеги што постигнаа светски успех. Учев композиција и аранжирање од луѓето кои практично ја напишале книгата за оркестарски аранжмани, креативна композиција, џез-теорија и пракса. Ги имав истите професори кои им биле професори на моите музички херои. Од прва рака ги учев тајните на големите мајстори. Во тие четири години немав време за ништо друго освен за музика. Наутро станував рано и почнував да вежбам, одев на предавања по најмалку осум часа на ден. Кога ќе се вратев дома, работев на композициски задачи, музички анализи, скали и теорија, а навечер сонував музика. Бев опкружен со музичари од целиот свет. Навистина не можам да замислам подобар амбиент за студии.
ММ: Без оглед на оддалеченоста меѓу Бостон и Њу Орлеанс, колепката на џез-музиката - ја посетивте? Ве испровоцира да го видите музејот, да присуствувате на фестот, можеби..? Или другпат?
Г. Ш.:Никогаш не сум бил во Њу Орлеанс, како помлад ќе го уживав повеќе.
ММ: По завршувањето на студиите, целосно му се посветивте на џезот. И денес е така, нема сомневање. Вашиот потпис е на десетина албуми, соработувате со врвни музичари. Последно со хармоникашот Марко Јовановиќ. Во меѓувреме живеевте во Германија, Италија, Кина. Ме интересира, во колкава мера и културата (и духовната и музичката) и менталитетските белези на нивните жители, незаобиколиво и уметноста, влијаеја на Вас и кога се работи за развојниот процес, пат и кога е компонирањето, аранжирањето во прашање? Стиловите на кои се базира Вашата музика, ќе ни ги споменете, што е доминантно?
Г. Ш.:Сите места каде што живеев имаа огромно влијание на мојот карактер и музички стил. За време на моите студии имав многу интезивна настава и јасно можев да го видам мојот прогрес од ден во ден. Секој нареден ден бев подобар музичар од предходниот. Иако со доста позабавено темпо, овој процес на растење продолжува да ме следи и понатаму во животот и тоа - не само со музички, туку и со душевен раст. Верувам дека секој музичар треба да еволуира, да открива нови хоризонти, да експериментира и да истражува - како во музиката, така и во животот генерално. Луѓето кои ги запознаваме и ни стануваат блиски, соработките, дружењата, поврзувањата и на крајот, збогувањата се работите кои прават одредени места да имаат посебно значење.
ММ: Од престоите во Берлин, Болоња и Хангжу ќе го издвојам последниот, во кинескиот град. Некако изгледа привлечно, интересно. Како ја доживувате музиката од Кина? Невообичаена е, специфична. И звуците се распределуваат меѓу двата основни принципа на таоистичката филозофија - јин и јанг, до полутоновите и, така, самата мелодија станува симбол на единство на сѐ што постои, вклучувајќи го и духовното, а музичарите и нивните инструменти се амблеми на мирот и љубовта. Ве инспирира за некаков аранжман, композиција - нешто конкретно? Џез?
Г. Ш.:Мојот престој во Хангжу беше целосно излегување од комфорната зона. Да бидам искрен, воопшто не навлегов во кинеската музика, едноставно немав ни време ни прилика, но тоа сепак беше еден од моите најплодни и најинспиративни периоди. Во првите десет дена од моето пристигнување влегов во музичарските кругови и се вработив како бендлидер на хаус бендот во Хангжу реге барот каде што настапував трипати неделно. Во репертоарот имаше и мои авторски композиции од кои повеќето ги напишав во тој период и за тие музичари, а издадовме и албум со дел од авторскиот материјал, насловен Alien Spirit Orchestra, кој е достапен на интернет. Покрај тоа, работев и како сешн гитарист и настапував на секакви настани: разни приредби, бизнис прослави, модни ревии, отварања на трговски центри и други незамисливи настани. Неколку месеци подоцна добив работа во новоотворен клуб каде што ја водев музичката програма до моето заминување. Често настапував со различни групи, некои денови имав дури и по три последователни ангажмани, а таа година имав повеќе од триста настапи, што за мене беше неверојатно.
ММ: Хангжу е познат по архитектурата, градините, како и манастирите во непосредна близина. Вас, што Ве импресионира во него? Исто така, од Кинезите може да се научи доста. Примивте, прифативте нешто од нив? Каков е начинот, стилот на живеење кој го претпочитаат?
Г. Ш.:Кога пристигнал во Хангжу, Марко Поло напишал дека тоа е најубавиот град во светот, каде што живеат најблагородните луѓе. Но, Марко Поло тогаш бил веќе познат морепловец и го пречекале како вистинска ѕвезда - со забави, дружења, највкусни оброци и магични пијалаци и којзнае што не. За работата да биде уште подобра, му се погодило и времето - ведро небо, сите љубезни и срдечни, било неверојатно мирно и опуштено. Мамурен и изнауживан, се вратил презадоволен од патувањето, а некаде во историјата е забележано дека после таа авантура се нервирал многу ретко, скоро воопшто. Легендата вели дека за време на неговиот престој во Хангжу искусил континуирана зен душевна состојба, без да е севесен за тоа.
Јас си поминав скоро исто. Егзотични јадења, пагоди и полиња со чај, рајска природа, сосема друг менталитет, питоми и добри луѓе и сосема различна комуникација - локалците скоро никогаш не зборуваа англиски, правилата беа сосема различни, како да бев во некој магичен паралелен свет. Цела година бев воодушевен и вчудовиден од сѐ што искусив, тоа навистина беше прекрасен период во мојот живот.
ММ: А, Вашиот - каков е? Што преферирате, се раководите од некоја, нечија филозофија? Што Ви е супстанцијално во животот, во меѓучовечките односи (пријателските, деловните), т.е. со што не се заморувате, не Ви е суштествено? И ме интересира, кои се Вашите каприси - имате?
Г. Ш.:Сакам да излегувам од мојата комфорна зона, да искусувам нови работи, да откривам нови хоризонти, да се дружам со луѓе кои ме стимулираат, да видам одредени работи од друга перспектива или да ми поттикнат нов мисловен процес. Јас сум практичен човек, сакам да го трошам времето на работи кои ми причинуваат задоволство - сѐ што работам, го сработувам најдобро што можам, но и кога уживам - тоа го правам исто така најдобро што можам.
Во однос на музиката, пред неколку години почна да ми станува јасно дека поседувам нешто навистина драгоцено, нешто што треба да се негува и да се чува, да се развива и да се споделува со светот, а не да се запоставува и да се крие. Јас не сум незрел човек, но верувам дека вечно ќе созревам, ќе учам и ќе се менувам и се надевам дека до крајот на мојот живот ќе научам уште повеќе да го ценам, негувам и подобрувам моето дело и да бидам најдобрата верзија од себе, за мене и за луѓето околу мене, зашто верувам дека тоа е поентата на мојот убав живот.
ММ: Да ѝ се вратиме на музиката... Освен што се истакнува со неговиот израз, оттаму и надмоќта во тонската уметност - џезот и во минатото и денес е ангажиран, во корективна, политичка смисла. Вам, битно Ви е тоа? Музиката всушност е рефлексија на времето во кое живееме. И уметноста воопшто. Или се сосредоточувате исклучиво на ефектноста, да е пријатна за слушање?
Г. Ш.:Се согласувам дека музиката треба да е рефлексија на времето во кое живееме. Јас не свирам традиционален џез, иако уживам да го слушам. Верувам дека секој џез-музичар треба да ги изучува, но и да ги надрасне џез-стандардите, да најде уникатен начин на изразувањеи да создаде нешто ново, досега нечуено и невидено. Не секој има потенцијал да го оствари тоа, но мислам дека само на тој начин може да се остави некаков печат во музичката историја, сѐ друго е тезгарење, горедолу.
ММ: Свирите на џез-гитара, исто така. Можете ли да ги опишете нејзините звуци? Какви се, компаративно - со тие на обичната? Електронска е, нели? И според Вас, кои џез-гитаристи се најдобри за прелудиум во слушање на џез? Набројте неколку.
Г. Ш.:Некои од моите омилени, а и одлични за слушање се Bill Frisell, John Scofie, Marc Ribot, Jim Hall. Ви препорачувам да го слушнете Bill Frisell - Big Sur или John Zorn - The Gift. Нема разлика помеѓу електрична и обична џез-гитара, разликата е во начинот на свирењето, во дебелината на жиците и во тонот - со повеќе басови и многу малку високи. Но, тоа е за традиционален џез. Јас свирам џез со слајд прстен, дисторзија и други ефекти - за некои џез-традиционалисти тоа е богохулење, а за мене е чиста инспирација. Нема строги правила во современата музика.
ММ: Музицирате на познати сцени во светски рамки. Ме интересира, што Ве привлекува особено, па дури и повеќе - настап во затворен простор (клуб) или пак на отворено (фест)? Амбиентот е особено важен. Атмосферата, исто. Каде е најубава? Тука, во Македонија, ќе издвоите некое место, идеално за џез-музика?
Г. Ш.:За мене најважна е публиката. Сакам да настапувам за луѓе кои знаат да слушаат музика, отворени се и можат да препознаат кога нешто е невообичаено, посебно за луѓе кои ја ценат автентичноста. Добрата публика навистина може да ме инспирира, без разлика дали во прашање се пет или петстотини души. Во Скопје на пример, едно од моите омилени места за клупски настапи е Паблик рум. Амбиентот и звукот се првокласни, а организаторите поддржуваат авторски концерти од секаков тип и не се плашат да ризикуваат со експериментални, т.е. авангардни проекти.
Блиц прашања
ММ: Резултат на соработката со хармоникашот Марко Јовановиќ е албумот чие промовирање го најавивте за есенва. Занимлива комбинација. Што Ве инспирира за неа, звуците на хармониката или..? Каков е албумот? Накусо.
Г. Ш.:Мојот нов албум со Марко Јовановиќ, насловен Big Love, е мојот најзрел проект досега. Содржи девет мои нови и новоаранжирани авторски композиции, кои заедно прават една многу уникатна и посебна звучна слика. Овој албум се разликува од сите мои досегашни проекти. Самиот процес на снимање за мене беше спиритуален, медитативен, дури и терапевтски, а таа енергија, сакам да верувам, се пренесува и на слушателот. Марко Јовановиќ го запознав во Берлин во 2018-та, роден е во Минхен, а има српско потекло. Тој е еден од водечките мајстори на усната хармоника во светот. Иако сме различни, имаме сличен сензибилитет. Имаме и заемна почит и убаво комуницираме, имам целосна доверба во неговиот музички избор, а и тој во мојот. Дуо е осетлива работа, нема место за суета или сомнеж, посебно кога станува збор за музика во која се надополнуваме до степен на синергија. Не би можел да направам вакво дело со кој било, а голема чест ми е што заедно го направивме овој, за мене длабоко интимен албум. За нашето дуо веќе има голем интерес. На 16 септември имавме концерт во Калелја (Шпанија), а веќе добиваме и концертни ангажмани во повеќе европски градовиза идната година. Албумот ќе биде концертно промовиран во Скопје, во камерната сала на Филхармонијата на 5 ноември, а Марко исто така гостуваше и на мојот концерт на Кумановскиот џез фестивал на 13 септември.
ММ: Импровизацијата е својствена за џез-музиката, неретко и пожелна. До каде може да се оди? Нејзиниот квалитет обично зависи од мајсторството и талентот на исполнувачот.
Г. Ш.:Јас сум бескомпромисен во импровизацијата. Секојпат се обидувам да влезам со нова перспектива, истражувам, ризикувам, дури и по ценада не биде секогаш успешна. Во идеален случај, бендот треба да функционира како еден организам, а колективната импровизација да звучи како композиција.
ММ: Филмовите за џез-музичарите, ги гледате? Имате омилен, некој што го гледате повеќепати?
Г. Ш.:Let’s Get Lost е филм за Chet Baker во формат на документарец и навистина е нешто посебно. Има и одличен саундтрак, а секој кадар е уметничка фотографија.
ММ: Џез-музиката обично се врзува со виното. Според Вас, која е идеалната комбинација? Можеби со виски, пура? Коктел?
Г. Ш.:Во Скопје има Jazz FM радио на 100.8 MHz, а секој викенд во одредено време има емисии каде што пуштаат различни албуми и кажуваат кое вино би одело добро со која музика. Кога одам во џез-клубови, мене најмногу ми одговара ладно пиво, радлер - не сум многу по алкохолот, а пура имам видено еднаш оддалеку.
ММ: Што Ве врати во Македонија? Планирате да останете или сепак, попривлечен Ви е „номадскиот“ живот?
Г. Ш.:Македонија ми е дома, а дома сум најопуштен. Немам планови да бидам отсутен на подолго во блиска иднина, но никогаш не се знае.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Георги Шарески