Лаф-муабет со градоначалникот на Охрид - Кирил Пецаков: Секогаш кога имам време ја земам виолината да отсвирам нешто - сакам да свирам македонска народна музика
Годинашната туристичка сезона во „бисерот на Македонија“, „европскиот
Галапагос“, „музејот на живи фосили“.., како што странските медиуми го
нарекуваат и Охрид и Охридското Езеро, а престижниот Wanderlust Travel
Magazine од Велика Британија го именува „едно од најубавите на
светот“, започна успешно, а исто е очекувањето и кога се работи за нејзиниот
понатамошен тек и крајот, без оглед на вирусната пандемија (новиот бран),
тукашната и глобалната криза воопшто. Нема сомневање, налето се посебни, обата
како целина. Оттаму и големата посетеност.
Во екот на годишниот одмор, во неговата средина, разговаравме со охридскиот градоначалник чиј мандат почна лани, на 31 октомври. Претходно, Кирил Пецаков во два наврата беше советник на градското собрание, а подоцна и народен пратеник. Согласно рубриката и порталната концепција, се осврнавме на различни теми - од модус вивенди (начин на живеење), преку модус операнди (начин на работа), до модус процеденди (начин на постапување, постапка). И нешто помеѓу, интересно за читателите на Машки магазин. Во продолжение...
ММ: Летната или сезоната на годишниот одмор е во тек. Поради вирусната пандемија, изминатите две години беше намалена посетеноста. Како е сега, какви се Вашите очекувања и што преземате за да ја зголемите истата? Притоа се соочуваме со финансиска криза, економската состојба е тешка.
К. П.:Судејќи според изминатите продолжени викенди, особено велигденскиот и првомајскиот, мислам дека ни претстои добра туристичка сезона. Имајќи предвид дека патувањата во изминатите две години беа ограничени, сметам дека луѓето оваа сезона сакаат да патуваат и да ги посетуваат туристичките места, меѓу нив и Охрид. Дополнително на тоа, полека се враќаат редовните авионски летови на охридскиот аеродром, кои поради вирусната пандемија беа суспендирани, но зголемен е и бројот на чартер летови. Нашите заложби во изминатиот период се однесуваа на зголемена промоција на Охрид на туристичките саеми, пред сѐ во соседните земји, но и со репортажи во странски магазини. Покрај тоа, преку атрактивни содржини се обидуваме да привлечеме повеќе посетители на градот.
ММ: Кога се работи за Охрид и Вашето менаџирање со градот, тукуречи девет месеци, каква е реализацијата на плановите, како се одвива? Има потешкотии? Дали постои единство на советниците за интересите на градот, граѓаните или партиските конфронтации преовладуваат, сепак? Годинава плажите се неуредени, согласно препораките на УНЕСКО. Чија е вината?
К. П.: На почетокот на мојот мандат како градоначалник бев затекнат од лошата финансиска состојба на локалната самоуправа и на јавните претпријатија кои произлегуваат од неа. Тоа во одредена мера го забави реализирањето на зацртаните планови, но во никој случај не го спречи. Со реорганизацијата која ја спроведуваме и домаќинското менаџирање ни овозможува во периодот што следува со позасилено темпо да ги исполниме нашите ветувања. Што се однесува до единството во Советот на општината, мора да потенцирам дека, кога јас бев советник и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот мандат, воведовме една пракса на безрезервна поддршка на сите точки кои се од интерес на градот, тука не гледајќи на чиј предлог се поставени истите. Во сегашниот совет наидуваме на препреки токму за ваквите точки, но за волја на вистината постојат советници од опозицијата кои ги препознаваат нашите искрени намери и за точките кои се од сечиј интерес, без оглед на нивната партиска определба, ги поддржуваат. Во однос на уредувањето на плажите, потребно е да се изработи детален план кој ќе предвиди на кои точно локации може да се уредуваат плажи. Изработката на планот е процес во кој учествуваат повеќе институции од централно и локално ниво. За жал, Владата на Македонија, не знам од кои причини, сѐ уште ја кочи изработката на планот и поради тоа ние сме оневозможени да ги средиме.
ММ: Визави посетите на ВИП личности - државници, естрадни уметници.., какви се Вашите размислувања за т.н. елитен туризам? Како гледате во правец на негово започнување и понатамошен развој? Бисерот на Македонија, како што го нарекуваат многумина, има можности за него или сепак, предимство ѝ давате на масовноста?
К. П.: Сечија желба е привлекување на финансиски добро ситуирани гости. Но, за тоа да се постигне, потребна е макотрпна работа. Тоа не може да се постигне преку ноќ. За елитен туризам се потребни елитни угостителски локали, елитни хотели, понудата да биде на тоа ниво, а за сето тоа да се направи, потребни се многу финансиски средства, работа и континуирано вложување. За жал, мнозината даватели на услуги не се во можност своите локали веднаш да ги претворат во елитни. Постепено, градот заедно со жителите, ќе растеме и ќе се стремиме кон подобар туризам - ние преку збогатување на градските содржини и инфраструктурата, а жителите преку постепено инвестирање во локалите и во човечките ресурси.
ММ: Што мислите, дали богатствата (и природните и духовните) со кои располага Охрид се доволно искористени за промовирање во светот? Маркетингот е особено важен за туризмот, неговиот развој. Годинава се рекламира некаде, медиумски? На пример, градот е идеален за верски, религиски туризам поради бројот на црквите, нивната убавина која е божествена, празниците. Ме интересира што вели статистиката - колкава е посетеноста на туристите од тие причини?
К. П.: За жал, во изминатите пандемиски години, финансиските приходи од туризмот значително се намалија. Тоа повлекува и кратење на одредени трошоци. Во овој момент, она што не ни претставува финансиски товар е промовирањето на градот по туристичките саеми и во магазините преку репортажи за градот. Во иднина, согласно можностите, во план имаме изработка на стратегија која ќе ни дава насоки по кои треба да се врши промоцијата на Охрид. Во однос на статистиката, не постои прецизна бројка за бројот на посети на религиските објекти во Охрид бидејќи одредени објекти се обележани како музеи, а дел не, па оттука не може да се прецизира бројката на посетители. Меѓутоа, она што може да се воочи е дека тој број на гости е во пораст, што е доста позитивен тренд.
ММ: Вашата политичка работа почна уште во младоста, прво ја вршевте советничката функција во градското собрание (двапати), а потоа и пратеничката, во Собранието на Република Македонија. Но и сега, кога сте градоначалник, ја имате префиксираната придавка „најмлад“. Сметате дека придонесот во државата, општеството (и локално и глобално) може да се даде исклучиво со ангажман во политиката или..? Мнозина го (зло)употребуваат, а целта е само една - личен интерес. Кој е Вашиот мотив?
К. П.: Придонесот кон државата и општеството се дава секојдневно од сите нас, преку нашето дејствување, секој во својата сфера. Јас, покрај мојата професионална определба - стоматолог, одлучив да дадам и дополнителен придонес, односно да бидам дел токму од центрите каде што се креира политиката која задира во секојдневието на граѓаните. Најпрвин, како што кажавте, тоа беше преку општинскиот совет, па подоцна и во Собранието на Република Македонија. Мојот мотив е да успеам да им дадам што повеќе на луѓето отколку што тие очекуваат. Потврда за тоа е секојдневната комуникација со луѓето и средбите што ги остварувам, а кои се интензивираа по изборот за градоначалник. Не користам службен телефон, сѐ уште го користам личниот телефонски број, кој им е многу добро познат на охриѓани и секогаш, во согласност со можностите, им се јавувам или одговарам на пораки.
ММ: Сепак, Ваша професија е стоматологијата - детската, превентивната. Моментално е во мирување? Но, имате и други страсти, пасии како свирењето на виолина, спортувањето (ракометот). Имате време за нив? Со што Ве привлече инструментот (гудачкиот), со високите тонови? А, бидејќи го браневте голот на РК Охрид, ме интересира што мислите за нападот - дали во секојдневниот живот се користи за одбрана, со префиксираната придавка „најдобра“? Вие, како функционирате - аргументирате или..?
К. П.: За жал, сѐ помалку време ми останува за пасиите, но уште си ги милувам, а слободното време го користам да изгледам натпревар на РК Охрид или да уживам во добра музика и добро друштво. Можеби малку познат факт е тоа дека мој дедо е Наум Курте кој заедно со Климе Садило ја оформиле надалеку прочуената група Охридски трубадури од кои се произлезени доста познати охридски песни, па верувам дека тој ген има придонесено кон изборот на овој инструмент. Сведоци сме, особено во изминатите неколку години, дека нападот сѐ повеќе се користи како одбрана. Најчесто без да се посочи ни еден аргумент. Во медицината генерално не постои одлука без собирање на доволно аргументи и податоци. Таа филозофија ја употребувам и во секојдневието. Никогаш не сум дозволил без доволно аргументи и информации да истапам пред јавноста и паушално да напаѓам. Иако обратно тоа не е случај. Често знам да бидам напаѓан од страна на опозицијата без да имаат аргументи или доволно информации. Сметам дека недостатокот на доволно информации е клучот за паушално напаѓање. Сакам и постојано се трудам да посочувам аргументи во секоја дискусија.
ММ: Согласно рубриката, модус вивенди е темата на која ѝ придаваме особено значење. Дали начинот, стилот на живеење зависи од квалитетот? Се придржувате до некоја филозофема, како нејзин следбеник? Во што уживате, Ви причинува големо задоволство? Дали охридскиот модус вивенди е условен, зависен од езерската вода, брегот? Има нешто друго?
К. П.: Охрид сам по себе е приказна, а од личноста зависи дали ќе е квалитетна или не. Најголемо задоволство ми претставува среќата на моите најблиски, а сега, како татко на градот - и среќата и задоволството на моите охриѓани. Апсолутно, квалитетот на животот зависи од стилот на живеење. Спознавајќи се себеси како личност, го оформуваш и стилот на живеење, кој понатака претставува твое лично обележје. Мојата филозофија е да се опкружувам со луѓе кои зрачат со позитивна енергија бидејќи само така можеме да ги придвижуваме работите во позитивна насока.
ММ: А, кулинарските специјалитети - кои се? Јадењата со белвица и пастрмка се деликатесни? Ѓомлезето? За охридската торта се зборува секаде, па дури и на странските форуми. Вашата препорака - која е? На што не одолевате? Знаете да (при)готвите нешто од нив?
К. П.: Повеќе сум задолжен за тестирањето на јадењето отколку за готвењето. На секој гостин во Охрид би му препорачал како што и напоменавте - охридска риба и ѓомлезе, а за десерт - охридска торта. Лично ги сакам сите традиционални македонски јадења, од полнети пиперки, тавче-гравче до традиционалните македонски даски.
ММ: Околу начинот, стилот на облекување - како ќе го дефинирате Вашиот, каков е тој? Работата Ви наложува формална, класична гардероба, па... Какви одела, костуми претпочитате? Од кои материјали, ткаенини? Какви се кошулите, краватите, чевлите кои ги носите?
К. П.: Би кажал дека мојот стил на облекување е спортски. Во него се чувствувам најудобно. Но, согласно пригодата, знам да облечам од смокинг до класичен фит. Иако не сум голем љубител на кравати, кога треба да носам, гледам да не ми бидат премногу шарени, сакам едноставни нешта. Истото се однесува и за кошулите и за чевлите. Преферирам да се изработени од лесни материјали.
ММ: Во други пригоди, како се облекувате? Лежерно, спортски? Дали Ви е битна етикетата, односно марката, брендот? Какви бои фаворизирате во такви прилики? Особено сега, налето. И дали парфемите кои ги користите соодветствуваат на гардеробата, кој за што?
К. П.: Сакам да се облекувам спортски, некако во тој стил се пронаоѓам најмногу и најкомотно се чувствувам. Брендот не ми игра улога, најважно е да ми се допаѓа парчето облека и да ми е комотно. Преферирам свежи бои, а парфемот го прилагодувам на гардеробата и приликата.
Блиц прашања
ММ: Имате две малолетни деца. На прошетките со нив и сопругата, кои знаменитости, дел на градот им го покажувате со задоволство, како своевидни амблеми? А, согласно летната сезона, која плажа Ви е омилена?
К. П.: Прошетките во стариот дел на градот ни се омилени. Знаеме често да ги посетуваме знаменитостите таму, едни од поомилените ни се Самоиловата тврдина, црквата Св. Софија, Канео... Охридската чаршија ни е неизбежен дел од секоја прошетка. Од плажите би ја издвоил К’ј Дивоно, таму сме постојано.
ММ: Дали поминувате низ чаршијата без да испиете чај со пријателите, познаниците и граѓаните воопшто, сега - откога Ве избраа за градоначалник?
К. П.: И пред мојот избор и откако станав градоначалник, викендите, особено во раните утрински часови, излегувам сам и шетам по охридската чаршија. Во старата чаршија одам на турско чајче, каде што со пријателите и познаниците разговараме, па како наоѓам луѓе кои сакаат да се видат со мене, да поразговараат и да се напијат кафе, така седнуваме и докај 12:00-12:30 го користам денот за дружба со граѓаните и пријателите, како што милувам да кажам, за мојот личен ритуал.
ММ: Кога е музиката во прашање, каква сакате да свирите на виолина? Звуците на ориенталната се пријатни, од неа.
К. П.: Секогаш кога имам време, што за жал е многу ретко, ја земам виолината да отсвирам нешто. Сакам да свирам македонска народна музика.
ММ: Пливањето е својствено за охриѓани. Можете да се пофалите со некоја километража што сте ја испливале досега, најголема? И најдолга, временски.
К. П.: Не сум љубител на пливање долги километражи.
ММ: Верувате во казуалитет? Дали сѐ на светот доаѓа и се одвива случајно или по заслуга?
К. П.: Верувам и длабоко сум убеден дека во светот ништо не е случајно, сѐ се одвива по заслуга.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна и архива на Општина Охрид