Лаф-муабет со Иван Наумовски: Човекот од кого се трудам да бидам подобар секој ден го гледам во огледало
Интервјуата, односно разговорите со Иван Наумовски секогаш се инспиративни, не само за новинарите туку и за читателите, поради тоа што неговото размислување делува позитивно на сите, буквално. Така и овој пат. Неодамнешната посета и концертирањето во нашата метропола беше само една од причините да го исконтактираме, да си помуабетиме за сенешто, без повод. Тукутака, согласно рубриката. Оперскиот пејач веќе неколку години живее во Виена каде што и работи. Со неговата интерпретација, вклучително и бас-баритонскиот глас, чија длабочина е совршена за италијанските оперски арии на Доницети, Росини.., Моцарт и секако, во француската и руската литература, ја воодушевува и тамошната, со повеќе од 120 настапи годишно, во дворците, музеите.., и публиката во Германија, Чешка и тука, во Македонија. Без оглед на професионалната ориентација - класичната музика - во слободните, часовите за релаксација обично слуша блуз, поп, рок, соул, џез.
Виенскиот начин, стил на живеење му прилега очигледно, ужива во Café Central и неговата штрудла со јаболка и шлаг, но и во „кубанка“ со чаша Ardbeg или Glenmorangie, во скуба нуркање... Бонвивански е несомнено, а сепак - основата на неговата, филозофијата на животот генерално ја гледа во компетивноста. И да, како вистински Македонец, тој е фасциниран од фолклорот, седумосминскиот такт, песната, историјата.., од македонската духовна култура воопшто.
ММ: Кога е Вашиот глас во прашање, за каква боја се работи, за колкав распон.., ќе ни кажете ли? Атрибутите, кои се? И што е својствено за него - лирика, драматика? Имајќи го предвид фактот дека одредени либрета (оперски) на Вагнер се идеални за бас-баритони, дали сте играле нешто од неговиот репертоар, некоја улога? Предизвик Ви е?
И. Н.: Ах, Вагнер. Настапив во неговата куќа во Бајројт и го свирев неговото пијано после концертот. Седев на неговиот омилен стол и во музејот ги гледав оригиналите на неговите опери. Прекрасни спомени буди името на најголемиот германски оперски композитор кај мене. За жал, со мојата генетика на лирски темен глас, кој треба што повеќе да се оддалечува од неговиот драмски репертоар, нема да ја имам честа да изведувам негови опери. Поимот бас-баритоне широк, со спектар на неколку класификации. Вагнер повеќе одговара на драмските basso cantabileгласови со разорен метал и драматика, кои опфаќаат низини и доста висини, додека мојот глас повеќе ги опфаќа висините на еден баритон и е посоодветен за италијанските опери на Моцарт, Доницети, Росини, како и во француската и во руската литература. Себеси се карактеризирам како понизок баритон кој, како што велеше мојот професор од универзитетот во Виена: „Иван, ти треба да пееш улоги во кои треба да ги откопчаш копчињата од кошулата“. Мачо улоги, во превод. Тореадорот во операта „Кармен“ е една од нив, која има тежина на подрамска улога - предизвик ми е да ја изведам во следните години.
ММ: Каква е релацијата меѓу режисерот и оперскиот пејач? Има невозможни барања? Им се спротивставувате понекогаш? Чиј збор е последен, кој го кажува? Операта е пеење, глас... Какво е Вашето искуство досега?
И. Н.: Во сите музички продукции е сигурно едно - ниеден диригент нема да дозволи некој да е над него. Колку што е важна режијата, според него е поважна музиката, како што и треба да биде. Кај диригентите повеќето барања се поконвенционални и стриктно музички, додека пак кај режисерите имаме слобода на емотивно изразување и тоа води кон потопло поврзување со нив, кое ни овозможува попријателска соработка. Точно е дека режисерите знаат да имаат барања кои понекогаш се проблематични за повеќето пејачи, но сега говорам субјективно, тоа не е случај со мене. Напротив, секогаш сум спремен да одговорам на сите предизвици и да разговарам со него за карактерот и како да се изгради, односно во кој правец да се тргне. Нејсе, сум имал ситуации каде што колегите буквално на првите неколку проби се откажувале од проектите токму заради режијата. Јас разбирам дека сите имаме граници, но ако навистина се работи за тоа да страдаме заради некоја висока уметничка цел во продукцијата, тогаш не разбирам зошто не би го направиле тоа. Ако ништо друго, ќе имаме приказна еден ден да им раскажуваме на помладите генерации.
ММ: Често и концертирате. Обично каде? Чии композиции Ве инспирираат особено? Дали соработувате со македонски автори, современици? Ме интересира дополнително и какво темпо Ви одговара, т.е. Ви лежи најмногу, најдобро? Какви арии?
И. Н.: Најчесто концертирам во Виена, со над 120 концерти во годината, во одредени сали на палати и музеи. Потоа на ред се Германија и Чешка каде што настапувам со симфониски оркестар во палати, дворци преку летото, но најголемо задоволство ми прават рециталите со уметнички песни каде што го склопувам целиот програм и го интерпретирам на свој начин, со пијанист во поинтимна атмосфера. Концертите со оркестар создаваат прекрасна естетика, атмосфера и секогаш ќе бидат дел од виенската историја и култура, но рециталите со уметнички песни (Liederabend)се најинтимни, каде што пејачот се поврзува со публиката. Таков рецитал имав неодамна во Скопје и пред неколку месеци во Киберон (Франција). На рециталот во Скопје пеев на англиски, германски, француски и на македонски јазик, каде што изведов премиерни композиции на македонски автори и имав можноста да соработувам со нив. Прекрасно беше чувството на соработка и се надевам дека во иднина ќе имам уште многу вакви прилики.
ММ: Шоу-бизнисот е присутен буквално секаде, окупира сѐ. Што мислите, дали го има во оперската продукција? Со него се врзува и гламурот на пример. Дали животот на оперскиот пејач е таков - луксузен? Каков е Вашиот, се фасцинирате од т.н. хај-лајф? И што подразбира тој?
И. Н.: Животот на еден оперски пејач знае да биде убав, исполнет со шетање, нови познанства, успеси, учење јазици, запознавање култури, со духовност заради музиката, но во старт ќе ги разочарам сите со реалната слика дека во поголемиот дел од времето и нема баш некој луксуз. Ѕвездите во операта, која веќе стана шоу-бизнис, веројатно живеат материјално „поубаво“, но животот е толку динамичен и тежок што јас лично не би го посакал. Никој нема никогаш да разбере колку е неблагодарна оваа професија додека не почне со проби, со шетање на своја сметка, со аудиции, со претстави, со учење композиции и улоги, со секојдневно чување на гласот, на здравјето. Константното балансирање меѓу приватниот живот и професијата е нешто што звучи едноставно, но верувајте - воопшто не е.
ММ: И службено и приватно - често патувате. Какви места посетувате, сакате? Ќе издвоите некое, со придавката „егзотично“? Може и неколку, зошто да не. Дали се доживувате себеси како глоптротер?
И. Н.: Точно е дека патувам, но не онолку колку што би сакал, затоа што патувам за работа и цело време морам да се фокусирам на неа. Но, покрај работата, сепак не би се категоризирал себеси како глоптротер, затоа што имам листа на места кои сакам да ги посетам од личен интерес, да видам нешто што отсекогаш ме фасцинирало и тука завршува листата. На пример, летово ќе патувам во Египет и ќе правам тури во Каиро и Луксор. Тоа е нешто што како дете го разлистував во книгите по историја. Инаку, Париз и Санкт Петербург ми се фаворити за следните години поради „Лувр“ и „Ермитаж“. Обожавам историја и уметност. За егзотика.., па секогаш можам да посетам некоја од балканските земји како Хрватска. Малдиви на меден месец во иднина, ха, ха, ха!
ММ: Следствено, дали се доживувате и бонвивански? Вашата филозофија каква е? Мислам на животот. Во што уживате најмногу? Кога се чувствувате најдобро? Кои се Вашите задоволства - мераклиски, хедонистички?
И. Н.: Секој ден е ново искуство и благодарен сум што сум на овој свет. Секогаш се будам со насмевка и барам нови предизвици. Оние кои ме познаваат добро знаат дека најмногу уживам во Македонија, кога сум со фамилијата и пријателите, кога јадам македонска храна, пијам македонски пијалаци и играм тенис. Мојата филозофија на животот не е бонвиванска, туку компетитивна и единствена за успехот кој треба човек да го има и гласи: „Ниедна птица не се искачува превисоко, доколку се искачува со сопствените крилја“ (Вилијам Блејк).
ММ: Имајќи го предвид фактот дека живеете во Виена, колепката на културата на пиење кафе, исхрана.., можете да ни кажете повеќе за неа? Ви се допаѓа виенскиот начин, стил на живеење? Виенчанците се крстат во Demel и Frauenhuber, таму се нејзините зачетоци всушност. Дали сте ги посетиле? Што нарачувате вообичаено - кафе, штрудла..? Можеби Kaiserschmarr(e)n - царски омлет..?
И. Н.: Сум ги посетил сите места, но еве, во старт да ја завршиме дебатата, омилено ми е Café Central и неговата штрудла со јаболка и шлаг. На сите топло им препорачувам да го посетат ова место, пред сѐ заради историјата и естетиката, но и заради штрудлата. Јас веќе од поодамна сум навикнат на виенскиот живот. Транзицијата ја прифатив некако природно, без проблем. Впрочем, готвам дома и доста австриски специјалитети. Но, би сакал да кажам една изрека која гласи: „Ако одиме од север кон југ, Балканот почнува во Виена, но ако пак одиме од југ кон север, Балканот завршува во Виена“, така што на еден Балканец не му е проблем да се вдоми во австрискиот главен град, посебно во град каде што има изобилство од одлично пиво.
ММ: Околу гардеробата или начинот, стилот на облекување, како ќе го дефинирате? Налето, какви бои фаворизирате - пастелни, јаки..? Какви материјали? Предност ѝ давате на содржината (квалитетот) или на формата (дизајнот)? И секако, имате омилен/и бренд/ови?
И. Н.: Искрено, секоја мода што е минлива не ми се допаѓа и не сум нејзин фан. Љубител сум на безвременското - на вистинска кожа, на кондури со ѓонови, на Ray-Ban очила, на одела шиени по мера, на поло-маички од Ralph Lauren и Lacoste, на автоматски рачен часовник, односно на сѐ она што никогаш нема да излезе од мода. Во лето сум за поразиграни бои, за шареноликост, а во зима за скандинавска волна, добри чизми и интересна, уникатна јакна. Во средно школо ме интересираше модата, потоа како да спласна некако таа желба откако сфатив дека човекот не се цени по тоа и пред некоја година повторно почна да ме интересира откако го имав моето откровение дека мора да си добро облечен ако сакаш да ја играш играта во твојата професија и крај. Стилот е тврдење за самиот тебе и како човек и како карактер. Човек секогаш треба да биде среден, да остави добар прв впечаток.
ММ: Вашата компетивност е резултат на спортувањето? Дали се натпреварувате во сите домени од животот, сам со себе или..? Од водните спортови, кој Ви е број еден? И генерално, како се одржувате во форма?
И. Н.: Човекот од кого се трудам да бидам подобар секој ден го гледам во огледало. Всушност, секој ден се трудам да бидам подобар. Многу е тешко, но фала богу, сега за сега успевам. Компетитивната природа ја имам уште од дете, иако не можев да разберам зошто техничките спортови се најкомпетитивни, зошто кај нив се натпреваруваме со самите себеси. Од земјените спортови број еден ми се тенисот и скијањето/бордингот. Од водните спортови обожавам скуба нуркање, џет ски. Скуба нуркањето ме праќа во друг свет каде што се чувствувам слободен, а истовремено толку немоќен. Тоа ми создава чувство на адреналин. Генерално со џогирање во паркот Шенбрун кај виенскиот дворец ја одржувам кондицијата, физичката подготвеност и повремено во теретана.
Блиц прашања
ММ: Во слободните, часовите за релаксација, што слушате, каква музика?
И. Н.: Блуз, поп, рок, соул, џез, сѐ што не е класика бидејќи класиката ја имам преслушано и секојдневно сум со неа. Но, во одредени моменти си пуштам класика затоа што сепак душата го бара тоа.
ММ: Што Ве фасцинира повеќе, духовната или материјалната култура? Може пример?
И. Н.: Духовната, апсолутно. Македонскиот фолклор, песната, историјата, фамилијата, седумосминскиот такт. Тоа е духовната Македонија.
ММ: Визави облеката, нејзините бои - какви мириси Ви се допаѓаат - свежи, јаки..? Во лето, кој парфем го користите?
И. Н.:Chopard Mille Miglia ми е омилен парфем. Перфектен машки парфем за секое годишно време. И парфемите на Карл Лагеферд ми се омилени.
ММ: Дали сте страстен пушач, љубител на пури? Кои Ви се фаворитски? Со што ги комбинирате? Мислам на пијалак.
И. Н.: Не сум пушач на цигари и затоа тутун-хедонизам наоѓам кај пурите. Секоја „кубанка“ што не е екстремно јака би одговарала добро со едно право шкотско виски, како на пример Ardbeg или Glenmorangie. Секако, ова се случува само во ретки прилики.
ММ: На крај, што мислите, дали неуспехот е составен дел на успехот? Какво е Вашето толкување, се согласувате со дескрипцијата?
И. Н.: „Можам да прифатам неуспех затоа што секој го доживува барем еднаш во животот. Но, не можам да прифатам да не пробам“, Мајкл Џордан.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Иван Наумовски