Лаф-муабет со Мартин Видоевски: Младите, па и возрасните мажи треба да тежнеат да бидат фит, а не слаби
Неговото искуство ќе ве инспирира несомнено,
вклучитално и денешниот, понеделнички лаф-муабет каде што меѓу другото се
осврнуваме и на згоеноста, дебелината со која се соочуваше како тинејџер. Мартин
Видоевски денес, безмалку дваесет и две години подоцна, не само што изгледа
фит, секогаш е во добра форма, туку и работи како личен, персонален фитнес
тренер, а магистерскиот труд за човечките ресурси, но и степенот на образование
воопшто, му помага во секојдневната комуникација со клиентите.
Иако внимава на
исхраната, одвреме-навреме си дава оддишка и ужива типично хедонистички,
мераклиски во добро приготвена, сервирана храна со македонско или француско
вино. Пасионирано ѝ е посветен и на модата, без исклучок. Естетиката и
чувството за убавото се забележливи не само во изборот на гардеробата, туку и
на додатоците како што се часовниците на пример. Омилен му е „Rolex“, конкретно „Rolex Daytona“. Секако, пиедесталот е резервиран за потесното семејство
или фамилијата - ќерката Кира, синот Јаков и Заза, сопругата чие вдахновение,
инспирација е неисцрпна, во секој поглед. Не ѝ робува на стереотипијата, оттаму
и признанието дека е всушност негова муза, но и единствен спиритус, покрај
децата. Вдахновено, нема сомневање. Како впрочем и другите, останатите
размислувања од различни теми. Но, заеднички е стилот.
ММ: Муабетот ќе го започнеме ретроспективно, ќе се навратиме во тинејџерските години, деновите кога имавте адипоза. Решивте да ставите крај на дебелината, згоеноста. Имавте проблеми? Што Ве натера да се промените комплетно? И како се одвиваше трансформативниот процес?
М. В.:Да, точно е, бев згоено дете. Отсекогаш тренирав нешто - кошарка, џудо, аикидо.., но исхраната ми беше многу лоша. Пресвртотсе случи во милениумската 2000 година, моја полуматура, кога решив дека треба да го променам начинот на живеење. Со диета почнав на 1.05.2000, со тренинзи еден месец подоцна, кога веќе симнав 8 килограми. Од 98 дојдов на 90 килограми за потоа, со трчање и секојдевни вежби, на 11.06.2000 да се вратам од кошаркарски камп со 65 килограми. Другарите во маалото се разминуваа со мене, не ме препознаваа. Ха-ха-ха!
ММ: Дали фитнесот Ве навлече? Очигледно дека Ви одговараше, а доказ е тоа што и денес го практикувате, дури се занимавате со него и професионално - работите како личен, персонален фитнес тренер. Која е Вашата препорака, што ќе им порачате на луѓето чиј проблем е адипозноста? Постои ли нормална тежина и која е таа? Може ли да се пресмета? И како да се постигне? Мислам на младите, возрасните мажи, секако.
М. В.:Фитнесот ме навлече тотално, целосно. Со фитнес започнав во 2006-тата кај чичко Јовче во old school теретана во која и ден-денеска се чувствувам како дома. Како фитнес тренер работам скоро 10 години. Моја лична препорака од причина што и јас бев дебел е да се почне што поскоро со каква било физичка активност. Негативната енергија пред сé излегува преку спортот и рекреацијата, телото се затегнува. Секој не сака да биде слаб, меѓутоа фит не значи само слаб. Фит е оној што може сите дневни активности да ги заврши без никаков проблем. А, иделна, односно нормална тежина е индивидуална работа. Јас имам повторно 98-100 килограми, но структурата на телото е поинаква. Младите, па и возрасните мажи треба да тежнеат да бидат фит, а не слаби.
ММ: Но, фитнесот е препорачлив за сите. Можете ли да ни кажете за неговите придобивки, кои се тие? Последната деценија и повеќе, чинам дека животот е многу стресен, брз, а недостасува и време. Или е само изговор? Како да (о)станеме фит, кондициски потковани? Колку пати седмично би требало да вежбаме?
М. В.:Фитнесот е буквално за сите, од деца до возрасни. Јас имам клиенти од 11 години, па сé до 66. Оптималното време за фитнес е помеѓу 3 и 5 часа неделно, т.е. од 3 до 5 пати седмично, по 1 саат. Стресниот начин на живеење си го зема данокот, а преку фитнесот си го наоѓате издувниот вентил. Кај младите, пак, проблемот е во технологијата и интернетот. Целодневно се поминува време пред компјутер или на телефон, па и пред ТВ со видеоконзоли и тие најчесто страдаат од деформитети на скелет и ‘рбетен столб. Повторно фитнесот и правилното вежбање е излезот од овие несакани појави.
ММ: Исхраната е врзана со фитнесот. Имајќи ја предвид адипозата, претпоставувам дека внимавате што јадете, колку. Си дозволувате оддив? Кулинарството Ви е слабост или..? Уживате во него? И воопшто, дали хедонизмот е Ваш густ? Мислам на меракот.
М. В.:Уф, јас сум хедонист и знам да си дадам оддишка и да си уживам во добра храна и вино. Пазам на храната - да, не внесувам шеќери и пазам внесувањето да биде ограничено на јаглехидрати. Сега постојат многу начини на исхрана, така што за секој организам има исхрана која му соодветствува. Не значи дека тоа што јас го јадам би одговарало за сите.
ММ: Го споменавте виното. Какво сакате, црвено или бело? Можеби розе, шампањско? Преферирате македонско или однадвор? Кое Ви е омилено?
М. В.:Љубител сум на бело вино. „Тиквеш“ со своите нови, француски вина, „Камник“ со неговата „Златна Темјаника“, „Лазар“ со целиот асортиман, особено со „Pearl“, новата линија на „Стоби“ - „Македон“… Од црвените, омилено ми евиното „Император“ на „Бовин“ и „Barberini“ од Франција.
ММ: Вашето семејство, т.е. сопругата и децата се Ваша страст, пасија што би рекле. Фитнесот е другото име на здравјето, па оттаму и прашањето - како ги воспитувате синчето и ќеркичката? Дали отсега им ги всадувате навиците за неопходниот здрав начин, стил на живеење, кој несомнено го претпочитате? На што ги учите?
М. В.:Фамилијата е мојот свет, мојата сила и мотив за понатаму. Фитнесот и здравиот начин на живеење, јас и сопругата Заза им ги пренесуваме на Кира и Јаков, сакале или не. Велат, децата се огледало на родителите, па се надевам дека позитивно ќе влијаеме и од тој аспект.
ММ: Вие инаку завршивте постдипломски студии, односно магистриравте за човечки ресурси. Дали успеавте да ги врзете со фитнесот или работите и друго, нешто плус? Кој е Вашиот лајтмотив кога се работи за професијата, што Ви е спиритус, духовен водач?
М. В.:Мојата магистратура ми помага секојдневно. Јас сум во постојан контакт со луѓе. Милион луѓе - милион и еден карактер. Човечките ресурси ми помагаат во комуникацијата со моите клиенти и за нивните потреби. Секој си е свој и си бара посебен третман, па така си го користам и проширувам знаењето. А, духовен водач ми е Заза, без неа не би бил ни половина човек. Нека звучи клиширано, но таа е мојата муза.
ММ: Секогаш изгледате одлично, тип-топ. Какво е Вашето размислување околу гардеробата, модата, трендовите? Што фаворизирате кога е облеката во прашање? Класика, лежерност? Дали брендовите ги сакате повеќе или..? Шиете по мера?
М. В.:Модата ми е пасија која не можам секојдневно да ја негувам, работата ми е таква што бара постојано да сум во тренирки и патики. Навечер не излегуваме толку често за да можам да се дотерам, но секоја прилика ја користам, кога има таква. „Nike“, „Under Armour“, „Armani“, „Dolce & Gabbana“, „Gucci“, „Christian Louboutin“, „Louis Vuitton“…
ММ: Часовниците станаа престижни аксесоари, несомнено. Дали носите? Swiss made важат за најдобри, дефинитивно. Имате омилени? Кој е Ваш идеал, естетски на пример? Секако, мислам на часовниците.
М. В.:Часовниците се најубавиот моден детаљ.„Rolex“ е т.н. премиум бранд кој стои високо на пиедесталот. „Audemars Piquet“ исто така, вклучително и „Patek Philippe“. Но, тие се сериозни парчиња кои сé повеќе се купуваат за инвестиција, цената расте урнебесно, па и да сакате да купите „Rolex“, ќе ве стават на листа на чекање од 2 до 4 години. „Rolex Daytona“ е најдобар избор за мене.
ММ: Од статусите на Фејсбук може да се забележи Вашата човекољубивост, како и правдољубивоста. Често укажувате на грешките, проблемите, слабостите во општеството, а неретко застанувате и во одбрана, воздигање на омаловажените, маргинализираните. Впечатокот е застрашувачки денес, моралните вредности атрофираат, мизантропијата хипертрофира... Според Вас, дали евангелизацијата во фигуративна смисла ќе помогне да се подобри секојдневието? То ест како да го смениме на подобро?
М. В.:Често сакам да делам правда на социјалните мрежи, но мислам и уверен сум дека целиот наш државен систем е трул, а резултат на тоа е нашиот простотилак како народ. Неписмени генерации следуваат и страшен и поразителен е фактот што над 60 % од основните ученици се неписмени. Ако сега се соочуваме со проблеми во судството, здравството, полицијата.., допрва ќе се случи Армагедон, за некоја година!! На подобро ќе одиме само со целосна реформа на образованието како корен за целиот државен систем.
Блиц прашања
ММ: Околу патувањата, каде Ви е најубаво? Која земја е најблиску до Вашиот сензибилитет или град, сеедно? И зошто?
М. В.:Најубаво ми е во Грција. Море, храна, клима… Италија е на второ место.
ММ: Според начинот, стилот на облекување, кои мажи се најголеми помодари? Италијанците можеби? Зошто се издвојуваат?
М. В.:Италијанците, секако. Они се генератори на модата и стилот на облекување. Во поново време и Јапонците.
ММ: Шармерски стил на однесување - како би го карактеризирале? Кои атрибути го чинат?
М. В.:Шармерски стил и џентлмен во секое значење. Шармот е начин на говорење, гестикулирање, однесување кон другите…
ММ: Меѓу козметичките средства, ќе ги одвоите нужните? Без кои не можете, на што не штедите?
М. В.:За козметиката е задолжена жена ми, јас се грижам за парфемите.
ММ: Што е крајната цел на животот, според Вас? Евдемонизмот учи за среќата и задоволството. Дали се согласувате со него?
М. В.:Јас имам своја идеална цел - сите да сме живи и здрави, мојата фамилија која ми е на прво место и ја дефинира мојата среќа и смислата на животот. Сам човек е за никаде!!
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Мартин Видоевски