Лаф-муабет со Михајло Филев: Мораме да помагаме колку што можеме, каде што е потребно и за себе и за доброто на оние луѓе кои се послаби и ранливи
Учесникот во денешниот, понеделнички разговор ѝ припаѓа на четвртата
генерација од семејството Филеви, познато по надалеку прочуениот охридски
бисер, филигранската изработка и слично. Неодамна беше именуван за почесен
конзул на Србија во Македонија, со седиште во неговиот роден град - Охрид. Лидерите
на „Отворен Балкан“ - претседателот на Србија, Александар
Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија,
Димитар Ковачевски и Еди Рама, го поканија да присуствува на неодамнешниот самит во
Белград, проследен со саем, каде што зема учество. Михајло Филев, инаку магистер по дипломатија, во него го гледа
перспективниот развој и како што вели, новиот балкански Бенелукс.
Во соодветство со рубриката и порталната концепција воопшто, си муабетевме и за хедонизмот, патувањата, незаобиколувајќи го и начинот, стилот на облекување, дополнет со ливанто, и спортувањето и свирењето на гитара. Сепак, предимство ѝ дадовме на професионалната ориентација, изработката на охридскиот бисер, филигранот и слично од една страна и конзулската служба од друга страна. Се разбира, дипломатски ја прими фрлената ракавица и кога се мажите во прашање и трендот - бисерите како моден додаток. И филигранот, зошто да не. Иако е нежен, фин. Како било, филантропијата или добротворството, човекољубивоста му е императив, за доброто на сите, но и на себе. За себе.
ММ: Ѝ припаѓате на четвртата генерација од семејството Филеви, познато по изработката на охридски бисер, филигран и слично. Занаетот Ви е аманет? Се работи за потесна фамилија каде што сите се инволвирани? Колкава е одговорноста на пример во воведувањето на новините или сепак се држите до класиката? И секако, начинот на производство - каков е тој? Бисерите обично се култивираат.
М. Ф.:Сè почнува во 1917-та, во времето на Октомвриската револуциja, кога судбината го донела рускиот емигрант Јован Субановиќ во Охрид каде што се запознава со мојот прадедо Никола Филев, кој во тоа време е сопственик на кафеаната „Велика Србија“ што се наоѓала кај стариот чинар.Се спријателиле, станале големи пријатели, мојот прадедо безрезервно му помогнал, со сите средства, да се осеќа како дома и така, во еден момент, кога биле на прошетка со мојот дедо Михајло Филев,по кого сум и крстен,а го засакал како негов син, ги здогледал уловените риби во кошовите покрај езерото и сфатил дека Охридското и Бајкалското Езеро се слични во флората и фауната и во геолошкото настанување. Всушност, рускиот емигрант Јован бил мајсторот што ја знаел тајната за изработка на емулзијата. Пробал да ја направи, била успешна и така, во знак на благодарност на мојот дедо му ја предал тајната на занаетот за правење бисери. Така, со еден пријателски благослов и откривањето и пренесувањето на тајната, започнала безмалку 100-годишната традиција на нашиот бренд. Охридскиот бисер е единствен природен тип на бисер што се изработува само во Охрид и се разликува од сите бидејќи занаетот е тајна што доаѓа од Охридското Езеро, од крлушките на ендемскиот вид риба плашица (albidus albornus alborella). Затоа и географскиот заштитен назив е охридски, индустриско-интелектуaлната заштита е производот „бисер“, овластени корисници на брендот се охридските семејства Филеви и Талеви и е меѓународно институционално заштитен според елаборатот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Особено важно е тоа што за сѐ да биде научно докажано, имаме и архивски запишани факти и сведоштва и во нашите и во институциите на соседните земји. Мене, како четврта генерација, ми остана аманетот и занаетот и делата на сите генерации да ги понесам како еден сублимат, преку семејното воспитување со сите морални,етички,хумани норми во една енергија која во мене генерира силен поттик, преку работата, воведувањето на многу иновации кои го подобруваат квалитетот и дизајнот и усовршувањето на дополнителните техники, како на пример филигранството, златарството, обработката на скапоцени и полускапоцени камења, заедно со мојот семеен тим и соработниците со кои макотрпно работиме да го зачуваме брендот и со тоа да продолжиме да ја афирмираме Македонија, но и регионот со најсветлиот производ - охридскиот бисер, како препознатлив симбол на нашите културни вредности во светот.
ММ: Без оглед на бремето, важите за градски еснафлија и покрај тоа што еснафството изумира пополека, генерално. Инстант заработувачката е на цена. Што Ве мотивира да му се посветите и денес, кога трговијата ем е лесна ем е доходовна? Или не? Охридското -какво е, во чаршијата има повеќе градски еснафлии, трговци – што е доминантно?
М. Ф.:Секое време има свои предности и мани. Тоа се должи на технолошкиот развој пред сѐ, кој влијае на сите сфери, па дури и на психата на луѓето,а највеќе на трговијата, се бара начин за брза заработка, каде што нема милост кон ништо. Затоа изумираат занаетите,техниката на компјутерите, машините и роботите ги заменуваат вредните раце на занаетчиите. Чаршијата е во процес на редефинирање, има сѐ помалку занаетчиски еснаф во права смисла,сѐ повеќе трговци, што е и нормално бидејќи кога се менуваат демографските услови, се менува и еснафот. Но, како и да е, еснафот мора да го има. Тоа е универзално правило за успех кај трговците, бидејќи муштеријата можете да го излажете само еднаш.Под вакви околности се злоупотребува и нашиот бренд - охридскиотбисер, може и без дазнаат дека е заштитена трговска марка и дека е законски прекршок. Оттаму и нема простор да зборуваме за еснаф. Тие ни прават уште подобра реклама, а за нив е антирекламабидејќи мнозинството ја знае вистината.Но, нашата традиција е докажана, со реноме кое секојдневно го потврдуваме, така што опстанувавме досега, ќе опстануваме и натаму, во сите ветрометини.
ММ: Кога веќе ја начнавме темата за воведувањето на новините, Ви се допаѓа идејата за враќање на минатото? Бисерите моментално се во тренд. Мислам на мажите, секако. Порано ги носеле и градските и црковните великодостоинственици, без оглед на симболиката на женственоста. Има повеќевековна традиција. Нешто за поврзаноста на бисерите со мажите, во историјата...
М. Ф.:Бисерите се вечни, секогаш во тренд, евергрин кога се работи за накитот. Секогаш кога ќе дојдат во дуќан кај мене, на мажите клиенти на шега им кажувам дека ние сме дискриминирани кога се бисерите во прашање, нема накит за нас. Но, затоа пак има копчиња за манжетни, штипки за вратоврски, бројаници за на врат, рака и црковни, за молитви. Секако, се изработуваат по нарачка. Низ историјата, бисерите за мажите се користеле за украсување на прстени, царски дијадеми, жезли, облеки, а во поново време на чибуци, лулиња и рачки на огнено и ладно оружје.
ММ: Неодамна Ве именуваа за почесен конзул на Србија во Македонија. Конзулатот е во Вашиот роден град - Охрид. Изборот не е случаен. Охриѓани им помагале на српските војници за време на Првата светска војна, Михајло Пупин донирал црковно ѕвоно. Кои се Вашите должности, на што ќе се концентрирате првенствено? И секако, во што се состои привилегираноста?
М. Ф.:Голема чест ми претставува моето именување за почесен конзул на Република Србија во РСМ, поточно во Охрид и во Охридскиот регион. Тоа признание не е лично, само за мене,туку и за целиот регион, за нашиот природен, културен и целокупниот потенцијал што го поседуваме. За мене, оваа функција пред сѐ претставува голема љубов и огромна одговорност во остварувањето на нашите цели и проекти, кои ќе бидат наменети за зацврстување набратските односи меѓу српскиот и македонскиот народ, потврдени низ вековите и делата, за спојување на нашите заеднички културни вредности преку економските односи, за унапредување на стопанските и трговските гранки на сите полиња. Инаку, почесниот конзул на Охрид и на Охридскиот регион ги опфаќа општините Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Дебрца, Центар Жупа и Вевчани. Целта е јасна: сите капацитети на овој регион, заедно со градоначалниците на овие општини, сите граѓани со најубави идеи, да изработиме низа проекти од општествено-економско значење на граѓаните и во соработка со владите на РСМ и Република Србија да изнајдеме начини да ги реализираме.
ММ: Сепак, дипломатијата Ви е фах. Во таа област и магистриравте. Какви се Вашите амбиции, претендирате за дипломат, политичар - локален, парламентарен? Што не Ви се допаѓа во македонската надворешна политика, што би смениле? А, што Ви се свиѓа?
М. Ф.:Мојата траекторија од академскиот пат се движи, т.е. почнува со завршувањето на Факултетот за туризам и магистериумот. Подоцна открив дека имам способности и амбиции во дипломатијата. На ФОН го завршив Факултетот за дипломатија и магистериумот, како магистер по дипломатија, но сè започна со нашата семејна традиција бидејќи јас ѝ припаѓам на четвртата генерација од семејството Филеви, изработувач на охридски бисер и филигран. Тоа е најголемиот културен амбасадор на Македонија, кој ги промовира сите наши препознатливи културно-историски вредности.
Македонија и Србија се братски народи со цврсто подадена рака, но тука има проодно место за рацете на сите други братски народи во заедничкиот проект за светла иднина на Балканот, како и за иднината на нашите деца. Перспективата ја гледам во проектот „Отворен Балкан“ бидејќи потенцијалот на сите членки што не сме во ЕУ, а сме аспиранти, со заедничка соработка на сите полиња ќе го преточиме во успешен економски бум во сите сфери. Тоа ќе биде новиот балкански Бенелукс, кој подоцна, со сите завршени реформи и висок економски раст, ќе се интегрира за влез во Европската Унија.
Како дипломат,во Белград, на 1 септември 2022, бев поканет од лидерите на „Отворен Балкан“: претседателот на Србија, г-динот Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија, г-динот Димитар Ковачевски и г-динот Еди Рама, да присуствувам за првпат официјално на еден таков висок настан каде што разменивме мислења на многу теми од регионален и светски карактер, со повеќето претставници на делегациите од сите држви. Конзуларно, тоа беше од огромно значење за регионално поврзување во многу проекти од огромно значење за граѓаните на Охридскиот регион и Македонија и за стекнување на нови искуства во односите на дипломатијата.Добронамерноста, искреноста,љубовта,разбирањето, толеранцијата и хуманизмот би ги задржал во себе, пред сѐ како човек, а истиот би бил и како политичар,но мојата амбиција во иднина, од позиција на почесен конзул на Република Србија со седиште во Охрид, е една и единствена: да го зацврстиме веќе цврсто изградениот мост помеѓу двата братски народа и народите од регионот со космополитизам и доверба, без разлика на верската, етничката и политичката определба, сите да се сплотиме и да придонесеме за развој на економијата, градење на пријателството и мешање на културните вредности преку организирање и другарување на различни културни манифестации.Со тоа ќе ги постигнеме сите светски вредности - безбедност, мир и стабилност за идните генерации.
ММ: И покрај толку работни обврски, наоѓате време за домашните, семејните. Живеете во согласност со етичките норми, правила. Но, што Ви го полни срцето? Мислам на мераклиска работа - хедонистички? Долче вита.
М. Ф.:Семејството е основната клетка на државата, сѐ потекнува од тие вредности, норми. Така сум воспитан и така ги воспитуваме со мојата сопруга Мирјана, заедно со нивните две баби и двајца дедовци, нашите деца Мина (12 г.), Ирма (8 г.) и деветмесечниот Никола. Поддршката е огромна,но и критиките се составен дел на успехот. Бидејќи не се доживувам себеси како суетен и тврдоглав човек, напротив - самокритичен сум, секогашги прифаќам сугестиите од пријателите и семејството за доброто на сите. Максимално гледам да го поминам минималното слободно време и рамномерно да ги распределам емоциите на сите подеднакво бидејќи целосно сум посветен ина занаетот од мојата деветнаесетгодишна возраст и на втората љубов - дружењето со пријателите и роднините, како народен човек.
А, сега, како дипломат, со задоволство ќе се одречам од многу работи за да ја оправдам функцијата која пред сѐ е помогање во олеснувањето на потребите на граѓаните во делувањето во сите сфери,со сѐ што можам.
ММ: Патувањата секако се врзани со сетилното уживање, а има и духовна примеса. Како гледате на нив? Тие се многу повеќе од разгледување на музеи, археолошки споменици... Какви земји, градови, народи Ве импресионираат? Што учите од побогатите, што од посиромашните?
М. Ф.:Хедонизмот и патувањата се најголемото духовно и трајно богатство кое човек може да го стекне, т.е. доживее со семејството ипријателите заедно.Патувањата низ светот, различните меридијани се најзначајни за перцепцијата и разбирањето на светот во сите сегменти, за градењето на сопствената личност преку културата,толеранцијата, разбирањето, човекољубието, како и бројните убави импресии, доживувања од различни места со различни културно-историски, природни вредности. Со една реченица кажано, хедонизмот и патувањата се највредната животна школа, единственото реално богатство кое останува како храна за душата.
ММ: Гардеробата ја купувате за време на патувањата? Забележлив е Вашиот префинет вкус. Што претпочитате - класична, лежерна облека? Според Вас, комбинација што не излегува од мода е..?
М. Ф.:Спортски тип сум, обожавам спортска облека во слободно време, но во текот на работниот ден се облекувам кежуал бидејќи секогаш сум во дуќаните, пред туристите кои ја посетуваат работилницата за производство на бисерите и различните накити од филигран. Презентациите изискуваат попретставителна гардероба, а кога доаѓаат повисоки делегации, се облекувам класично. Всушност, тоа е комбинација која не излегува од мода.
ММ: Французинот Емануел Унгаро рече дека парфемот е интимна, приватна работа - рефлексија на чувството, скриено во срцето. Имате омилен мирис? Какви ноти сакате?
М. Ф.:Парфемот е специфичен бидејки треба да го најдеш оној мирис кој можеш да го поднесешсамиот, но и другите, да не е агресивен и да ти одговара на кожата. Мене, без разлика дали е зима, лето - највеќе ми одговара „Аква ди Џо“.
ММ: И филантропијата во смисла на добротворство Ви е одлика, меѓу другото. Што мислите, дали треба да се потенцира, истакнува толку? Во последно време хуманоста, човечноста - човекољубието се претвори во своевиден маркетиншки потег. Вашето размислување за него...
М. Ф.:Народниот мудрец рекол: ако не можеш да помогнеш, барем не одмагај.Секој човек на светот, ако даде барем минимум од својата заработка и еден час од својата работа, волонтерски, без разлика дали е интелектуална или материјална и притоа да биде насочен таму каде што е неопходно, би го постигнале максимумот за тоа да биде цивилизациски предизвик на сите емпатични, свесни филантропи и добронамерни луѓе чија цел, според сите религии, е благосостојба и мир во светот. Мораме да помагаме колку што можеме, каде што е потребно и за себе и за доброто на оние луѓе кои се послаби и ранливи. Во овие специфични времиња, хуманизмот и емпатијата мора да победи, сите благородни, емпатични луѓе заедно да се организираат и да ги поттикнат бизнисмените кои сакаат да помогнат од срце, да донираат во еден буџет, да не се знае кој колку дал, под едно име и слоган, на пример „Хумани за Македонија“ за да може да се помогне нешто посериозно, на повеќе места. Овае мое мислење и предлог.
Блиц прашања
ММ: Филигранската изработка е порпилично нежна. Им прилега на мажите? Што конкретно? Можеби копчиња за манжетни.
М. Ф.:Филигранот, како и сите други креативни занаети, е вештина која налага пред сѐ дарба, љубов и самотолеранција додека не се постигне рутината и знаењето во сите постапки на работењето.Тоа е мојата втора љубов и традиција како филигранист од 1999-та да го изучам и овој стар македонски занает бидејќи охридскиот бисер најприродно се поврзува со филигранот и добиваме две традиции на накит во едно нешто. Досега создадовме многу такви уникатни парчиња на накит и секојдневно се трудиме да создадеме нова имагинација со уште поинтересни креации. Машките производи од филигран се мој приоритет. Секако,дамите не ги одминуваме - 80% од моделитесе за нив од причина што елеганцијата на сите плетки, контури го налага тоа. За мажите ќе ги издвоиме копчињата за манжетни,навлаките за чакмаци, табакери, пенкала и секако, чибуците.
ММ: Спортувате, така? На што сте посветени, најдолго и максимално?
М. Ф.:Темпераментен сум,максимално хиперактивен од мали нозе, спортски дух.Претпочитам ферплеј. Спортот ми е религија,еликсир, смирување, релаксација и мотив во работата. Ги сакам сите спортови, пред сѐ колективните, но највеќе се задржав на фудбалот, сѐ уште играм. Бев голем талент, но не успеав да се етаблирам професионално заради другите обврски.Вежбам и фитнес со боречки вештини.
ММ: Свирите и на гитара. Што највеќе? Класична е или..?
М. Ф.:Музиката ја обожавам, без неа неможеш да ги искристализираш чуствата,да донесеш некоја одлука,да се мотивираш во работата, да се релаксираш, да ги пребродиш тешките моменти (недај Боже), да поминеш незаборавни мигови со пријателите на разни забави, а можеш и да се заљубиш.Слушам секаква музика што ми буди убави чувства, ги респектирам народните, нашите убави староградски песни од Македонија и Балканот каде што припаѓаме, таквиот ритам ни е во крвта. Секако, во зависност од типот на веселбата, имаме и прекрасни балади, рок,шлагери. Од странските жанрови преферирам рокенрол, сентиш, диско ретрохитови, латино, италијански хитови, а има место и за Бах, Бетовен, Моцарт, Хендел, Чајковски, Стеван Мокрањац.
Свирам на гитара за своја душа, тука повеќе сум фокусиран на ехс-ју хитовите, некако повеќе ми лежат и во пеењето и секако, македонските.
ММ: Според Вас, како треба да изгледа дама, и надворешно и карактерно? Се разбира, под рака со господин човек, џентлмен.
М. Ф.:Зад секој џентлмен стои успешна дама, таа е сѐ. Од добро дизајнирана престилка, скутник за во кујна до убав шешир, фустан, бисерен накит, штикла и чибук, тоа ја карактеризира една дама и секако, воспитувањето со цврст традиционален каратер исполнет со мудрост и острина кога е потребно. Таквата дама е столб на семејството бидејќи секогаш ќе ја утврдува и зајакнува љубовта меѓу неа и џентлменот, а и воспитувањето и примерот на децата ќе биде во права насока, да знаат како и тие да формираат здраво и стабилно семејство.
ММ: Емоциите во денешно време, па и емпатијата, ми се чини дека ги снемува, и тоа забрзано. На што се должи? Како се справувате со мнозинството, бидејќи важите за сочувствителен, емотивен човек? Т.е. како еквилибрирате?
М. Ф.:Во денешно време можеме да забележиме дека, поради многу општествени фактори, глобални проблеми, абнормални модификации на морални и етички вредности и различни системски фрусрации на кој светот стана заложник, луѓето во Македонија сѐ повеќе се обземени со песимизам, апатија, младината се иселува, оттука и почнува да се губи емпатијата, солидарноста, хуманоста, вклучително и емоциите меѓу блиските.Искрено, тоа нѐ загрижува и засегнува сите, не само мене и, за жал, неводи кон решение на проблемите. Затоа бараме модул за секој на свој начин да помогнеме, да останеме луѓе барем, со нешто да придонесеме да ги мотивираме сите во Македонија за сите политички чинители, економската и стопанската комора да се соединат, без суети, во врска со тоа прашање и да донесат некој одржлив план за да излеземе од овој тунел бидејќи мора да има крај и да дојде подобро време за сите.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Михајло Филев