Лаф-муабет со Петар Ѓоргиевски: Духовноста ја гледам во смирението, не надворешното, туку внатрешното, но за тоа е потребен голем труд - борба со сопственото его

Разнообразноста на темите кои ги обработуваме во разговорите со нивните учесници, т.е. соговорници е пропорционална и на сеопфатноста, меѓу другото. Се разбира, согласно интересите на читателската публика. Така е и овој пат. Имајќи го предвид фактот дека на руралната средина во Македонија ѝ отпаѓаат безмалку 87% од вкупната површина, каде што живеат 45% од населението, чиј потенцијал за развојот на селскиот туризам е голем, исто како и желбата за него, лаф-муабетот со Петар Ѓоргиевски, претседателот на македонската и балканската „Мрежа за рурален развој“, сигурно ќе мотивира дел од жителите да се заинтересираат за програмите и проектите на невладината организација, финансирани од различни донатори, со цел да се подобри севкупната, односно живејачката во поширока смисла. Волјата е особено важна. И стремежот или аспирацијата за успехот генерално, според можностите. Тука се малтене неограничени.

Изборот на денешниот учесник во разговорот е занимлив и од инаков, подруг аспект - љубовта кон музиката, не само традиционалната македонска туку и црковното пеење со придавката „византиско“, кои најуспешно ги сплотија некогашните „Анастасија“ и „Мизар“, каде што членуваше и нашиот соговорник. Исто така беше дел и од „Хармосини“, црковниот хор чие пеење го опишува како неисцрпен извор на духовна инспирација и еден од највозвишените начини на музичко изразување. Веројатно оттаму и смирението, не надворешното, туку внатрешното, кое во денешно време се постигнува многу тешко. А, џентлменството - е, па тоа е друга приказна. Вклучувајќи го и хедонизмот и начинот, стилот на облекување и уште повеќе, како и секогаш. 

ММ: Пред да се осврнеме на македонската и балканската „Мрежа за рурален развој“ со кои претседателствувате, можете да ни кажете генерално колкава е руралната средина во Македонија, т.е. процентуално - колкава површина заземаат руралните области, каква е состојбата, на кое ниво е нивниот развоен процес и што е рурален развој, секако - негова дефиниција, интегрално?

П. Ѓ.: Македонија е претежно рурална земја, руралните средини зафаќаат околу 87% од вкупната површина на државата, каде што живеат 45% од вкупното население. Земјоделството претставува најзначајна економска дејност. Поголемиот дел од бизнисите во руралните региони се мали компании насочени кон задоволување на локалните или регионалните пазари. Од покрупните капацитети, во руралните области се наоѓа скоро целата индустрија за преработка на храна. Генерално, развојот на индустријата во сите региони е ограничен од квалитетот на патната и деловната инфраструктура и сè повеќе од недостигот на квалификуваната работна сила.

Во руралните средини постои одличен потенцијал за развој на руралниот туризам, но тој сѐ уште е недоволно развиен. Скоро половина од територијата на државата има потенцијал за развој на атрактивни туристички производи, вклучително и традиционалната храна и занаетите и севкупното природно и културно наследство. Но, руралниот развој не е само економскиот потенцијал на една земја, тоа е една комплексна тема која ги вклучува и останатите елементи потребни за развој на условите за живот во овие средини, како на пример: пристапот до образованието за децата од руралните области, здравството, квалитетот на физичката и социјалната инфраструктура, која е влошена во текот на изминатите декади.И покрај тековните инвестиции на владата и општините во модернизацијата и проширувањето на патната инфраструктура, состојбата на патната мрежа сè уште е незадоволителна, така што, ако сакаме да дефинираме што е рурален развој, тоа е процес за подобрување на социоекономските услови и условите на животната средина на руралните жители кои живеат во релативно неразвиени области. 

ММ: А, целта на „Мрежата за рурален развој“ - каква е таа, нејзината мисија? И покрај тоа што се работи за невладина организација, соработката со извршната власт е неминовна. На кој начин функционирате, кои се финансиерите и каква е постапката на избор на руралната средина, областите во кои ќе делувате? Може да се иницира локално?

П. Ѓ.: МРР е сојуз на здруженија, основана во март 2010 година, како движење организирано на национално ниво. Моментално брои 85 здруженија кои се диверзифицирани по својата дејност. Има земјоделци, екологисти, занаетчии итн. Ги обединува тоа што сите работат во делот на руралниот развој. Делува преку различни програми и проекти финансирани од различни донатори.Нејзината мисија пред сѐ е да гради партнерства и да остварува стратешка соработка за влијание врз политиките за рурален развој на локално и национално и на европско ниво. Таа е социјален и економски партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, исто така е дел од повеќе национални тела, како што е телото за управување со ИПАРД и значително придонесува во креирањето на регулативите кои се однесуваат на развојот на руралните заедници. Секако, претендира да биде глас на руралната заедница, преку вклучување на членството во развојните процеси на руралните средини, особено во активностите за градење и искористување на нивните способности, вештини и знаења и секако, да промовира и застапува ставови кои поттикнуваат услови за еднаков развој и одржливо искористување на природните ресурси. Исто така дава поддршка за развој на заедниците во руралните средини преку зголемена вклученост на локалните чинители од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во заеднички иницијативи. Овие иницијативи пред сѐ доаѓаат од локалните чинители при што МРР ги поддржува како и на кој начин да ги користат вештините за да го преземат и водат идниот развој на заедницата. 

ММ: Одржливоста е битна карактеристика, компонента на развојниот процес, но сепак - можете ли да издвоите рурална област, средина во Македонија што е репрезентативна за туристите (и домашните и странските), каде што е забележлив Вашиот придонес? Нека биде летна дестинација. Претпоставувам дека и туризмот е дел од процесот.

П. Ѓ.: Да, како што споменав и претходно - туризмот е неодвоив дел од развојот на руралните средини, а Македонија има голем потенцијал. Како дестинации би ги издвоил сите села што гравитираат околу нашите природни езера - Охридското, Преспанското и Дојранското, потоа Малешевијата, Крушево, селата под Пелистер. Тука не ги исклучувам и другите природни убавини кои се исто така атрактивни и привлекуваат многу туристи, но она што е важно е каков пристап имаме за нив, во смисла на инфраструктура, програми и услуги. Не е доволно само да се восхитуваме гледајќи ги оддалеку, туку како да ги уживаме и на каков начин да се оствари економски бенефит за локалното население и за државата, секако запазувајќи ги сите елементи за зачувување на животната средина.

ММ: Биодиверзитетот генерално се врзува со руралната средина, областите. Дали ги посетувате и приватно? Каде патувате обично, во друштво со блиските на пример? Ме интересира за луѓето - дали се желни за понатамошен тек на процесот, сами да продолжат или возбудата е краткотрајна, додека сте присутни таму? Постои ли волја? Егзактен пример, може?

П. Ѓ.: Мојата работа ми овозможува многу често да ги посетувам овие места, често да патувам во источниот и југоисточниот дел на Македонија каде што луѓето од руралните подрачја (претставници на општини, деловен и граѓански сектор) навистина покажуваат голем интерес за развојот на своите заедници, даваат свои идеи и се вклучуваат во реализацијата на различни проекти. Позитивно е што не губат надеж и сакаат нивните иницијативи да функционираат и после нашата поддршка, т.е да бидат одржливи. Честопати ги посетувам и приватно, со моите најблиски, меѓу нив и Берово, Пехчево, струшка Радожда, Преспа итн. 

ММ: Со оглед на тоа што ја водите и балканската „Мрежа за рурален развој“, како е на Балканот воопшто? Која од балканските земји е лидерска, води во развојниот процес? Дали се раководите оттаму? Кое место (село, на пример) предизвикува восхит и е достојно за пофалба?

П. Ѓ.: Да, балканската МРР е уште еден голем предизвик, односно идеја инспирирана од потребата за воспоставување на соработка со организации од регионот кои делуваат во областа на руралниот развој, а во која лично вложив голем напор за да се оствари. Во неа се обединети, под една капа, националните мрежи за рурален развој од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија. Балканските земји се слични во многу нешта, па, така, сличности има и во руралниот сектор. Сепак, постојат разлики во нивото на вложување во развојот на руралните средини. На пример, Хрватска како земја членка на ЕУ е понапред од сите во однос на инвестирањето во руралните средини. Од другите земји би ја издвоил Србија каде што можеби најмногу е видлив развојот на руралниот туризам, со една голема и диверзифицирана понуда на храна, сместувачки капацитети и релативно добра инфраструктура. За мене, една од најинтересните рурални локации на Балканот е Дрвенград на Мокра Гора, општина Ужице. Тоа е етно село изградено во автентичен стил по иницијатива на познатиот режисер Емир Кустурица. Дрвенград има богата туристичка понуда која, покрај традиционална храна и сместување, вклучува и интересни туристички тури со разгледување на раскошното природно окружување.

ММ: Лаф-муабетот е сеопфатна рубрика, во смисла на темите, па... Да поразговараме и за приватноста. Една од Вашите страсти е скијањето, а пропо горенаведеното. По потекло сте битолчанец, почетоците ги врзувате со Пелистер. Му се враќате и денес? Какви се патеките сега, се инвестира доволно во нив и општо, во скијачкиот центар? И патем, во што е привлечноста на скијањето, од Ваша гледна точка?

П. Ѓ.: Да, скијам од мојата седма година со активно тренирање во тогашниот ски-клуб „Ѓорги Наумов“, а подоцна и во клубот „Пелистер“, така што можам да кажам дека израснав на оваа прекрасна планина.За мене, нема друг спорт што дава толкава слобода како скијањето. Скијањето го дава она незаменливо чувство дека целата планина на некој начин е само твоја, додека брзаш по падините, користејќи ја единствено силата на своите сопствени нозе.

За жал, Пелистер остана заборавен и од битолчани и од државата. Тоа што се прави сега за ски-терените и целиот потенцијал кој го има планината Баба е само козметика, ако можам така да кажам. Многупати е кажано какви потенцијали нуди Пелистер, не само за скијање туку и за планинарење, алтернативен туризам кој ги вклучува и екстремните спортови и што уште не, особено имајќи предвид што Пелистер е само на десетина километри од Битола, град со богато културно и историско наследство. И покрај сево ова, не е инвестирано во ништо. Скијачките центри во регионот, како на пример Банско, Боровец, Пампорово, Копаоник, го имаат приматот на ски-ресорти кои нудат вистинско скијање и уживање во планината. Сѐ уште не сум ја изгубил целосно надежта дека во иднина државата ќе преземе конкретни акции со кои местата како Пелистер ќе станат туристички инвестициски зони и атрактивни зимски дестинации, како за домашните, така и за странските туристи и вљубеници во зимските спортови. 

ММ: Но и музиката е Ваша пасија. Како дел од култните „Анастасија“ и „Мизар“,

какви се сеќавањата на нив? Какво беше искуството? Денес нема бендови од толку голем калибар. Времињата се сменија.

П. Ѓ.: Иако мојата професија нема многу врска со музиката, љубовта кон музиката кај мене постои уште од тинејџерските денови. Во моето скромно музичко искуство, да не речам „кариера“, имав среќа да бидам дел од најдобрите групи во Македонија, како што се „Анастасија“ и „Мизар“, за кои сметам дека најуспешно го доловија тој оригинален микс на традиционалната македонска музика и нејзината духовна сплотеност со византиското црковно пеење. Тоа беше прекрасно, неповторливо искуство. Со „Ансатасија“ имав можност да настапувам скоро низ цела Европа, на места како „Риверсајд“ во Лондон каде што настапувале Дејвид Боуви, Ејми Вајнхаус и др. Со „Мизар“ настапувавме на „Егзит“ во Нови Сад, имавме концерти во Загреб и на други места на просторот на бивша Југославија.

Музиката не ја оставив до ден-денес, а и таа не ме остава мене. Во моментов сум вклучен во еден музички проект кој е поразличен од она што сум го работел досега. Работиме со актерот Сенко Велинов и една убава екипа составена од млади, но искусни музичари. Со истата екипа, пред 4 години, во МНТ направивме трибјут-концерт на славниот Влада Дивљан од поранешната југословенска група „Идоли“, кој помина одлично кај публиката. За жал, немавме можност да го повториме концертот, но ентузијазмот и енергијата останаа, па групата продолжи со работа на сопствени, авторски песни. Се надевам и очекувам дека во најскоро време ќе имаме можност да презентираме дел од новата музика. 

ММ: Не можеме да не ја споменеме и Вашата фасцинација од црковното пеење, византиското пред сѐ. Дури бевте и хорист. Ќе ни го доловите? И чувството. Исто така и неумите се врзуваат со него, што е поприлично тешко.

П. Ѓ.: Да, бев дел од црковниот хор „Хармосини“, како еден од ретките хорови во Македонија кој практикуваше византиско пеење. Хорот првпат го слушнав на литургија во манастирот Св. Ѓорги во Скопје, каде што сум венчан и каде што се крстени моите две ќерки. Запознавајќи го византиското црковно пеење, открив дека тоа е неисцрпен извор на духовна инспирација и еден од највозвишените начини на музичко изразување. За жал, хорот веќе не е активен, но верувам дека, додека постоеше, успеа да инспирира и други млади луѓе да го запознаат византиското црковно пеење и православното христијанство воопшто.

ММ: А, духовниот живот, развој.., се чини дека во последно време се занемарува. Друго е на цена - материјализмот. Вашето размислување, какво е? За духовноста генерално. Вторичноста на свеста (човековата) визави доминацијата на политичката на пример.

П. Ѓ.: Духовноста ја гледам во смирението, не надворешното, туку внатрешното, но за тоа е потребен голем труд - борба со сопственото его. Оној кој вистински тежнее кон внатрешен мир, треба постојано да се труди да го отвори своето срце кон другиот и да дава сѐ за другиот, не барајќи ништо за возврат. Денес тоа е речиси незамисливо, дури и служи како предмет на подбив. За политиката немам коментар.

ММ: Тука се наметнува и прашањето за џентлменството. Интерпретацијата се врзува со надворешниот изглед, но не и со манирите. Според Вас, што е џентлменско, кое својство на човекот? Ве прашувам од причина што блиските, познаниците Ви го припишуваат, без двоумење.

П. Ѓ.: Џентлменството би го поврзал со љубезноста и доброто воспитание, кое подразбира искрено почитување на луѓето со кои се комуницира. Во таа смисла, се надевам дека тие што ме познаваат всушност така и ме перципираат. 

Блиц прашања

ММ: Го споменавме и надворешниот изглед. Што мислите, облеката го прави човекот или..? Руба краси, руба гнаси - се согласувате Вие со изразот? Имате слабост кон гардеробата? Мислам на облеката, модните додатоци (аксесоарите).

П. Ѓ.: Мислам дека облеката не го прави човекот, но сепак сакам добро скроена гардероба и секако, модни додатоци како часовник или каиш.

ММ: Кога ги бирате, за што се определувате - содржината или формата Ви е поважна? Трговските марки донекаде ги гарантираат обете - и едната и другата - и високиот, големиот квалитет и убавиот, привлечниот дизајн. Вие, претпочитате маркирана, брендирана гардероба? На кој бренд му давате предност?

П. Ѓ.: Не сум роб на трговските марки, брендовите. Купувам гардероба која е добро скроена, квалитетна и едноставно ми се допаѓа, не мора да е бренд. Она што ме привлекува кај гардеробата е моментот на изненадување или неочекуван дизајн, можеби во форма на детаљ на крагна, копчиња или апликација на обична Т-маица.

ММ: Хедонизмот е неизбежна тема во лаф-муабетот. И кулинарството меѓу другото. Со оглед на тоа што ја опфативме руралноста, од македонската кујна - кое традиционално јадење Ви е омилено, од каде точно? Дали знаете да го приготвувате сами?

П. Ѓ.:Готвење. Или повеќе уживање во добра храна, подготвена за најблиските или за добро друштво. Готвењето за време на викендите е една од моите пасии - тоа е посебно поле за креативност. Мене, лично, омилени ми се рецептите кои вклучуваат морска храна, но љубител сум и на традиционалната кујна.

ММ: А, вино? Го фаворизирате македонското? Кое Ви е најубаво?

П. Ѓ.: Го сакам црвеното вино, кое во себе содржи слатка нота, од брендовите на „Бовин“, „Тиквеш“ и „Далвина“.

ММ: На крајот, менаџерската болест е присутна во голема мера, поради постојаната психичка напнатост. Како му се спротивставувате на стресот, ако е тоа воопшто можно? Луѓето го предзвикуваат, дефинитивно. Меѓучовечките односи. На кој начин се поставувате во комуникацијата, за притоа да ги избегнете недоразбирањата..?

П. Ѓ.: Во последните 12 години, откако сум на раководна позиција на двете организации, големо внимание посветувам на градењето на професионални тимови, кои ќе можат самостојно да ги извршуваат своите работни задачи и мислам дека успеав да создадам креативна и тимска работна атмосфера со меѓусебна доверба, почитување и поддршка. Покрај координирањето на тимовите, настојувам поголемиот дел од времето да го користам за планирање на идни активности. Во брзиот ритам на секојдневните активности, стресот е сепак неизбежен. Тоа е современа болест и навистина, секојдневното справување со него е голем предизвик. За мене, лекот е во музиката и дружењето со семејството и пријателите. Најубавите и најрелаксираните моменти ми се поминати дома, кога се дружиме, свириме и пееме заедно со моите две ќерки, Јана и Неда и сопругата Ирена. Ќерките свират на гитара и бас, па си имаме домашен бенд. Сите се надеваме дека короната ќе помине бргу за почесто да се собираме и дружиме и со пријателите. Има ли нешто поубаво од тоа?


Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Петар Ѓоргиевски