Лаф-муабет со Синиша Наумоски: Почитта кон жените, тоа е џентлменско за мене

Неретко учесниците во понеделничките разговори, како дел од порталната рубрика насловена „Лаф-муабет“, се толку инспиративни, а и елоквентни што без оглед на големата должина на интервјуата (причината лежи во сеопфатноста или поточно во неисцрпноста на темите), просторот е сепак ограничен, мал за потполна експресија. Нормално, истото важи и за денешниот соговорник - Синиша Наумоски. Негов фах е банкарството во чие поле на дејност е и позицијата на член на Советот на Народната банка, претседателското место во Комитетот за ревизија во НБРСМ од 2018-та, вклучително и професурата во првата независна македонска банкарска академија од 2014-та, кога се основа АБИТ (Академија за банкарство и информатичка технологија) каде што е во управувачката структура (тој е всушност еден од иницијаторите на нејзиното формирање) и уредничката работа во списанието за финансии „е-Банкар“. На почетокот на 2012-та докторира, стана доктор на економски науки. И претходно и во меѓувреме, С. Н. учествува на бројни мотивациски обуки, тренинзи како на пример на познатиот Брајан Трејси. Годинава партнерството, заедничкото дејствување со IBMHS (Institute for Business & Management Heidelberg) се круниса со одобрување на Владата за тука (во Скопје) да се отвори германски факултет, прв до сега - Хајделберг.

Постојаната работа, надградбата во секој поглед го вклучува и духовниот развој на себе - духовноста. Во 2015-та ѝ се приклучува на кабалата (станува нејзин приврзаник, следбеник - кабалист) чие тајно учење на Евреите од периодот на средновековјето, испреплетено со мистика, неговите мудроштини ги применува во животот, секојдневната работа... „Стапицата на егоизмот“ е само една од нив, а убавото изненадување што му го приредија неговите „браќа“ пред нешто повеќе од четири години во стариот дел на Јафа кај Тел Авив ќе го памети дури е жив. И превезот на очите и преминот во „новиот пат“... И покрај тоа што, согласно кабалистичката интерпретација на сетилното уживање, насладата по малку е егоистичка, одвреме-навреме му се препушта на хедонизмот - како што вели, едниот порок (цигарите) го замени со друг (пурите). Обично ги пуши доминиканските, никарагванските со американско, ирско виски - во кругот на пријателите. За нив, за џентлменството и неговото поврзување со „слаткиот живот“ (другото име на хедонизмот), за „мерцедесот“ и госпоѓа Бенц.., можете да прочитате во продолжение. А патем, што мислите за банка на плажа во Охрид? Ви се допаѓа таквата идеја, по теркот на Малага? И одговорите на овие прашања се подолу. 

ММ: И покрај тоа што концепцијата на порталот е инаква, не можеме да ја одминеме кризата на глобално ниво, следствено и тука, во Македонија. Без оглед на истата, континуирано се соочуваме со финансиски тешкотии, со години. Аналитичарите имаат песимистичка визија - банкрот. Каква е Вашата? Ме интересира, во што е проблемот, кај кого?

С. Н.:Паралелно со независноста на државата, некаде пред 31 година, ние, како систем, сме во перманенетна крза, како што вели народот. Оттука, сметам дека овој период ќе биде, на еден начин, искушение кое народот и македонската држава ќе го совладаат. Да не заборавиме, по две тешки години на пандемија, исполнети со копнеж за нормален живот, дојде и руско-украинскиот конфликт (војна) како маргинална (дополнителна) мачнина на човештвото. Поточно, на почетокот на оваа година, добро помнам, на крајот на февруари, со воведувањето на меѓусебните санкции (Запад-Исток), светот влезе во трета, но сега светска економска војна, а сето тоа е поради започнувањето на конфликтот во Украина. Тоа е проблемот за состојбата на економијата денес. Практично, ако сме објективни, мора да признаеме дека состојбата со нарушената понуда или т.н. тесни грла на синџирите на снабдување како резултат на кризата со пандемијата од една и состојбата на драстично поскапување на енергенсите и храната како резултат на украинската војна од друга страна се виновниците за состојбата со регионалната, па и со македонската економија денес. Во таа насока, тогаш, на почетокот на конфликтот, кога сите бевме во грч (24 февруари), а еве и денес, може да се забележи дека јавно достапните показатели говореа дека директните трговски и финансиски врски со Русија и Украина се мали, па оттука и ефектите од конфликтот ќе бидат индиректни, преку понискиот раст на Германија, како наш главен трговски партнер, со посебен осврт на покачувањето на цените на примарните производи, нафтата и енергенсите. Но, гледаме дека таквите влијанија, кои навидум беа индиректни и мали, денес имаат силен негативен одраз во економијата. Токму затоа и состојбите се вакви. На крајот, ваквиот неповолен економски амбиент ќе се алоцира во потиснувањето на инвестициите надолу, како резултат на повисоката стапка на инфлацијата (ќе се намали потрошувачката во домаќинствата и корпоративниот сектор). Имено, ваквиот тек на говорење може да ја обои нашава дебата со „црна боја“ и истата да биде негативна. Секако, ако продолжам со мислите дека чашата е полупразна. Затоа си велам, како економист - ајде вака да ја поставиме тезата: Дали неповолните состојби на Истокот, тука мислам на фабриките - филијалите на големите компании од ЕУ и САД, можат да влијаат на управите, преку нашата убедувачка моќ, во таа насока и на поместувањето на истите во македонската економија?

ММ: Вашата магистратура се однесуваше на менаџирањето со јавното здравство. Извештаите за раководењето со клиниките се поразителни. Која е причината за толкавите загуби? Неподобноста на менаџерите? Раководниот кадар обично е и партиски. На кој начин може да се подобри целокупната состојба?

С. Н.: Да, се сеќавам на тој период. Имено, беше 2006-та, јас си го барав мојот пат во кариерата, а татко ми беше на висока служба во Министерството за здравство, во финансиите. Инспириран од него, одлучив да студирам финансии на Медицинскиот факултет, ха, ха, ха! Се шегувам. Практично, да, тоа беше размислата, да студирам на Медицинскиот факултет, на Катедрата за јавно здравје, со посебен осврт на менаџирање на јавно-здравствените установи во македонскиот здравствен систем. Оттука и тогаш и сега сум на мисла дека во здравството, мислам на нашето јавно здравство, мора да има менаџери на првите позиции, како директори на јавно-здравствените установи со добро познавање на финансиите и начините (изворите) на финансирање. Лекарите да не ме разберат погрешно, сите ние не можеме без нив и за таа цел тие треба да се најгоре на општествениот пиедестал, да се најплатените професии, но за да менаџираме една организација и да ја одржуваме на високо ниво од аспект на финансиите, мора да има менаџер кој ќе биде добар познавач на финансиските текови. Секако, како што и Вие самите велите во прашањето, партизацијата е огромен проблем во македонскиот здравствен систем, па и насекаде во системот. Така е веќе триесетина години. Во таа насока може да се каже дека тоа е еден од причинителите за негативните резултати во билансите на клиниките и болниците воопшто, но од друга страна, пак, мора да дополнам дека во светот нема идеален здравствен систем. Насекаде има проблеми и загуби (прашајте ги луѓето од нашата дијаспора - ќе ви кажат, по основ на ова). Практично, една од важните работи во здравството, која требаше да ја разберам, беше дека таму не е како во банкарството. Имено, не се штеди на здравјето на луѓето.

Дали има решенија за проблемите? Да, има. Моите тези се јавно познати и во писанијата кои ги објавувам како колумни во Фактор. Потребно е најголемите политички чинители, особено од македонскиот блок, да бидат во позиција на власт, јас велам како „германскиот модел“ од времето на Меркел, најмалку два мандата, со една цел - да се подобри системот во целост. Сѐ друго е профитерство, а не патриотизам.

ММ: Македонија се вбројува меѓу десетте најсиромашни земји во Европа, шеста по ред. Сите десет не се членки на Европската Унија. Спасот е во неа? Како доктор по економски науки, што мислите - дали „Отворен Балкан“ е можност за финансиски да се оправиме, колку-толку? Задолжувањето нема крај. Меѓу другото и економскиот проблем се смета дека е причина за „лошата среќа“ на Македонците кои се вбројуваат меѓу најнесреќните Европејци.  

С. Н.: Да, сакам да сум јасен по тоа прашање - спасот на македонската држава е во ЕУ, но не по секоја цена, ако може да се каже така. Ние Македоците плативме висока цена за интегративниот процес. Можеби највисока од сите претходни земји. Оттука и авторитетите од ЕУ треба да бидат поразлични, поинакви од минатото. Еве и денес, кога сме во т.н. светска економска војна, може да се каже - тоа е прилика за ЕУ да покаже дека може да биде и надвор од административните процедури (читај: да ја забрза процедурата за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ рамките). Македонската држава исто така даде и многу жртви за таа цел. Се сеќавам, како дете во 1990-тите, не беше лесно да се преживее промената на знамето, потоа и територијалната промена на границите на Кичево и Струга, конфликтот во 2001-вата, додавката на името, како и многу други отстапки во име и за цели на интеграцијата. На Европа ѝ е потребно единство како никогаш порано. Затоа сакам да верувам дека тоа единство ќе биде проследено со еден позитивен потег на Европската комисија, првенствено за земјите од Западен Балкан, особено за македонската држава, а потоа и за Украина - заедно. Но, згора на мојот оптимизам, мора да се придодаде и реалноста, денес во Европа. Имено, по победата на ултрадесничарската коалиција во Италија се наѕира уште еден проблем во самата ЕУ. Оттаму и ние, како мала држава, мораме да се држиме најблиску до САД и Германија. Погрешна е тезата дека Србија ни е најголем пријател. Да, таа е наш сосед и пријател, и тоа голем, но најголем пријател ни е САД, а потоа Германија. Да не заборавиме дека живееме во време во кое само со Сојузна Република Германија остваруваме суфицит во трговската размена, а тоа значи влез на сериозно количество евра во македонската економија, како резултат на извозот на домашните продукти во германската држава. Во насока на темата за „Отворен Балкан“, на мисла сум дека иницијативата е добра, ако се има предвид дека ЕУ интеграциите се забавени. За таа цел, додека се интегрираме бавно, можеме и самите да се обидеме да се зацврстиме како регион. Со тоа добиваме сите, а во услови на глобална економска војна можеме да си помагаме само едни на други, како соседи, но и како регион. Албанија, особено мудрата политика на тамошните власти, охрабрува во процесот. Инспирира, ако милувате со други зборови.

ММ: Не можеме да бидеме индиферентни и кон најавата за рецесија од Светската банка. Дури и анализата на „Форбс“ за Европа го покажува истото. Како да го зачуваме душевниот мир во ова тешко време? Прашањето не е случајно бидејќи перманентно работите на него. Како приврзаник на кабалата се интересирате за духовниот развој и духовноста генерално. Што да правиме, како да се однесуваме кон себеси за смирение?

С. Н.: Денес сите ние сме во уште еден пик, но сега не е пандемиски, туку пик на војната во Украина. Тоа значи дека времињата се тешки. Таквата состојба, покрај страотните здравствени последици, предизвикува и силна криза во духот кај населението. Оттука, може да се претпостави дека доаѓаат состојби на потешки времиња за колективната стапка на духовноста во душите. Причината за ваквите состојби, уште многу пред пандемијата, беше нарушувањето на довербата меѓу луѓето. Таа, дополнително, како последица на пандемискиот период, речиси и целосно да се изгуби. Денес влегуваме во една т.н. фаза на колективна духовна и општествена криза. Економски, тоа може да се објасни како состојба во која луѓето се опседнати само со профит и материјални добра или, со други зборови, тие се единствените владетели на системот. Поради кризата, луѓето се склони кон штедење, а тоа предизвикува намалена стапка на лична потрошувачка.

Понатаму, тоа доведува до негативни ризици за ликвидност и се појавува т.н. глад за ликвидни текови или состојба која ги тера претприемачите да бараат алтернативни извори на ликвидност што на крајот ќе предизвика состојба на акомодација во микроекономијата (читај: во домовите и семејните бизниси). Така, меѓу граѓаните ќе се појави една изразена состојба на акомодација што ќе резултира со нарушен спокој и притисок, за тие да се ориентираат на бизнис и трговија, а тоа ќе продуцира само натпревар меѓу нив. Таквата трка или натпревар ќе донесе силна или, би рекол, многу посилна завист од таа до пред кризата, во големи размери, а проследена со отсуство на спокој и среќа меѓу луѓето. Резултатот е колективна рамнодушност и меѓусебно непочитување, еднакво на состојба на колективно незадоволство од сѐ и барање на виновник во секој. 

Како напред? Според мене, како приврзаник на учењето кабала, уште од 2015-та во Тел Авив, преку тамошното масонско движење, ова за прв пат го спомнувам јавно во вашиот медиум, тврдам дека ако сите се менуваме во насока на објективност на фактите и направиме барем по едно добро дело (квартално/годишно), а без притоа да имаме личен интерес од тоа, ние сме дале придонес во општествениот прогрес за „еден милиметар“ понапред. Така, чекор по чекор, ќе се почувствува ефектот. Кога општеството ќе почне да прогресира, иако полека, но движејќи се, тоа ќе ослободува простор за експанзија во економијата. Таа ќе оди напред и на долг рок. Доколку ја имплементираме оваа мудрост, ќе создава подобро општествено уредување - бавно, но ќе се движи.

Во насока на смирението на себеси, постои една мудрост, т.н. еврејска мудрост - „стапицата на егоизмот“, која сакам да им ја пренесам на Вашите читатели. Кога имаме егоистични желби, а сите ние имаме, тие не можатда се остварат во нивната природна форма. Тоа сеслучува од едноставна причина:кога задоволуваме некојажелба, ние ја гаснеме, а гаснејќи ја - престанувамеда се насладуваме.На пример, да го замислиме нашето омилено јадење. Сега замислувам дека седам на масата во родната куќа (за Божиќ со семејството) и насмеана,мојата мајка ја носи покриената чинија со одлично „ребро во фурна“, ја става пред нас и го крева капакот. Реакцијата веќе ни е позната на сите. Ммм... Колку позната арома... Веќе се насладувам. Моето тело - да. Меѓутоа, во моментот кога го започнувам консумирањето на храната се намалува насладувањето. Би рекол, колку повеќе се насладувам, толку помалку го чувстувам задоволоството од јадењето. На крајот, наситувајќи се, не добивам никакво насладување и претстанувам со јадење. Имено, јас престанав не затоа што се најадов туку затоа што, кога мојот желудник е наполнет, јадењето повеќе не ми причинува задоволство. Така е и со сѐ во животот - кога сакаме да се насладуваме со материјалните нешта или да ги задоволуваме желбите.

Практично, тоа е „стапицата на егоизмот“: доколку го добивам тоа за што мечтаам или го посакувам, јас веќе не го сакам. Спласнува и енергијата и ентузијазмот. Оттука, бидејќи животот без наслада еневозможен, мораме да продолжиме да наоѓаменова, поголема наслада. За таа цел, развиваменови желби, кои исто така ќе останат неисполнети. Тоае затворен круг. Всушност, колку повеќе посакуваме, толку попразно се чувствуваме. Празнината, пак, гозасилува нашето разочарување и егото го прави големо.Бидејќи човештвото се наоѓа на најинтензивното ниво на желбите, какво што досега не е забележано во минатото, принудени сме да признаеме дека денес нашето незадоволство е многу поголемо од кога и да е, иако имаме многу повеќе од нашите татковци и дедовци. Токму контрастот на тоа што го имаме сега и нашето растечко незадоволство ја продуцира оваа современа општествена криза. Колку поегоистични стануваме, толку попразни се чувствуваме, а општествената криза се продлабочува.

ММ: Ме интересира, со што Ве заинтригира мистичното учење на Евреите за да се придржувате до неговите погледи? Ве привлекува окултизмот? Кој Ве воведе во неговите тајни? Се работи за масонство, нели?

С. Н.: Некаде ја сретнав реченицата која вели: „Сѐ додека луѓето се задоволувале со верувањата, тие не чувствувале потреба од промени“. И така е. Кога луѓето се задоволувале со верувањата, нив ги интересира само како да го направат својот живот безбеден и пријатен. Во таква ситуација човекот не се интересира за потеклото на животот, а најмалку го интересира кој или што е креативната сила која ги создава животните закони. Токму тоа, пак, ги интересирало еврејските мудреци уште илјадници години пред нашата ера. Според нив, растечката конфронтација меѓу групите луѓе укажува на тоа дека процесот започнат со нивното разделување се ближи до својот крај. Практично, еврејските учења укажуваат на факти кои велат дека народот пред пет илјади години бил единствен (едно). Потоа, тој се распаднал на повеќе нации, поради растот на егоизмот на неговите членови, кој предизвикал раздор меѓу нив. Оттука, во тој правец би рекол, како човештво не ни успева да се помрднеме од мртвата точка, но, ако е за утеха, тоа денес ние многу појасно го осознаваме. 

Во таа насока нека се протолкува и мојата пасија кон духовноста како чин на едно мало осознавање на себеси и човештвото. За таа цел, сосема случајно во 2015-та, еден мој пријател, голем стопанственик во Германија, а сега починат, ме покани да членувам во една интересна групација на масони со доминантно еврејско потекло, во Тел Авив. Така, во еден чуден период од мојот семеен живот, започна мојот духовен пат во Израел. Изучувањето на нивните мудрости запишани во повеќе книги, како на пример „Зохар“, ми претставува пасија. Тука мислам на кабалата како метод на комуникација со бесконечната енергија (читај: универзумот). Со особена страст, секогаш кога имам време, особено кога сум надвор од монетарните и претпремачки мисли, сакам да се посветувам на духовноста и духовниот развој. Тоа го правам преку читање на соодветна литература и комуникација со моите духовни ментори, а еден од нив беше големиот Александар Рибалка, човек со духовна моќ, Евреин од Тел Авив, роден во Одеса (Украина). За мене, еден од најголемите духовни мајстори кој, за жал, почина во мај годинава, со кого поминав многу семејни и духовни моменти во Израел.

ММ: Спомените од убавото изненадување што Ви го приредија Вашите „браќа“ во 2018-та се незаборавни. За што се работи, ќе ни откриете? Како изгледаше обновувањето на традицијата по 100 години, во Тел Авив? Често патувате за Израел? Го посетувате и Ерусалим, претпоставувам. Стариот град или..?

С. Н.: Израел ми е едно од најомилените места на светот. Од 2015-та, речиси секоја година, во април, има датум на кој, според верувањата, најсилно се отвора универзумот кон нас луѓето, поточно енергијата е многу силна. Ете, јас на тој ден, колку и да сум со обврски, гледам да сум во стариот дел на Тел Авив, Јафа. За многумина кои ме познаваат, па и за нашите граѓани, можеби ќе биде чудно, но ете, за прв пат на вашите читатели ќе им откријам еден личен детаљ, семеен, за кој никогаш, дури ни во потесниот круг на пријатели, па ни јавно не сум говорел. Имено, моите браќа, како што ги нарекувам, во април 2018-та во Тел Авив, поточно во стариот дел на Јафа, ми организираа т.н. масонска свадба, за прв пат по 100 години, во присуство на повеќе од 200 гости - Евреи и кабалисти од целиот свет. Потоа церемонијата беше во согласност со моите православни верувања во Ерусалим, на гробот на Синот Божји - Исус Христос. Тоа е нешто што ќе го паметам цел живот.

ММ: Благодарејќи на соработката меѓу АБИТ и IBMHS, неретко одите и во Германија - Хајделберг и Манхајм. Обата се познати по универзитетите. Што преземате оттаму? Мислам на школувањето, високото образование. И кога е банкарството во прашање, сметате дека нешто оттаму може да се примени и тука?

С. Н.:Од 2014-та до денес, во името на АБИТ (првата македонска банкарска академија), деловно сум патувал, како резултат на потребите да се интернационализираме како институција, речиси на сите континенти. Особено во Европа каде што и делувам, во Германија. Во минатото, се сеќавам, во 2019-та, имав околу дваесет службени патувања во странство. Да, тие патувања најчесто се однесуваа на Хајделберг и Манхајм. Секако, ваквите врски со Германија беа своевидна претходница на одлуката на управата под водство на проф. д-р Улрих Цајтел, проф. д-р Роналд Глеих, проф. д-р Мајк Шулц и д-р Бриџит Спилман во 2018-та да ме назначат за нивен преставник во рамките на германската висообразовна установа основана во 2017-та во Скопје, како Институт за бизнис и менаџмент Хајделберг, а денес во уште една форма како Хајделберг факултет во Скопје. Во таа насока, една цела декада наназад, уште од крајот на 2011-та, работам, а сега заедно со Германците работиме на основање на факултет за стручни дуални студии. За таа цел, денес, во 2022-ра, успехот конечно е крунисан со одобрение на државата, да се основа првиот германски факултет, со назив Хајделберг факултет во Скопје, кој претставува „мост“ на државниот универзитет за дуални студии од Баден-Виртемберг, Германија. Со тоа, можам да кажам, доаѓа ново време за македонската младина или време на „Германија дома“, а ние често се бодриме со мотото „Доаѓа нашето време“, ха, ха, ха!

ММ: А начинот, стилот на живеење на нивните граѓани - Ви се допаѓа? Kујната на пример, каква е? Во што се разликуваат, освен во големината? Манхејм е поголем од Хајделберг, мислам. И двата ѝ припаѓаат на покраината Баден-Виртемберг. Што е вообичаено за жителите? Културата на пиењето пиво..?

С. Н.: Најчестата карактеристика што ги краси Германците е дисциплината, работата и демократијата. Важат за народ кој е работлив и кој знае што сака. Навидум, па и јас сум се прашувал, Германија како една најголема демократија или лидер на демократијата во ЕУ е премногу мека кон емигрантите или помешана со други нации, германската нација, потисната од другите, делува како да се губи во таа мешавина. Но, тоа е така само навидум. Имено, кога ќе влезете во длабочината на германската матрица, ќе ја оснознаете нивната филозофија дека тие, мислам на Германците, сепак се доминантни чувари на капиталот во сите сфери. Овие, другите, се само „чираци“. Народ кој е дисциплиниран и работлив не може да има неуспех. Ние, ако се споредиме во контекст на продуктивноста на трудот, може да се види дека разликата е огромна. Но, она што е парадокс во вакви состојби на паралела е податокот кој вели дека голем број Македонци и Албанци оттука се многу попродуктивни таму, кога се на работа во Германија, отколку кога се тука, во Македонија. Зачудува овој феномен, но тајната е во платата. Тоа е состојката за мотивацијата на сите.

Сега, ако направам паралела во контекст на Хајделебрг и Манхајм, може да се види голема разлика. Да, како што рековте и Вие, Манхајм е поголем град во споредба со Хајделебрг и град на мутикултура и симболика на силната германска индустрија, преку брендовите на Мercedes-Benz и SAP. Имено, во Манхајм, помеѓу стопанствениците, постои една изрека, која во 2017-та ми ја прераскажаа, а вели: „Ако без Мерцедес славните автомобили би добиле поинакво име, тогаш без Берта Бенц можеби воопшто немало да постојат“.

Хајделберг, пак, е пријател на кралското семејство од Велика Британија. Кралски град е тој, но препознатлив е и по најстариот универзитет во Европа, како и по медицината. Во него се најдобрите институти за канцер, а околу него се изумителите на вакцината на Фајзер и Бионтек. Имено, често се случувало некој член од англиското кралско семејство да биде во посета на Хајделберг. Се сеќавам, таа прилика ја имав и јас - да се сретнам со принцот Вилијам и принцезата Кејт во 2017-та во Хајделебрг, возеа кајак по реката Некар.

ММ: Од хедонистичките, мераклиски работи - за што имате најмногу ќеф? Денес пушењето пури е во тренд, како да стана помодарство. Уживате во него? Кои Ви се најдобри? Со што ги комбинирате обично? Мислам на пијалакот.

С. Н.: Секој човек има пороци. Така и јас. Поточно, најголемата страст, а може да се протолкува и како хедонизам, е тоа што негувам два порока (ако можам да ги наречам така). Имено, повеќе од 12 години не сум пушач на цигари, за што сум горд, но сум уживател на пури од Куба. Од неодамна многу ги почитувам тие од Никарагва и од Доминикана. Тоа најчесто го правам дома или во затворен круг, многу ретко во јавност, а истото го комбинирам со ирско или со американско виски, но притоа внимавам годишните трошоци да не ги надминат оние кои ги имав на времето кога бев активен пушач на цигари. Би додал и дека пушењето на пури е култура, а може да се каже и цела наука која во регионов ја донесе големиот маршал - Тито, во минатиот век. Оттука, овој хедонизам треба да е левичарски манир, особено револуционерен, но тука се толкува како десничарски, т.е. како хедонистичка особина на некој што се занимава со бизнис, за што јас не се согласувам.

ММ: Тука хедонизмот се врзува и со џентлменството, исто како и начинот, стилот на облекување. Работите се измешани, очигледно. Според Вас, кои пројави се својствени за џентлмените? Или што е џентлменско?

С. Н.: Почитта кон жените. Тоа е џентлменско за мене. Од стојалиште на моето минато делување, нема поголема чест и благодат да одиш по патеката на успехот, која вообичаено е многу тешка, исполнета со искушенија, а попатно да си опкружен со паметни жени „workaholics“, кои имаат јасни цели, притоа се и многу чесни во намерите и знаат што сакаат од животот. Имено, целиот мој минат труд, јас бев опкружен со деловни жени. Оттука, на мисла сум дека за мене нема поголема почит од можните состојби во кои околностите ќе креираат тим со мнозинство паметни, чесни и работливи луѓе, кои имаат јасни цели во животот. Едноставно би подвлекол дека се поклонувам пред женскиот дел од тимот, постоечкиот и тој што ќе му се приклучи наскоро, затоа што најнапред е морален, паметен и работлив.

Блиц прашања

ММ: Мажите визави жените во банкарската дејност... Кому му давате приоритет? И зошто? Придавката „работохолични“, кому му одговара повеќе? Искуствено. Споменавте, но... Мислам на банкарството генерално.

С. Н.: Поделбата на луѓето по каква било основа (верска, полова, политичка или расна) е погрешна. За мене има една и единствена поделба на луѓето - на добри и лоши. Другата е неважна, според мене. Оттука, во насока на прашањето, јас им давам приоритет на работохоличните, добрите луѓе, а во банкарството ги има доста, и мажи и жени. Искуството ми вели дека сум имал низа одлични моменти со работохолични, добри жени, кои успеваат преку работа, а не преку лукавост.

ММ: Со банкарската дејност се врзуваат и голем број занимливости. Една од нив е и приказната за „скршената клупа“. Ќе ни ја раскажете, накратко?

С. Н.: Би тргнал да ја раскажувам приказната за „скршената клупа“, но оваа е подобра, а во насока на прашањата погоре (за Манхајм и за жените). Како што истакнав погоре, за Манхајм се врзуваат многу приказни, а кога ќе се спомене името на Берта Бенц, тоа означува жена со многу симболики за Германија, а еве и зошто... 

Прво, таа е симбол на германската жена претприемач. Имено, Берта (со моминско презиме Рингер) на само 22 години имала мудрост и храброст да побара од својот татко (столар) поддршка и целиот свој капитал да го инвестира во металуршката и машинската фабрика на Карл Бенц. Внимавајте, тоа го направила во време во кое фабриката на Бенц не одела во добра насока и практично била пред пропаст, поточно ова се случува во 1871-ва. За споредба, тогаш (дури и во западниот свет) малкумина верувале дека е можно да се движите и со автомобил, освен со коњ. Практично било лудост, а промоторите на тие дела - Бенц и Дајмлер биле прогласени за луди и второ, во 1872-ра, навидум налудничаво, но Берта се омажила за деловниот партнер Карл Бенц, германски инженер и пронаоѓач на еден од првите автомобили во светот со мотори со внатрешно согорување, пионер во автомобилската индустрија (читај: денес тоа е еден од најголемите брендови Daimler-Benz AG и столб на германската економија).

Што е важно тука? Вербата, надежта и лојалноста на Берта на својот партнер. 

Практично, таа херојски ја поддржува вербата на нејзиниот сопруг во успех, кого, во тоа време, жителите на Манхајм, па и пошироко, го нарекувале луд. Имено, Берта била клучниот човек за појавата на денешните автомобили. Кога Карл Бенц се откажал и покрај тоа што работата на инвовацијата за самодвижечки автомобил го трошела целиот семеен буџет, иако со 5 деца дома, таа била најсилна во поддршката - да се оди напред. За таа цел, кога Карл Бенц речиси целосно се разочарал и се повлекол од развојот и промоцијата на прототипскиот автомобил - да вози на долги стази, Берта, едно августовско утро во 1888-ма, без да го праша сопругот, ја зема колата, која дотогаш била однесена само на изложба во салон во Минхен, и заминува во посета на мајка си. Поточно, вози 106 километри од Манхајм до друг град, заедно со двата сина. Дотогаш никој во светот не направил патување со самодвижечки вагон на внатрешно согорување, наречен Benz Patent Motorwagen. Но, Берта, како што велат моите пријатели Германци, не се плашела од тешкотиите и била цврсто решена да ги надмине. Нормално, на патот од 106 км, кој денес е симбол и споменик во Манхајм, таа поминала страшни искушенија, како на пример - често останувала без гориво, па купувала средство за чистење Лигроин (нафтен производ што може да биде гориво за бензински и дизел мотори) во аптека и трето, преку искушенијата на тој легендарен пат на Берта Бенц практично била продадена новата иднина, ако може така да речам, т.е. идејата за нов свет со автомобили со внатрешен погон, како подобра опција од коњот. Во далечната 1888-ма, германските граѓани додека гледале во шок на една жена која се движи со чудна кочија, сама и притоа нема коњ како поддршка, а со оптимизам и силна верба во себе, Берта, секогаш кога ќе сопрела од една до друга аптека (да купи гориво), им објаснувала на жителите за тоа - колку е удобен автомобилот и колку е одлично да се движи без коњи. Е, така и се пробил проектот до денешен Daimler AG.

Ете, од ова приказана може да се заклучи дека жените се чудо од упорен карактер, па дури и тогаш кога ние мажите сме се откажале од некоја цел. Тука би додал дека сите успеси на мажот, колку и да не го признаваме тоа, сепак се темелат на искрената, силна поддршка од жената. Затоа жени, инспириран од оваа приказна, овој дел од текстот ви го посветувам токму Вам - на сите жени верници во успехот на својот партнер, па дури и тогаш кога тоа изгледа речиси невозможно.

ММ: Неодамна во Малага, Шпанија, почна со работа и првата банка на отворено, т.е. на плажа. Интересот е голем, наводно. Се работи за Citigroup. Во прашање е маркетиншки потег, услуга - што? 

С. Н.: Со развојот на информатичката технологија, банкарството трпи огромни промени денес. Во насока на зголемена мобилност и достапност кон клиентите. Имено, веќе сите можеме да имаме своја банкарска филијала во телефонот, така што банката на отворено во Малага е добра иновација и идеја за нашите банки. Според мене, тоа е одличен маркетиншки потег за промоција на помали банкарски производи кои можат да бидат достапни за помладата популација. Замислете како тоа би изгледало кај нас: „Банка на плажа во Охрид“. Еве и една добра маркетиншка идеја за лето, 2023-та. 

ММ: А пропо т.н. масонска свадба, какво значење има симболиката на превезот на очите? Зошто се прикриваат?

С. Н.: Во оваа насока, морам да напоменам дека во масонството постојат строги правила на чување на тајни. Но, денес сум на мисла дека тоа повеќе не е табу-тема или тема од која треба да се влечат погрешни заклучоци во јавноста. Имено, превезот со кој се прекриваат очите во првата фаза (иницијација) или т.н. фаза на преобразба на поединецот во масон ја симболизира актуелната состојба на „слепило“ во кое тогаш се наоѓа секој човек. Таквата состојба на „слепило“ значи дека со  човекот владеат неговите страсти за насладување од материјален аспект, потоа неговото его (религијата би рекла демон) и како таков е закотвен во незнаењето за духовните мудрости на силите на Создателот (универзумот). Практично, превезот на очите во масонството го симболизира преминот од незнаењето на големите духовни мудрости во т.н. нов пат, преку храмот, во кој поединецот бара да пристапи кон понатамошната работа во потрагата за вистината, која не можеме никогаш да ја достигнеме, а означува проучување на новиот морал кај луѓето и практикување на солидарноста во вид на материјално и морално подобрување.

ММ: Вашиот син, како го воспитувате? На што? Во духот на кабалата? Го носи името на Тоше...

С. Н.: Да, се трудам да делувам на него согласно моите принципи. Но, знете како, секое дете си има своја сопствена патека, а ние родителите треба да ги оставиме сами да ја изодат или да се изградат на своја основа. Како што велат, ние татковците сме тука за да подадеме рамо за потпора, кога децата ќе паднат, одејќи по својот пат, а да ги спуштиме во нормалноста кога ќе „полетаат“, некогаш и многу високо над правилниот пат. Така барем мојот татко ме насочуваше мене, а јас го земав тоа како наследство за син ми.

Мојата најголема мотивација и инспирација во животната борба ми претставува мојот син Теодор, кој сега ќе полни 12 години. Интересно, во 2010-та, кога се роди Тео, сите заедно, без да проговориме меѓусебно, мислам на мајка му, тетка му и јас, го помисливме името „Теодор“. Тоа, беше пораката од горе. Да се одбележи или да биде симболика на едно време во кое делуваше нашиот македонски ангел, Тодор Проески, за денес, кога Тео ќе ме праша: „На кого носам име, тато?“, да му го доловам времето на Тоше во кое ние бевме благословени да живееме. За ова дело кон Тоше сум особено горд. Вања, пак, е мојот нов ангел и член на семејството Наумоски, која сега дојде на свет. Таа е моја дополнителна мотивација. Како што велат, еден ден само ќерката ќе ви ја отвори вратата, ха, ха, ха!

Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Синиша Наумоски