Лаф-муабет со судијата Ненад Савески: Дома сите ја негуваме паролата: „Животот не е розов, но е игра, уживајте во него“
Перцепцијата на мнозинството граѓани кога се работи за судиите и генерално за лицата чија професија е врзана со (право)судството е нивната затвореност (неразговорливост, повлеченост) кога се медиумите од ваков тип во прашање. Недовербата во истото е друга приказна, во голема мера и поради сомневањето дека корупцијата е присутна и во него. Судијата на Основен кривичен суд - Скопје, во одделението за организиран криминал и корупција - Ненад Савески, кој претходно беше јавен обвинител и во Основно јавно обвинителство - Скопје (речиси 8 години) и во Основно јавно обвинителство - Гостивар (двапати по 6 месеци), а паралелно и предава на Академијата за судии и јавни обвинители, учествува во подготвувањето на легислативата во областа на правосудството и слично, нѐ убеди во спротивното или поточно во неговата отвореност и се разбира, во непосредноста која баш и не е својствена за личностите од истата фела, но и воопшто.
За разговорот се договоривме невообичаено брзо. И покрај тоа што лаф-муабетот е сеопфатен, не се двоумеше ни малку. Напротив бидејќи, како што вели, судиската е благородна професија, со хумана цел. На крајот на краиштата, поединците бараат од судовите да ги заштитат нивните права и слободи, да ги остварат итн., а не од Собранието, Владата... Патем ги тематизиравме и организираниот криминал и корупцијата, и притисоците врз судиите во решавањето на судските процеси.., но се разговоривме и за приватниот живот - за семејството, заедничките патувања, хедонизмот во нив и кулинарството, стилот на облекување и повеќе, уште. Релаксирано, транспарентно (отворено, искрено), како што ѝ доликува на неговата природа.
ММ: На почетокот да генерализираме - која е причината што судиите, јавните обвинители се толку затворени кога е интервјуирањето во прашање? Мислам на порталите, магазините од ваков тип. Мнозинството се повикува на специфичноста на работата. Судиите во Америка се присутни секаде: во телевизиските емисии со забавен карактер, на социјалните мрежи (дури постираат и клипови од судските процеси). Очигледно дека мислите поинаку...
Н. С.: Транспарентноста во судството е тема која подолго време е актуелна и има многу активности во насока на нејзино подобрување. Досега има исчекор кон подобро, генерално. Ќе истакнам и тоа дека е оформено тело, Судско-медиумски совет во кој членуваат судии и новинари и кој работи на подобрување на впечатокот дека судството е затворено за комуникација, се изнаоѓаат форми како да се надмине тоа. Конкретно, судот во кој јас работам има многу активности во таа насока и е добар пример за транспарентност, но и судиите дејствуваат поединечно, на различни начини да дадат свој придонес во подобрувањето на состојбите околу транспарентноста на судството. Точно е дека нашата професија има свои специфики, но тие не се во насока на затвореност - напротив, судиите како и останатите во општеството имаат право да го уживаат правото на слобода на изразување, но не на начин кој би ја поткопал нивната независност во постапувањето и одлучувањето и секако, сето тоа во сооднос со Етичкиот кодекс на судиите. Од овие причини сметам дека можеби впечатокот дека судиите се затворени е всушност внимателност да не се излезе од рамките на утврдените стандарди кои значат независност, објективност и професиналност. Ние судиите овие стандарди треба да ги гарантираме со секој наш изјавен став, постапување и одлука, но и нашето секојдневно и севкупно однесување во судницата, судот и околината, па и кога сме интервјуирани. Лично сметам дека е потребно судиите да се обучуваат повеќе и преку обуки да стекнат вештини за односи со јавноста и за јавни настапи.
ММ: Каква е граѓанската перцепција за правосудството, може да се види во минатогодишниот извештај за малата доверба, т.е. големата недоверба во него. Причината е во корупцијата. На што се должи таа? Ме интересира, како се чувствувате по повод на тоа - Ве допира ли? Генерално, се почитува ли Етичкиот кодекс?
Н. С.: Точно е дека се има недоверба во правосудството генерално, не само во судството кое пак е само еден сегмент, дел од правосудството, а точно е и дека одговорноста на секој судија е да работи на подобрување на угледот на судството пред граѓаните. Секако дека и јас како судија го носам тој товар. Корупцијата веројатно е една од причините за ниската доверба, но би било несериозно од моја страна паушално да го тврдам тоа. Јас сум судија и ги ценам фактите, а факт е дека во мал број на случаи од коруптивна природа има инволвираност на некој судија или јавен обвинител. Меѓутоа, еден од начините за враќање на довребата во судството е всушност и транспарентноста, затоа и се објавуваат правосилните судски одлуки. Преку одлуките се гледа кои факти ги утврдил судот и врз основа на кои докази ја донел својата одлука. Нашата работа е предмет на контрола и е оценувана. Впрочем, секој судија има свое име и презиме, тие не се фантоми кои носат црни тоги. Секој судија има лик и дела позади себе, има свој професионален профил од кој може да се види неговиот целокупен развој и активности кои претставуваат гаранција дека е професиналец кој достојно ја врши оваа благородна професија, професија со која ѝ служиме на правдата. Непочитувањето на Етичкиот кодекс значи основ за одговорност на судијата, дури и за негово разрешување од вршењето на судската функција, но повторно ќе истакнам: минорен е бројот на судиите кои не се однесуваат во согласност со Етичкиот кодекс. Мој личен впечаток е дека поимот судство во јавноста е сфатен премногу општо. Не може поради незадоволството од работата на некој нотар, извршител, адвокат или јавен обвинител да се бара вина во судството. Нужно е да се знае дека судот не постапува по службена должност, постапките пред суд се иницираат по поднесено обвинение, приватна тужба, тука мислам на кривичните постапки, исто така и граѓанските постапки се иницираат по поднесени граѓански тужби. Со овој впечаток се стекнав од коментарите на социјалните мрежи кои ги оставаат граѓаните на некоја објавена тема во врска со судството. Мислам дека пошироката јавност нема јасна претстава како функционира нашиот правосуден систем, тука мислам дека клучна улога треба да имаат новинарите.
ММ: Повеќе од 6 години работите како судија на Основен кривичен суд - Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Можете да ни кажете всушност каде има најмногу корупција, во кои сфери е најприсутна, дали митото е најчеста форма и се разбира, кои видови на организиран криминал во последните неколку години земаат опасни, стравотни размери? Мислам на Македонија, секако.
Н. С.: Во моето судиско искуство, но и во моето претходно, речиси 8-годишно искуство како јавен обвинител во Основно јавно обвинителство - Скопје во меѓувреме и во два наврата, по 6 месеци, и во Основно јавно обвинителство - Гостивар, можам да кажам дека корупцијата е присутна секаде и се појавува во секакви, најразлични форми. Корупцијата е сериозна закана за владеењето на правото и демократските вредности, затоа многу важно е борбата против корупцијата да е видлива и сторителите на овој вид криминалитет да не останат неказнети. Корупцијата е присутна насекаде и е глобален проблем, затоа се носат бројни меѓународни документи кои се подлога за ефикасна борба против корупцијата, се изготвуваат национални стратегии, се носат закони, се преземаат регионални и меѓународни активности, но сето тоа е јалово доколку секоја држава, вклучително и нашата, не покаже видливи резултати во борбата против корупцијата, со откривање и гонење на овој криминалитет и секако, со казнување на сторителите. Како судија на Основниот кривичен суд - Скопје, во одделението за организиран криминал и корупција, можам да кажам дека такви предмети се водат. Оттука, несомнено можам да заклучам дека нашиот систем се бори против корупцијата и организираниот криминал. Меѓутоа, очекувањата не можат да бидат големи без вложување во капацитетите на институциите кои се наспроти организираниот криминал и корупцијата. Сторителите на овој вид криминал воглавно располагаат со финанскиски средства. Овие криминалци воглавно се богати и секогаш се чекор понапред во секоја смисла. За да може да се следи и открива овој криминал, потребни се институции кои се јаки во финансиска и техничка смисла со соодветни профили на кадри кои веќе се изградени како професионалци и чија безбедност ќе биде гарантирана. Ефикасно средство во борбата против организираниот криминал и корупцијата е конфискацијата, која значи одземање на сето она што е стекнато на нелегален начин - пак ќе кажам, криминалот треба да се „осиромаши“ со јасна порака дека е неисплатлив.
ММ: Паралелно и предавате на Академијата за судии и јавни обвинители, за која исто така се врзува понекој скандал - на пример со приемните испити за слушателите, па дури и со нивниот избор. На што ги учите Вашите, т.е. слушателите на Академијата? Кои се неопходните или есенцијалните вредности, особини за идните судии, јавни обвинители да се здобијат со придавките „добри“, „квалитетни“?
Н. С.: Мојата улога на предавач на Академијата за судии и јавни обвинители ја сметам за исто толку важна колку и мојата основна професија како судија. Почетната обука е значајна во градењето на идните профили на судии и јавни обвинители и има суштинско значење. Ова го знам од моето лично искуство како некој што ја завршил почетната обука за судии и јавни обвинители. Јас бев кандидат од првата генерација. Оваа обука има големо значење бидејќи слушателите се стекнуваат со дополнително знаење и вештини, кај нив треба да се издигне свеста дека тие, како и актуелните судии и јавни обвинители, ќе стојат на браникот за заштита на човековите права и слободи и владеењето на правото. Тие ќе бидат идните кадри на кои останува исто така обврската за подобрување на угледот и довербата во правосудството. Пред слушателите на почетната обука секогаш истакнувам дека овие професии се благородни, се одлучува за животни ситуации во духот на служење на правдата, овие професии имаат во себе и хумана димензија бидејќи поединецот кој бара да му се заштити некое негово лично право или слобода или пак бара да оствари свое право, тоа го прави пред судот, а не пред Собранието или Владата или друга институција. Пред судот, поединецот ја очекува правдата. Секогаш пред слушателите на почетната обука истакнувам дека е битно во себе да ја носат и хуманоста бидејќи решаваме за човечки судбини и ситуации, во судница пред себе имаме луѓе за кои е битно да носиме правични и законити одлуки од кои јасно ќе биде видлива правдата и дека секој ќе биде убеден дека го добил заслуженото според законот, а притоа да биде испочитувано нивното достоинство и секако, целосно остварување на неговите права предвидени во постапките.
ММ: Во исто време и учествувате на конференции, обуки, семинари.., во подготвувањето на легислативата во областа на правосудството.., како дел од експертски тимови, а имате објавено и неколку трудови. Како се опуштате, т.е. ослободувате од психичката напнатост, како се релаксирате? Што Ве разонодува, што Ве развеселува, забавува? Имате некој издувен вентил - можеби гледање филм, прошетка во природа, читање книга?
Н. С.: Да, токму оваа недела пишував труд за едно стручно правничко списание. Сите тие дополнители активности изискуваат вложување на голем труд и со себе носат голема доза на одговорност, посветеност и спремност, но во исто време се и задоволство бидејќи секогаш претставуваат нова можност да се научи нешто повеќе и нешто ново. Природата на нашата работа се состои и во постојано учење и развивање преку размена на искуства со колеги од нашата, но и од други држави од регионот и Европа, па и светот. Воедно, сите овие дополнителни активности се и можност, но едновремено и признание за дотогаш вложениот труд во работата и тоа навистина создава чувство на задоволство. Инаку, можеби ќе ви звучи како клише, но верувајте - највеќе ме опушта домот и семејството. Моите деца сега се на интересна тинејџерска возраст, па уживам во лаф-муабетите со нив. Среќен сум што живеам во близина на Маврово, па често сум во природа, тогаш сум најрелаксиран. Тоа успеав да го наметнам на сите во семејството, па често сме заедно во природа, затоа ги сакам пливањето и скијањето, тие ме спојуваат со природата. Исто така и медитацијата ми е еден од начините на ослободување на психичката напнатост, без оглед на тоа од каде ми извира. Денот го сметам за успешен кога ќе успеам да се напијам кафе со моите пријатели, со моите колеги. Јас ги сакам луѓето, сакам дружење и најчесто избирам позитивни луѓе кои умеат да ме насмеат, но затоа и јас сум секогаш тука за нив. И јас сакам да бидам извор на позитива за нив. Нема радост и среќа доколку не ги дадеш на друг и доколку не ги споделиш со друг, а кога имам потреба да бидам сам, тогаш пешачам по кејот на нашиот Вардар или во мир читам некоја книга од современи автори, најчесто делата на Робин Шарма и Пауло Куелјо или пак гледам некој актуелен филмски хит.
ММ: А, патувањата? Какви места обично сакате да посетувате? И тука, во Македонија и надвор, во странство? Имате омилена дестинација во есен? Ми се чини дека сега бргу ја посетивте и Атиџе.
Н. С.: За моја среќа, патувам и приватно и службено. Патувањата се дел од мојот живот уште од мали нозе, често патував со моите родители, но и сам, уште од рана возраст преку училиште одев на летни одмори и летни школи. На 15 години бев на летна школа во Оксфорд за усовршување на англискиот јазик. Во тоа време не беше така вообичаено, денес можеби таквите можности се на дофат и на помала возраст. Оксфорд и Лондон останаа во мое убаво сеќавање и желба за повторно да ги посетам. Со семејството, и летните и зимските одмори ги планираме и како можност да посетиме ново место, држава, град, археолошки локалитет или музеј, ретко одиме по вторпат на исто место. Патувањата ги планираме заеднички со консензус, откако ќе се усвои идејата од сите петмина - јас, сопругата и трите деца заедно работиме на реализацијата на истата: летови, сместување, што е интересно да се види и посети, но често патуваме и со кола, секако кога тоа е најрационалниот начин, всушност патувањата со кола ми се најубави, уживам кога возам и тоа е прилика да се види и нешто непланирано, да се скршне од планираната рута. За викенди ја истражуваме нашата преубава Македонија, тоа најчесто го правиме во поширок состав, со пријателите. Ќе се согласите со мене дека преубавите есенски бои највеќе доаѓаат до израз во нашата Македонија. Кога бевме да ја посетиме нашата Атиџе, тоа беше прилика и да истражиме дел од источниот дел на нашата држава и, како секогаш, воодушевени се вративме од убавините, но овој пат и од позитивноста на Атиџе и нејзината животна сторија.
ММ: Патувањето дефинитивно е мераклиска работа, хедонистичка. Но, кога се работи за кујната, што Ви се допаѓа особено? Мислам на јадењата, специјалитетите на кујните типични за местата, жителите кои ги посетувате за време на Вашите патувања. И следствено, ги приготвувате и дома?
Н. С.: Во нашиот дом, подготвувањето храна во текот на работната недела вообичаено е на мојата мајка и тоа е типична српска кујна. За викендите, подготвувањето е на мојата сопруга која преферира италијански специјалитети и пасти. Јас пак ја обожавам нашата типична македонска кујна, сите наши теста и пинџури. Меѓутоа, она во што ни се совпаѓаат вкусовите на сите е морската храна која почнавме да ја консумираме благодарение на нашите деца кои ја обожаваат, па летувањата ги користиме како прилика за задоволување на апетитите за морската храна или, кога сум расположен, дома ја спремам јас. Инаку, ги сакам нашите божиќни и велигденски трпези. Го сакам празничниот амбиент во домот бидејќи мирисите на нашата храна ми создаваат чувство на топлина.
ММ: Љубовта кон уметноста Ви е отпорано, уште како дете или..? Естетиката во неа - убавината е битна карактеристика. Ме интересира што мислите - треба ли таа (уметноста) да биде ослободена од утилитарните, моралните, интелектуалните обѕири, да биде цел сама за себе? Патем и сликате на ѕид, платно...
Н. С.: Да, сликам, цртам и не користам само една техника, неук сум во тоа, едноставно имам талент за цртање - уживам во цртањето уште од рана возраст но, за жал, сѐ поретко го практикувам тој талент. Сепак, еден добар дел од моите слики се на ѕидовите од нашиот дом и во мојата канцеларија, па така сѐ уште се фалам дека имам талент за цртање. На мое големо задоволство, тој талент го наследи мојата ќерка и сега ужувам во нејзините дела. Тој талент е причина што естетиката е дел од мене, ја сакам и ја препознавам во уметноста, но ја сакам и кога ја има, т.е. ја забележувам и во луѓето. Како одговор на Вашето прашање дали уметноста треба да биде ослободена од утилитарните, моралните, интелектуалните обѕири, да биде цел сама за себе, веројатно одговорот Ви го дадов кога кажав дека веќе престанав да цртам, веројатно тоа се должи на сето она со што се занимавам сега и со моето опкружување.
ММ: Естетиката е присутна и кога е облеката, гардеробата во прашање. Што претпочитате да носите во есен? Приватно, какви бои, материјали преферирате? Аксесоари? Трендовите во модата Ве инспирираат, ги следите?
Н. С.: Да, можам да кажам дека ја следам модата, и тоа отсекогаш. Веројатно и тука доаѓа до израз мојот талент и љубовта кон уметноста. Аксесорарите секогаш се дел од мојот стил, а боите и материјалите на гардеробата ги прилагодувам на годишните времиња, на пример во лето преферирам ленени материјали и светли бои, наесен носам пастелни бои и секако, водоотпорни материјали или чадор како аксесоар бидејќи не дозволувам дождот да биде причина да се откажам од пешачењето. Секое утро, кога ќе пристигнам во Скопје, пешачам на подолга релација до работа, го сакам градот кога се буди.
ММ: А, службено - како се носите? Дали е дозволена и лежерна облека, гардероба? Всушност, каков е дрес кодот на судиите? Притоа не мислам на одеждата, тогата.
Н. С.: Во текот на денот, кога сум на работа или на некоја службена активност, гардеробата ја прилагодувам на приликата, но генерално не сум класично облечен. Ретко носам вратоврска, освен кога присуствувам на настан каде што е предвидено сето тоа како дрес код. Не носам ни класични костуми. Дел од мојата гардероба секогаш е палтото - сакото во бизнис кежуал варијанта. Сметам дека тој аутфит го задоволува општоприфатениот дрес код на судиите. Инаку, сакам убави чевли и секогаш користам прилика да купам нов пар чорапи, а многу ги имам.
Блиц прашања
ММ: Се говори за стравови, за политички притисоци на судиите во донесувањето на судските одлуки... Па има ли?
Н. С.: Јас лично немам такво искуство, немам такви стравови, никогаш не сум бил изложен на притисок, ниту кога бев јавен обвинител, ниту сега како судија. Свесен сум дека секогаш е можно да ми се случи, но едноставно не дозволувам да дојде до тоа. Сметам дека за каков било притисок и да се работи, па дури и за притисокот кој извира од нас самите, па и за притисокот на јавноста, не смее да се одрази на судиската работа, природата на судската професија меѓу другото бара од судијата да не подлегнува на притисоци и да одолева на какви било влијанија - така се гради интегритетот на судијата. Судијата треба своите одлуки да ги носи со примена на закон и врз основа на докази. Ова не е за мене само некоја постојано повторувана фраза. Длабоко сум убеден дека можноста некој да влијае на судијата ја дава самиот тој, преку својот несоодветен однос кој е надвор од дозволеното, надвор од етичките норми и Кодексот на судиите. Дали има притисоци од каков било вид? Веројатно има, но сметам дека можноста за притисок врз судијата е во самиот тој, кој оставил простор за тоа.
ММ: Дали корупцијата во правосудството има економски последици, меѓу другото? Какви се консеквенциите?
Н. С.: Мислам дека на ова прашање е доволно одговорено претходно, колку е штетна корупцијата генерално во општеството, но со нејзината појава несомнено се нагризува и економијата - таа всушност ја јакне сивата економија.
ММ: Животот во Македонија - ќе го опишете со три збора? Можете?
Н. С.: Во три збора не можам, тоа е тешко за правник, но ќе се обидам вака: Имаш надеж, па некој ти ја украл, па пак ја вратил - надеж, но до кога? СЕКОГАШ НАДЕЖ!
ММ: Времето во кое живееме не е ни малку лесно, туку напротив - тешко е. Кога се работи за децата, на што им укажувате - визави бремето? Како се доживувате себеси, каков татко сте?
Н. С.: Во последно време токму ова прашање си го поставувам на самиот себеси и знаете како се доживувам - како татко кој многу ги гуши своите деца со љубов и заклучив дека сѐ треба да се прави умерено. Некако тешко го прифаќам тоа дека тие веќе пораснале. Она што ме прави горд како татко е што гледам дека како родители сме успеале во нивниот карактер да вткаеме хуманост, емпатија, почит кон останатите, одговорност, трудољубивост, љубов кон татковината, семејството и однос кон религијата. Ова се вредностите на кои постојано им укажуваме со мојата сопруга. Овие вредности се трајни и секогаш ќе се ценат, без оглед на тоа дека сигурно ќе наидат на моменти во животот кога ќе помислат дека тоа не е така, ги воспитуваме и понатаму да опстојат на својот животен пат со овие вредности бидејќи секогаш ќе има некој што ќе ги препознае и ќе ги цени по тоа. Дома сите ја негуваме паролата: „Животот не е розов, но е игра, уживајте во него“.
ММ: Потеклото Ви е гостиварско. Во Гостивар и живеете, всушност. А, гостиварци - по што се познати? Каков им е табиетот?
Н. С.: Да, јас живеам во Гостивар, тука ја поминав мојата младост, тука ја запознав мојата сопруга, тука растат моите деца, учат во истата гимназија како и јас, како што рекла Десанка Максимовиќ: „Од колевке па до гроба - најлепше је џачко доба“, тука ги поминав најубавите моменти во мојот живот. Времето минува, доаѓаат нови генераци. Гостивар е доста променет, она што не е променето е гостиварската гостопрлимливост, не е променета ни црквата „Света Богородица“ во центарот на градот и заедно со Саат кулата и Беговата куќа сведочат за гостиварскиот еснаф, а бистрината во добронамерниот табиет на гостиварци веројатно е одраз на тоа што сите сме задоени од изворот на реката Вардар.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Ненад Савески