Лаф-муабет со Виктор Илиески: За мене успех е тоа што во досегашната (дваесетгодишната) кариера ја исполнувам мојата девиза во животот: прави и оставај добри дела - сѐ се враќа со добро
Одлуката за директорското место во Македонската филхармонија да го напушти за да биде со семејството во Брисел за време на дипломатската служба на сопругата Елена во мисијата на Европската Унија, иако не беше лесна, во ниедно време не се поколеба во неа. Гестот е повеќе од џентлменски, како и односот. Врвниот музичар, тромбонистот Виктор Илиески, кој веќе десет години членува во NBO (No Borders Orchestra), избран по пат на аудиција, од самото нејзино основање, во белгиската метропола е посветен и на работните обврски, до пред извесно време беше вклучен активно во North Macedonia: Digital taste of culture, онлајн платформа за промовирање на македонската култура во Брисел, а моментално е сосредоточен на проект врзан со тамошните музички центри, кој треба да се реализира во најскоро време. Притоа и ужива во градот чија мултикултура го прави толку привлечен за туристите од сите страни на светот, вклучувајќи го и начинот, стилот на живеење, кој е мешавина од германскиот, францускиот и холандскиот (фламанскиот), во специјалитетите на белгиската кујна со пиво, како на пример carbonnade à la flamande, во дружењето со новостекнатите пријатели, со децата... За нив и секако, на други теми својствени за понеделничките лаф-муабети со цел да ве разонодиме, да ве одвлечеме од мислите за грубата стварност, можете да читате долу, во продолжение.
ММ: Од 2020-та (октомври) живеете во Брисел, заедно со семејството. Директорскиот мандат во Македонската филхармонија го прекинавте или пак Ви заврши? Која беше причината за Вашето заминување во Белгија - исклучиво службата или пак отсуството на ред и систем во нашата држава, можеби?
В. И.: Од октомври 2020-та, заедно со семејството, живееме во Брисел (Белгија), иако мандатот го реализирав со молскавично темпо и голема динамика, со огромна љубов несебично дадена на институцијата, за вработените во која работев од ноември 2000-та. По долго размислување и консултации, директорскиот мандат во Македонската филхармонија го прекинав. Одлуката не ја донесов лесно, но во ковид услови, историски и светски феномен, во кој буквално беа заклучени границите на сите држави, решив да бидам со семејството. Првичните планови беа со сопругата да бидеме на релација Скопје-Брисел, без преземање на порадикален чекор, но во пракса плановите беа неизводливи, да бидеме разделени и, во неизвесност од ризиците што ги носеше пандемијата, одлучивме да заминеме сите заедно. Имено, сопругата по долгогодишно школување (во Македонија, во Данска и во Белгија), усовршување и искуство стекнато во процесот на ЕУ интеграциите, заеднички одлучивме, но и со моја голема поддршка, таа да ги искористи своите капацитети во полза на државата во Брисел - дипломат на мандат во ЕУ мисијата.
ММ: Во што се состојат Вашите ангажмани во Брисел, на кој начин ја промовирате македонската култура во Белгија? Можете да ни кажете барем една убава прикаска врзана за работата на некој човек што е одовде - интелектуалец кој гордо ја претставува Македонија вон границите, на бриселците, Белгијците и на Европејците воопшто?
В. И.: Во соработка со амбасадорката Агнеза Руси Поповска и дел од нејзиниот тим, преку нашата мисија во ЕУ, дадов голем придонес во однос на промовирањето на македонската култура во Брисел. Со онлајн платформата North Macedonia: Digital taste of culture на виртуелен начин се претставуваа програмите на македонските културни институции, преку директни покани до сите мисии, амбасади, конзуларни претставништва во Белгија да пристапат кон платформата каде што имаа можност да ја проследат програмата на дел од македонските институции: концерти, филмови на наши реномирани режисери, презентации на македонски личности во краткометражни филмови, претстави, изложби. Во моментов подготвувам проект кој треба да се реализира во музичките центри. Се радувам што интензивно го изучувам францускиот јазик и што во моментов можам да комуницирам и на овој многу значаен јазик за меѓународниот свет.
ММ: Мејд ин Македонија... Според Вас, што е најголем репрезент на државата? Или кој е, сеедно како? На што „паѓаат“ Белгијците кога се работи за нешто македонско? Следствено и жителите на европскиот континент. Незаобиколно и мејд ин Белгија - што е нејзин, кој?
В. И.: Во Белгија запознавме Македонци - врвни млади професионалци кои со своите капацитети навистина се во клучни меѓународни институции. Од една страна се радувам што има личности кои сами, со своите потенцијали, успеале да се докажат во општество во кое има огромен готов кадар, во кое единствен критериум за докажување и постигнување на целта е знаењето и искуството, но од друга страна ми е жал што Македонија ги изгубила овие капацитети со целиот свој багаж.
Белгија има голема и долгогодишна традиција во културата. Во сите поголеми градови егзистираат врвни симфониски оркестри, театарски институции. Имаат голема традиција во организирање на врвни фестивали во различни жанрови од културата и уметноста.
Белгиски брендови во моментов се дваесет и седумгодишниот фудбалер Ромелу Лукаку и велосипедистот Вут ван Аерт. Се разбира дека најголеми брендови се и производите на врвните компании во Европа за чоколадо и пиво.
ММ: Кога е музиката во прашање, како врвен музичар (свирите на тромбон), што им препорачувате на Белгијците? Од македонската, се разбира. Мислам и службено и приватно, во интимни кругови?
В. И.: Најголемиот дел од белгиските уметници имаат слушнато за македонскиот фолклор преку Балканскиот фестивал кој се одржува тука, секоја година. Имам неколку готови топ проекти кои чекаат реализација со претставување на нашата култура тука во Брисел. Се надевам дека за брзо ќе бидат реализирани.
ММ: Без оглед на магистратурата, бројните награди, учеството на семинари.., најголемиот успех во работата го постигнавте со NBO (No Borders Orchestra), така велите. Годинава му е јубилејна - десетгодишнина од постоењето. Во прашање е симфониски оркестар, а членовите се врвни музичари од екс Југославија. Како функционира, со каква цел, која е неговата мисија? Последен пат, кога настапивте со него, каде?
В. И.: Член сум на NBO од 2011-та. Оркестарот е формиран од избрани музичари на аудиции организирани во сите поранешни југословенски републики. Идејата е преку спојувањето на уметниците да ги преминат границите кои се исцртаа со распаѓањето на југоловенската федерација. Јазикот на културата, секој музички израз ги покори сите лоши сцени, лоши последици од војната меѓу народите од братските републики. Оркестарот функционира одлично и сцената ја делат Македонци, Словенци, Срби, Хрвати, Црногорци, уметници од Косово и од Босна и Херцеговина. Во 2014-та од уметничкиот директор, диригентот Премил Петровиќ бев избран меѓу дванаесетте музичари, заедно со десет пејачи од Јужна Африка, да бидам дел од огромен проект со голема тригодишна светска турнеја. Турнејата започна токму во Брисел, со четири претстави, каде што стекнав доста познанства од полето на уметноста, а продолжи во речиси сите метрополи во Западна Европа и на други континенти - во Австралија, Хонг Конг, Макао, Јужна Кореја. За мене ова беше најдобриот проект во кој имам учествувано како уметник. Последните две дестинации ми беа Атина и Кемпер, Франција во 2016-та.
По овој проект, секоја година оркестарот реализира проекти со гудачки камерни состави.
Периодов повторно има најава за реализирање на концерти со целиот симфониски оркестар.
ММ: Да се вратиме на престојот во Брисел... Каков е тамошниот начин, стил на живеење? Што му е заштитен знак, симбол? Проникнувањето на германската, француската и холандската (фламанската) култура го прави мултикултурен. Шеесетина проценти од неговите жители се туѓинци. Што е вообичаено за нив, а Ви се допаѓа и Вам?
В. И.: Брисел е мултикултурен град во кој живеат речиси 60.000 дипломати од целиот свет. Кралството Белгија е поделено на три региони: Фламански, Валонски и Бриселски. Белгија е дом на три главни јазични заедници: фламанската која зборува фламански и претставува 60% од целата популација во Белгија, валонската која зборува француски јазик и мала германска од германско говорно подрачје. Најбројната заедница е многу поорганизирана, понапредна и општините предводени од неа се беспрекорно средени.
Инаку, Белгија е една од најсоцијалните држави во Европа, која пред сѐ води грижа за заштита и поддршка, поволности за сите белгиски граѓани, особено за ранливите категории. Овој систем, кој се граничи со дискутабилност во долгорочно одржување, се користи на многу начини од одредени граѓани што миграат во Белгија од различни континенти.
ММ: Начинот, стилот на облекување на мажите - каков е? Дали се оптоварени со него, што се гледа на улиците, каков е вообичаениот дрес код? И секако, дали се „обременети“ со хај-лајф? Согласно Вашите обврски (работни), како се носите во поголемиот дел на денот? Па и приватно.
В. И.: Начинот, стилот на облекување воглавно е casual. Тука луѓето уживаат во вистинска смисла на зборот. Во текот на работната недела, можам да кажам дека даваат минимум неопходна енергија за исполнување на работните задачи, а викендите и кратките школски распусти кои сега ги зголемија од една на две недели ги користат за патување до блиските дестинации. Белгијците се носат пристојно, но не се средени тип-топ како Италијанците. Костумите ги оставив во плакарот, многу ретко ги користам. Во моментов ми годи спонтан начин на облекување.
ММ: А, белгиската кујна - Ви се допаѓа? Меѓу moules et frites (школки и помфрит) и carbonnade à la flamande (сечкани парченца говедско месо и кромид, динстани - пржени со пиво), на кое јадење му давате предност? Обете се специјалитети на белгиската кујна. И што Ви недостасува од македонската?
В. И.: Белгиската кујна е одлична. Фаворит ми е токму carbonades flamandes à la bière - специјалитет кој тука одлично го подготвуваат. Ги обожаваме и школките.
ММ: Бидејќи го споменавме и пивото, какво е белгиското? Има неколку вида, цените се пристапни. Со што се пие обично? Мислам на јадење. Која Ви е омилена комбинација?
В. И.: Откако се преселивме, досега со сопругата Елена дегустиравме повеќе од двесте видови пиво. Цените на пијалаците за среќа не се како во скандинавските држави, ха, ха, ха! На неделно ниво, во супермаркетите има многу понуди за поволни цени, за сите продукти, но има и одлични вина по достапни цени. Со добри вина комбинираме одлични француски сирења, во комбинација со одлични тестенини, а со добри белгиски пива често јадеме одлични хамбургери во Manhattn’s Burgers.
Блиц прашања
ММ: Како се справува Белгија со енергетската криза? Има ли страв од недоволно количество енергија (топлинска) за потребите на домаќинствата, меѓу жителите? Дали се во неизвесност?
В. И.: Да, за жал, ова е актуелно прашање по кое се загрижени сите европски граѓани, без исклучок. Во Белгија, од април до јуни 2022-ра, имаше програма за помош на сите домаќинства со намалување на данокот на цената на гасот. Жално е кога слушам приказни дека институциите во Македонија се криви и неспособни во однос на светската криза со електричната струја и гасот. Од август, цената на гасот во Белгија е зголемена за дванаесет пати. Имам пријатели кои живеат во куќа, сметката за гас за месец септември им беше 800 евра. Електричната енергија е исто така енормно зголемена. Веројатно, цената од сметката на војната во Украина ќе ја платат европските граѓани, за жал.
ММ: Го споменавме најголемиот успех во работата, но што е за Вас најголемиот успех во животот? Дали се зависни, поврзани меѓусебно - успехот во работата и успехот во животот?
В. И.: За мене, најголем успех во животот е тоа што имам прекрасно семејство - сопруга со која имаме заемно разбирање за сѐ и две прекрасни деца за кои се радувам што навистина се вклопија во одличниот белгиски образовен систем. Исто така, за мене успех е тоа што во досегашната (дваесетгодишната) кариера ја исполнувам мојата девиза во животот: прави и оставај добри дела - сѐ се враќа со добро.
ММ: Во услови на деправација (морално расипување), како ги воспитувате децата - на кои вредности?
В. И.: Пред сѐ, децата ги воспитуваме да бидат личности кои ќе ги почитуваат другарите, професорите, возрасните без разлика на полот, бојата, етничката припадност, националноста. Да бидат упорни, да се посветени во учењето и да имаат дополнителни активности преку кои ќе им се збогати квалитетот на животот, а воедно со тоа ги развиваат своите вештини во уметноста, спортот.
ММ: Кога се работи за луксузот, на што Ви асоцира тој - на лимузини, предмети, хотели... или пак на животот, во смисла на здравје, среќа..?
В. И.: За мене луксуз е да се собереме сите заедно, со нашите две прекрасни фамилии (и мојата и на Елена) во Крушево, да наздравиме за животот, да се радуваме во секој миг со искрените пријатели. Се радувам што живееме во мултикултурна средина во која запознавме и секојдневно запознаваме нови семејства од најразлични делови на светот. Исто така се радувам дека моите деца се прилагодуваат и искрено се дружат со деца од Македонија, Хрватска, Романија, Полска, Белгија, но и од Јужна Африка. Се радувам на секоја нова европска дестинација која ја посетувам заедно со семејството.
ММ: Какво е Вашето размислување во врска со фатализмот? Дали сте фаталист, верувате во неизбежноста на судбината или пак во нејзината иронија, можеби? Судбината е во нашите раце, што мислите?
В. И.: Јас верувам во Бог, израснат сум во религиозно семејство. Сметам дека сите живееме онака како што заслужуваме, во зависност од нашето воспитување, делување и однесување.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Виктор Илиески