Лаф-муабет со Жикица Паговски: Уште од дамнина постојат верувања за некаквиси хорор случувања во Александрија, кои го прават градот поинтригантен за посета во деновите околу Халовин
Денешниот соговорник, учесник во разговорот и покрај неговите успеси, како во работата, така и во животот, се одликува со исклучителна скромност, едноставно избегнува да се фали, да говори за нив. Тоа всушност е карактеристика на луѓето со интегритет, во смисла на морална чистота, без какво било фингирање, лажно претставување кое, за жал, е сѐ поприсутно во денешницава. Жикица Паговски десетина години живее во САД или поточно во Вашингтон, каде што и магистрира. Откако ги заврши постдипломските студии, прво стапи на работа во Обединетите нации, потоа во Германскиот маршалов фонд, а сега е директор за стратешки развој во познатиот њусмагазин Foreign Policy кој постои веќе педесет години, па и нешто повеќе. За играта на судбината да биде поинтересна, на весникот и неговата страница за интернет корисниците се претплати веднаш по доселувањето.
Моменталната адреса, местото на живеење со неговата сопруга и домашниот миленик, јоркширскиот териер Алфи е во Александрија - еден од најстарите градови, основан дури дваесет и седум години пред самото здобивање на Соединетите Американски Држави со независност. За него воопшто и во пресрет на „Халовин“ (Ноќта на вештерките), за американскиот начин, стил на живеење, на облекување и прифаќањето на истите, односно на тамошната (националната) и културата на исхрана.., првенствено за работата, си помуабетивме откога се врати дома, во Вашигтон од Прага, каде што присуствуваше на првата средба на Европската политичка заедница.
ММ: Директорското место во „Foreign Policy“ Ви беше доверено на почетокот на годинава. Се работи за њусмагазин, основан на крајот на 1970-та. Всушност, неговото создавање беше поврзано со Виетнамската војна. Ќе ни кажете нешто за него, ќе ни го профилирате? Каква му е „стратегијата“? Но и Вашата, секако.
Ж. П.: Самуел П. Хантингтон, основачот на Foreign Policy магазинот имал за цел на светот да му понуди магазин што ќе ги претстави алтернативните гледишта на американската меѓународна политика, кои се наменети за секојдневните читатели, не само за изнудувачите на дипломатијата. Половина век подоцна, магазинот еволуираше во мултикомпонентен медиум што, освен со новинарство, се занимава и со организирање на конференции и предавања, а прави и анализи и извештаи, како и поткасти на теми поврзани со меѓународната политика. Целта на весникот е да развива меѓународна соработка меѓу народите и другите субјекти, промовирајќи мир, просперитет и напредок во светот. Мојата улога во организацијата е да работам на воспоставување на стратешки партнерства со државни институции, големи компании, меѓународни организации, фондации и други светски актери во полето на меѓународните односи.
ММ: Кога е Вашиот курикулум во прашање, навистина импресионира. Портфолиото Ви е многу богато. Дали работата во „Foreign Policy“ ја сметате за врв на скалите на кариерниот развој или Вашите амбиции се повисоки, т.е. поголеми? Американскиот континент Ви е крајна дестинација засекогаш?
Ж. П.: Кога дојдов во Вашингтон на магистерски студии во 2011-та, прво што направив е тоа што се претплатив на Foreign Policy магазинот и интернет-страницата и редовно ги читав нивните статии и анализи. За време на студиите и во раната кариера, Foreign Policy учествуваше во градењето на многу мои погледи во полето на светските политики. На Foreign Policy магазинот отсекогаш гледав со голема почит - сега за мене е огромна чест и привилегија да бидам дел од него. Засега, главен фокус ми е да помогнам во развојот и растот на FP преку градење на широко портфолио на глобални партнери. Што понатаму и каде, останува да видиме.
ММ: Десетина години живеете во САД или поточно во Вашингтон, каде што и магистриравте. Дипломиравте на американски универзитет во Бугарија, таму се здобивте со BA (Bachelor of Arts) градус. Ме интересира, Америка Ви беше зацртана уште во раната младост? Која беше причината за тоа - отсекогаш Ве примамуваше американизмот?
Ж. П.: Искрено, немав некоја зацртана цел каде ќе сакам да живеам на долг план, но навистина сакав да се запишам на дипломски студии во Вашингтон, еден од центрите на меѓународната политика. Воден од тоа, дојдов тука и по завршувањето на магистратурата, започнав со работа, прво во Обединетите нации, а потоа во Германскиот маршалов фонд. Америка е прекрасна држава која ги промовира и штити вредностите на демократијата, либерализмот и просперитетот. Општеството е пријателски настроено кон имигрантите и сите луѓе што сакаат да бидат дел од него.
ММ: Живеете на периферијата на Вашингтон - Александрија е прогласен за град кој задолжително треба да се посети во 2022-ра, според Travel + Leisure и Condé Nast Traveler. Стариот дел е импозантен. Што го прави толку впечатлив наесен? Наближува „Халовин“ (Ноќта на вештерките).
Ж. П.: Не знам дали знаете, но Александрија е еден од најстарите градови, основан во 1749-та, дури е постар и од Соединетите Американски Држави кои ја добиваат независноста во 1776-та. Градот поседува исклучително голем шарм, изобилува со историја, култура и традиција. Поплочените улици, куќите во колонијален стил, многуте галерии, кафулиња и ресторани нудат целосно уживање и релаксација за туристите од сите страни на светот. За време на Халовин, повеќето продавници се отворени за trick-or-treating (з.м. традиционални костими за Ноќта на вештерките), а се организираат и многу тури, обиколки на проколнатите куќи и гробиштата во Александрија. Уште од дамнина постојат верувања за некаквиси хорор случувања во Александрија, кои го прават градот поинтригантен за посета во деновите околу празникот.
ММ: Американската култура во смисла на начин, стил на живеење воопшто - Ви се допаѓа, го прифативте целосно? Американијадата? Од што сте воодушевени кога се Американците во прашање или можеби Ве разочарале со нешто? Има голема разлика меѓу александријците, вашингтоците и еве, њујорчаните на пример?
Ж. П.: Како што кажавте, американската култура се разликува од град до град, од држава до држава и од регион до регион. Додека луѓето во Њујорк се фокусирани на финансиската моќ, Вашингтон e центар на политичката. Секое место во Америка си носи свои одлики и нуди различен стил на живеење. Градовите нудат многу опции да можете да си го обликувате својот стил и начин на живеење.
ММ: Начинот, стилот на облекување - каков е? Мислам на бизнисмените, т.н. јапи. Следователно и Вашиот? Интересна е приказната за „Brooks Brothers“, омилената марка на повеќето американски претседатели. Купувате од неа или..? Едноставноста ја преферирате, минимализмот?
Ж. П.: Brooks Brothers всушност, заедно со J.Crew ми е еден од омилените брендови за на работа. Обете марки го промовираат preppy стилот и се одлични за business casual облекување. Кога сум на одмор или патувам, го преферирам брендот Vineyard Vines, кој изобилува со комфорна облека во прекрасни бои. Исто така ги уживам и европските брендови. Кога излегувам на пример, обожавам да носам парчиња од Zara.
ММ: И приватно и службено патувате многу. Каде би се враќале постојано, ако имате можност? И ме интересира, што најмногу Ве привлекува во текот на патувањата, Ви предизвикува љубопитство, интерес, внимание? Духовната, материјалната, културата на исхрана..?
Ж. П.: Од многуте патувања, најголем впечаток ми остави посетата на Кина и на Јужна Кореја. Источните земји изобилуваат со прекрасна култура, интересна историја и вкусна храна. Земјата во која често се навраќам е Италија, од јасни причини. При секое патување секогаш наоѓам време да ги посетам уметничките галерии, историските музеи, како и црквите и објектите со духовно значење. И, ако имам време, задолжително ги посетувам најпрепорачаните ресторани, воглавно тие што нудат локална кујна.
ММ: Секако дека народите, регионите... се препознаваат и по нивните кујни. Која Ви е омилена? Сакате повеќе да јадете во ресторани, дома? Што најчесто? Имате време за готвење? На што можете да „докторирате“?
Ж. П.: Тешко прашање бидејќи обожавам различни кујни, но би рекол дека азиската храна ми е најомилена. Секогаш сум отворен за добро суши, корејска скара и тајландско кари. Поради работата и многуте настани и состаноци, голем дел од неделата јадам во ресторани, но уживам да јадам и дома. Готвењето ме релаксира и ми претставува задоволство. Омилена порција ми е лосос (мариниран по мој специјален рецепт) на скара, со паста.
ММ: Со добро јадење оди добро вино. Имате познавање од него? Кое Ви е поубаво - македонското или американското? Немојте да бидете пристрасни. Во што се разликуваат?
Ж. П.: Го сакам македонското црвено вино бидејќи има убави овошни ноти и прекрасна арома. Калифорниското вино е прекрасно исто така, особено белото. Така балансирам помеѓу македониските и американските вина. Инаку, во принцип ги обожавам пенливите вина. Од црвените, добра опција секогаш е Pinot Noir, додека од белите - вината Rkatsiteli.
ММ: Уметноста, нејзината историја Ве примамува? Некој стил што најмногу Ве интригира - било европски било американски..? Мислам и на музиката во исто време. И на Бродвеј. За среќа, оддалеченоста не е голема. Често го посетувате? Важи за центар на американскиот театарски живот.
Ж. П.: Ме привлекуваат многу уметнички стилови, од ренесансата, барокот и рококото до импресионизмот. Во последно време многу ме интересира и учам за американската уметност. Ако треба да издвојам некој, тоа би бил Ел Греко. Неговиот каприциозен, драматичен и експресионистички стил навистина фасцинира.
Блиц прашања
ММ: Во „Foreign Policy“ се пишува за Македонија? Каква е перцепцијата?
Ж. П.: Да, кога има важни настани или пак моменти од меѓународната политика поврзани со државата, нашите новинари пишуваат. Мислам дека имавме статија пред неколку месеци. Поради уредничката независност, не може да се истакне некоја специфична перцепција.
ММ: Лично, ја следите политичката ситуација тука, во Македонија? Криза е во секој поглед, на секое поле. Според Вас, што ќе нѐ извлече од неа? Има надеж?
Ж. П.: Секако дека има надеж, бидејќи иднината е во нашите раце. Во моментов најбитно е јасно да се согледаат последиците од војната во Украина и светската економска рецесија и мудро да се реагира.
ММ: Делчево е Вашето родно место. Ви недостасува нешто оттаму, настрана потесното семејство? И порај тоа што сте заминале одамна.
Ж. П.: Да, ми недостасува, но често се враќам во Делчево, а и моите патуваат, така што се гледаме одвреме-навреме.
ММ: Неодамна почнавте да се занимавате и со градинарство. Настојувате да бидете и физички активни. Имате време за сѐ, наоѓате?
Ж. П.: Се обидувам викендите да ги искористам за релаксација, одмор и физичка активност - тоа е исто толку важно колку и работата.
ММ: Имате и домашен миленик - јоркширски териер. Што научивте од него за луѓето, така да се изразам?
Ж. П.: Ха, ха, ха! научив дека неизмерната љубов отвора железни врати.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Жикица Паговски