Лаф-муабет со Зоран Кардула: Мојот фокус на интерес, како порано, така и сега, е насочен кон југословенскиот дизајн, советскиот пропаганден постер и руската авангарда

Препознатливоста е одлика на уметниците со реноме, чија естетика во стилот на работата се огледа и во живеењето, меѓу другото. И обратно, секако. За денешниот соговорник, т.е. учесник во разговорот - Зоран Кардула, инаку електроинженер по вокација, графичкиот дизајн веќе дваесет и пет години е извор на вдахновение, инспирација во поширока смисла, вклучително и творечкиот полет, неговата состојба. Илустрациите се нешто посебно, приказна за себе. Изложбата „Војна на ѕвездите и Македониум“ (Star Wars & Makedonium) e уште една потврда за горенаведеното и секако, големата посетеност. Неодминливо и (преку)бројноста на пријателите, следбениците на Фејсбук, Инстаграм и останатите социјални мрежи, кои се интересираат за секојдневните постови - „илустрираното“ потсетување на личностите од минатото, за да не се заборават. Посебно место во портфолиото на З. К. зазема и ликот на Дениција од лимитираната едиција часовници на Swatch, а колоритот потсетува на боите на македонското знаме.

Љубовта кон уметноста е сеприсутна, забележлива и во пасијата за собирање антиквитети, меѓу нив и колички и кутии. Артизмот е наследен, веројатно од дедо му, како што вели - самоукиот скулптор чии дела од камен, реплики на манастирите на Света Гора, некогаш го краселе дворот на крушевската црква Св. Никола, во средиштето на градот.

И овој понеделник, освен што ќе ве разоноди, лаф-муабетот и ќе ве инспирира, вдахне.., стопроцентно - тоа е всушност и неговата и нашата цел: да влијаеме позитивно на сите вас. 

ММ:Критиките за изложбата „Војна на ѕвездите и Македониум“ (Star Wars & Makedonium) во рамките на „Десет дена Крушевска Република“ се повеќе од позитивни. Такви се и рецензиите, а големата посетеност е уште една потврда за Вашето реноме, угледот. Нема сомневање, импресивно го споивте филмскиот серијал и со меморијалниот центар, меѓу другото. Идејата, од каде? Што ги врза, нивната монументалност (и метафорично и буквално)? И која е пораката, каква е таа - чисто уметничка, артистичка или..?

З. К.:Благодарам за честитките. Многу сум задоволен од посетата, од медиумската застапеност на настанот, како и од позитивните коментари. Се оствари една моја желба која ја носев со години. Всушност, уште како дете, кога го гледав Star Wars во киното во Крушево, имав впечаток дека целата сценографија е дел од Македониумот. Самиот споменик е импресивен, за мене е ремек-дело на архитектурата. Како роден крушевчанец, се сеќавам на почетокот на неговата изградба, активностите кои ги имавме како ученици и импресиите кои ги имам длабоко во себе. По многу години ја реализирав мојата фантазија, која можеби изгледа чудно и невозможно, но за менеовие две ремек-дела апсолутно се надополнуваат.

ММ: Истовремено во Крушево се одржа и работилница во чест на Никола Мартиноски, 119 години од раѓањето на ликовниот уметник чие потекло е крушевско. Ќе ни ја доловите? Илустрациите може и фотографски - мајсторски се исто како и неговите дела. Според Вас, галеријата и монументот се амблемите на градот? Друго, присутно на Вашите илустрации, во нив?

З. К.:Како и Македониумот, така и галеријата на Никола Мартиноски е нешто што не смее да се изостави при посетата на Крушево. Сместена е во стара крушевска куќа, изградена во средината на 19 век, со сите специфики на архитектурата по која е препознатлив градот. Галеријата ја сочинуваат ремек-дела на еден од најдобрите претставници на македонската современа уметност и за мене е една од најдобрите кај нас. Ова е втора година по ред како што се одржува работилницата во чест на великанот Мартиноски. Интересно е што учениците првпат се сретнаа со илустрацијата како техника и можам да кажам дека беа одлични. Ова е еден нов пристап, нова енергија инспирирана од прекрасните дела на Мартиноски, преставени во техника која сѐ повеќе се среќава во дигиталниот свет во кој живееме. 

ММ: Вашата вокација е инженерска, во електротехничката струка. Но, графичката уметност (дизајнот) Ве преокупира веќе дваесет и пет години. Ме интересира што влијаеше на одлуката да ја смените професијата, Ве поколеба нешто? Сега работите како слободен уметник - фриленсер? Што подразбира таквото работење, кои се предностите, кој е „хендикепот“?

З. К.:Да, јас сум дипломиран електроинженер, но никогаш не сум работел по струката. Иако никогаш не сум работел по струката, не зажалив што го завршив факултетот кој навистина беше одличен. Во текот на студиите, уметноста беше присутна секојдневно. Додека ги спремав испитите, на паузите секогаш цртав, прво со графитен молив,потоа со туштехника - тоа ме одмараше. По завршувањето на факултетот и распаѓањето на Југославија, можноста за вработување по струка беше мала и тоа ме поттикна интензивно да ги учамдизајнерските програми за тоа да биде моја професија. Дваесетина години работев во „Публицис“, одлична маркетинг агенција каде што научив многу. Имав многу добри колеги на кои во секое време и денес можам да се потпрам за совет и помош. Веќе пет години работам како фриленсер. Работам од дома, многу време поминувам со помалата ќерка Ерато, која е дете со атипичен развој во спектарот на аутизам, а фактот дека сум покрај неа - големо олеснување ми е. Единствена мана е што како фриленсер работам многу часови, но со оглед на тоа што уживам во мојата работа, тоа и не е некој проблем.

ММ: Развојниот пат, процес - како се одвиваше? На кој начин се менувавте? Каде беше фокусот на почетокот, а каде е денес - на што? Во текот на работењето, дизајнирањето - се менуваа стиловите, нивните влијанија? Кој беше доминантен? Како е сега?

З. К.: За дваесет и пет години е нормално да има промени. Како што се менуваме и ние, како луѓе, така се менуваат и стиловите и односот кон дизајнирањето. Сепак, мојот фокус на интерес, како и порано, така и сега, е насочен кон југословенскиот дизајн,советскиот пропаганден постер и руската авангарда. Тоа се стиловите кои ги обожувам, имам поминато многу години во нивно проучување, нивно прилагодување во моите редизајни. Сепак, покрај нив, тука се и влијанијата на поп-артот и арт-деко стилот. 

ММ: Не можеме да не ја споменеме и Вашата соработка со Swatch, за лимитираната колекција со ликот на Дениција, т.е. македонската Мона Лиза како што многумина ја нарекуваат. По неа, колкав е интересот за илустрацијата, се бара ли? Доколку се работи за машки часовник, чиј лик би илустрирале?

З. К.:Одлично е во портфолиото да имате и еден таков проект, посебно кога се работи за лимитирана едиција на еден светски познат бренд, а згора на тоа и сте првиот од земјата кој имал таква соработка. Ја имав слободата да илустрирам што сакам и драго ми е што се одлучив за лик од жените кои ги цртам во еден модерен, но сепак мистичен пристап. Колоритот потсетува на боите на нашето знаме. Одлично беше прифатен овој проект и драго ми е што ќе отвори врата за промоција на млади талентирани дизајнери. Не сум размислувал за дизајнот на машки часовник, но во мојот серијал со жените секогаш има и понекој маж, така што веројатно тоа би бил некој лик оттаму.

ММ: Со оглед на тоа што извесно време работевте и во маркетинг агенција, ме интересира каква е улогата на илустрацијата во рекламирањето, колкава е таа? Постои ли тренд во маркетингот, каков е сегашниот? И според Вас, што повеќе го привлекува вниманието на клиентите, консументите, купците - текстот (натписот), логото..? Преферирате минимализам или максимализам или нешто помеѓу?

З. К.:Во последно време илустрациите сѐ повеќе се застапени во кампањите, а со оглед на фактот дека работам илустрации, тоа ми одговара. Целата комбинација од илустрација-текст (headline) треба да е совршено погодена и тоа е гаранција за успешен концепт. Можете да имате совршена илустрација, но ако типографијата не е погодена,сѐ паѓа во вода. Во последно време се практикува, а и трендовски е минимализмот.Бидејќи сите користат мобилни телефони, тоа влијаеше на дизајнот да се прилагоди на тој тренд. Минималистичкиот е попрегледен, а со оглед на тоа што луѓето имаат сѐ помалку време, поради забрзаниот ритам на живеење,со таков дизајн се настојува да се задржи вниманието и информацијата полесно, поприемчиво да стигне до нив. Секогаш има трендови, но колку луѓетолку вкусови, па некому му се допаѓа, некому не. Секако, за вкусовите не се дискутира, но тоа што се нуди - треба да биде направено перфектно. 

ММ: Забележително е Вашето присуство на социјалните мрежи, од Фејсбук до Инстаграм. Прикажаните илустрации се врзани со личности од минатото (и блиското и далечното), како и со настани, случувања. Неопходно е истражување, анализа... Кој е мотивот? Дали корективот е целта на некои од нив, како императив? Последно што ми го привлече вниманието беше плакатот со цитатот на Коча Поповиќ за национализмот, односно против него.

З. К.:Со оглед на фактот дека не користам мобилен телефон, сепак сум активен на социјалните мрежи. Се обидувам речиси секој ден да постирам некоја илустрација поврзана со личност од минатото која ја ценам, која има оставено трага во уметноста, историјата, образованието и за која сметам дека не треба да биде заборавена. Тоа го правам за мое задоволство, а по реакциите на пријателите кои ме следат на социјалните мрежи се гледа дека им се допаѓа. Коча Поповиќ е мој идол од детството. Неговата дефиниција за тоа што е национализам е одлична и мислам дека е вредна за потсетување на дневна основа, со оглед на напливот на национализмот на глобално ниво.

ММ: Вашата љубов е сеприсутна, кога се работи за уметноста, вклучително и артизмот. Собирате антиквитети, стари предмети со уметничка вредност. Каде ги барате, наоѓате? Сѐ помалку антиквари, антикварници има во Македонија. Ги истражувате, проучувате старините?

З. К.:Ја сакам уметноста во сите нејзини форми и облици. Среќен сум бидејќи тоа што го работам е поврзано со уметноста. Обожувам антиквитети, но не можам да кажам дека сум колекционер. Најголемиот дел од работите кои ги имам се семејни работи кои ги има сочувано мојата фамилија, како и фамилијата на мојата сопруга. Заедно успеавме да им дадеме нов живот со оглед на тоа што сѐ уште ги користиме и репарираме и се дел од нашиот дом. Сакам да одам во антикварници, некогаш ќе купам некој предмет кој ми се допаѓа или ме потсетува на некој предмет кој сме го имале, но не сме го сочувале. Кога живеете опкружени со старини, нормално е да ги истражите и проучите, посебно кога се наследени од предците и со себе носат свои приказни. 

ММ: Вие сте колекционер и на колички, па и на кутии. Дали се трампате? Сепак, трампата е вообичаена во колекционерството. За какви колички, кутии се работи? Вредноста (нивната утврдена цена), марката, реткоста.., што Ви е најважно?

З. К.:Како мал почнав да собирам олдтајмери (тоа веројатно е поврзано со мојата љубов кон старините) и еве,сѐ уште купувам кога ќе имам прилика. Имам околу сто и триесет автомобилчиња, некои купени на аукција во странство. Можеби некои од нив имаат вредност, но тоа не ме интересира, едноставно си ги собирам за своја душа. Не продавам, немам дупликати, така што повеќе може да се каже дека сум љубител, а не колекционер. Истото важи и за металните кутии кои ги собирам, не сум ги изброил, но сигурно се околу триста.

ММ: Кога е потесното семејство, фамилијата во прашање - силната љубов кон уметноста е наследена, Ви ја пренесоа родителите, Вие на децата или..? На што ги учите, на кои вредности? Артизмот - смислата за убавината, естетиката, уметноста е исто така вредност, сама по себе.

З. К.:Немам уметници во фамилијата, но дарбата за творење сигурно ми е наследена од мојот дедо кој беше самоук,изработуваше склуптури од камен, а во дворот на црквата Св. Никола во центарот на Крушево имаше направено реплики од манастирите на Света Гора, со различни камени фигури и фонтани, но за жал ништо од тоа не е сочувано. Смислата за убавината ми е пренесена од фамилијата и куќата во којашто израснав. Опкружен со убави предмети од моите предци, фотографии од Манаки, секогаш се внимаваше на традицијата, домашното воспитување, почитта кон постарите и сето тоа имаше големо влијание во оформувањето на мојот вкус и естетика. 

Блиц прашања

ММ: Ако треба да го дизајнирате плакатот за Скопје и за Македонија - како би изгледале, поединечно? Кои знаменитости би ги прикажале, илустрирале? Може и друго, зошто да не.

З. К.:Имам илустрирано доста бруталистички згради од Скопје и мислам дека тие се едно од богатствата на градот и како такви треба да се промовираат. За Македонија - секако, Македониумот.

ММ: Очигледно дека инспирација не Ви недостасува. Сепак, батериите - каде ги полните, како? Што правите кога не правите ништо, така да се изразам? Можете ли да се изолирате од сѐ, да се исклучите потполно?

З. К.:Ретко не правам ништо. Секогаш илустрирам, истражувам нешто што би ми помогнало во некој проект, ги прелистувам монографиите на уметниците кои ми се инспирација.

ММ: Има една латинска изрека „Ars aémula natúrae“ која во превод значи „Уметноста ѝ е соперник на природата“. Се согласувате со сентенцијата? Како ја толкувате?

З. К.:Според моето поимање на уметноста, не се согласувам со неа. Природата може да биде само инспирација за уметноста.

ММ: Вашето мислење за графичкиот дизајн во тукашните медиуми (и печатените и телевизиските, но и на порталите), какво е? Мислам на естетиката.

З. К.:Порталите се далеку посредени - дизајнерски, се обидуваат да ги следат трендовите, но дали некому му се допаѓа или не - тоа е работа на вкус. Секогаш има простор за подобрување.

ММ: А, содржински - што Ви недостасува, сакате да прочитате, но немате каде? Па и да погледате на малиот екран.

З. К.: Недостигаат многу содржини. Има малку рецензии на филмови, освен во некој печатен медиум и обично се поврзани со конкретен фестивал. Исто така има малку емисии од културата, научни емисии (се сеќавам на „Космос“ на Карл Саган, колку бевме опседнати како мали). Чинам дека лошата телевизиска програма ме има оддалечено од малите екрани, но тоа не е случај само со мене. Многумина што ги познавам или воопшто или многу ретко гледаат телевизија.


Игор Ландсберг

Фотографии: приватна архива на Зоран Кардула