Лазаров: Премногу технички грешки, Норвешка заслужено победи

Норвешка се покажа како пресилна за Македонија на првиот натпревар на мундијалот во Полска.

Во Краков, Норвешка подобра од Македонија со 39:27, селекторот Кирил Лазаров смета дека сме имале премногу  технички грешки.

„Норвешка заслужено победи и беа подобри од нас. Бевме добри дваесет минути, но невозможно е да се игра шеесет минути на тоа ниво против една селекција која ја сметам за една од четирите најдобри на светот. Кога ќе направите 17 технички грешки нема помош. Тоа е причината што загубивме со дванаесет разлика. Бевме добри дваесет минути, а и во вториот дел ги изненадивме со играта „седум на шест“. Сепак, во пет минути грешките донесоа лесни голови за противникот. Беше невозможна мисија, но ќе се подготвиме подобро за следните натпревари и ќе се обидеме да победиме против следните два противници. Ни следи Холандија која е моќна, но не е како оваа норвешка селекција“, изјави Лазаров по мечот.

Следно за Македонија е Холандија в недела од 18 часот.

ФОТО: РФМ/ФЕЈСБУК