„Литература.мк“ и „Џез ФМ“ радио носат нов, автентичен и оригинален музички концепт на урбаната сцена

„Литература.мк“, во партнерство со радиото „Џез ФМ“, најави почеток на низа музички настани во новото Café Literatura во „Дајмонд мол“.
Под мотото „Читаме џез“ почнува новиот концепт на „Литература.мк“, чија мисија е организација на најквалитетните музички настани со врвни музички уметници, како и нови откритија, од домашната и регионалната сцена преку кои сите присутни ќе можат да ја истражуваат еволуцијата и мноштвото начини на кои џезот и книгите влијаат на културата.

Љубителите на читањето и квалитетниот звук ќе имаат можност да уживаат во овој несомнено храбар концепт што би можел да се опише преку три едноставни, но многу силни и значајни зборови: „Литература, музика, култура“.

Од 23.02 (петок), па секој иден петок, квалитетната музика во Café Literatura во „Дајмонд мол“ станува достапна за сите. Петочните сесии почнуваат со настанот „Читаме џез“ и незаменливиот Џијан Емин, кој е препознатлив по својот автентичен и оригинален музички израз и секогаш забавните и енергични настапи. Посетителите ќе можат да уживаат во неговите добро познати музички интерпретации на редовниот репертоар на музички настани на Café Literatura, секој втор петок. Џијан Емин е диригент на новооснованиот Национален џез-оркестар, како и композитор, аранжер и оркестратор на повеќе значајни проекти на Националниот џез-оркестар, Македонската филхармонија, неговиот авторски проект „Магичен оркестар“ и многу други.

Овие музички настани ќе ја слават динамичната врска помеѓу литературата и музиката. Новиот концепт ќе ја слави симбиотската врска помеѓу литературата и музиката, како две од најголемите уметнички форми што ја трансформираат глобалната култура.

„Во обид да ја збогатиме градската програма и да ја едуцираме публиката, создадовме квалитетен музички репертоар што ќе го размрда скопското секојдневие. Воодушевени сме што имаме неверојатни музички имиња како што е Џијан Емин, кој настапува на лансирањето на новата мисија на ’Литература.мк‘ и ’Џез ФМ‘, подигнувајќи ја уметничката вредност на музичките сесии. Исклучително ќе се посветиме да ги донесеме сите домашни креативни гении чија дарба ќе живее низ сите нас“, истакнаа од „Литература.мк“.

„Џез ФМ“, најстарото и единствено радио кај нас за промоција на џез-музиката и сродните жанрови, е посветено на ширење на добриот звук и иновативниот пристап кон музиката. Ова скопско радио ќе стане достапно и за пошироката публика, на ниво на целата држава, како и интернационално, преку воведување на онлајн-стриминг на пет посебни канали. Секој канал ќе биде внимателно и тематски обработен да ги задоволува аудиторните потреби на љубителите на џез, блуз, фанк и соул. „Џез ФМ“ е посветено и на едукација на младата публика и претставување на новата музика. Преку емисии и настани посветени кон помладата генерација, ќе се претстави новата џез-сцена и ќе се промовира слободната урбана мисла што е темел на џез-музиката.

Café Literatura е опремено според највисоки стандарди за уживање во релаксирачка мешавина од квалитетни наслови и квалитетна музика преку автентичниот, суров и нефилтриран звук на зборовите и инструментите. Café Literatura ве повикува да се сместите, да се опуштите, да се исклучите од светот надвор и да бидете сведоци на длабок, емотивен музички момент преку блиска, интимна врска помеѓу музичарите, инструментите и слушателите.

*Вечерашниот настан „Читаме Џез“ е од затворен карактер.