Македонија го пречекува Азербејџан, бараме победа на последниот натпревар во 2022 година

Македонија денеска од 14 часот го пречекува Азербејџан на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

За македонската фудбалска репрезентација, ова е последниот натпревар во тековната година.

Пријателската средба се игра од 14 часот, селекторот Благоја Милевски нема да смета на Бојан Миовски и Езгјан Алиоски.

„За жал, Бојан Миовски нема да игра поради болест, а поради приватни причини го ослободив и Езџан Алиоски. Ќе мора да играме без нив двајца. Ние на секој натпревар играме да победиме, секогаш играме на победа, се надевам така ќе биде и против Азербејџан. Знам дека Азербејџан добро не скаутирал, но се надевам дека нашиот квалитет ќе излезе на површина иќе стигнеме до победа. Јас инсистирав на вакви противници, различни и квалитетни, Финска е топ репрезентација, Азербејџан игра навидум поразличен фудбал, но нивните последните натпревари го потврдуваат нивниот квалитет, очигледно е дека селекторот добро си ја работи работата. Имаат одлични индивидуалци и се агресивни. Ние имаме квалитет, слабостите ги анализиравме од мечот со Финска, мислам дека се тоа моменти на деконцентрација и ќе направиме се да ги поправиме грешките, кои не смееме да ги имаме на официјалните мечеви следната година со оглед на квалитетот на противниците“, рече Милевски.

Ова е шеста пресметка меѓу Македонија и Азербејџан, две средби завршиле без победник, а нашиот национален тим има четири победи.