Македонска гордост: На 21 година вреди 300 илјади евра

На 21 година кај нас младите луѓе најчесто студираат, работат нешто за да придонесат во семејниот буџет, се излежуваат или бегаат во странство. Ова е приказана за едно момче, кое младешките лудувања, излегувања по кафулиња и другарувања со некој порок, свесно ги жртвуваше за својата спортска кариера. Како многу други врвни спортисти. Спортот бара многу одрекувња, многу трениг, здрав начин на живеење, дисциплина... Спортските резултати и успеси се само јаготка на шлагот, врвот на глечерот, под кој се крие многу работа, пот, вежбање и гледање на снимки на своите спортски идоли.
Токму таква фотографија во текот на неодамна одржаното Светското првенство во ракомет осамна на интернет. Јунакот на оваа наша приказна, како дете, фотографиран со својот идол хрватскиот ракометар Игор Караџиќ. Успехот на РК Вардар и двете титули во Лигата на шампионите, очигледни придонесоа многу наши деца да се вљубат во ракометот и својата иднина да ја побараат токму во овој спорт. Да, ова е приказната на Марко Митев, нашиот ракометен бисер, кој блесна во полн сјај на СП во Вараждин.
А веста одекна брзо, како гром од ведро небо. Актуелниот, германскиот ракомeтен првак Магдебург сака да го ангажира Марко Митев во своите редови и за него се подготвени да издвојат обештетување од 300.000 евра. Иако за младиот среден бек претходно беа заинтересирани и РК Мелсуген на Парондо, но и РК Киелце на Душебаев.
Уште во 2021 година, малиот ракометен виртуоз изјавуваше дека тоа што е дел од националниот тим и што ги брани боите на Македонија е исклучителна гордост и сон на секој спортист и му претставува мотив плус за уште повеќе да работи на себе, да учи од поискусните и да даде сѐ од себе и да одговори на задачите најдобро што може. Новинарите веднаш го препознаа неговиот потенцијал и бараа од селекторот Лазаров да му даде шанса да се докаже, иако тогаш имаше само 18 години. Кире Лазаров, како голем ракометар и како тогашен тренер во подем, го послуша својот непогрешлив инстинкт и му даде шанса на Митев да го води нашиот напад во друштво на Кузмановски, Талески, Пешевски и другите поискусни ракометари. И не згреши. За кратко време РК Алкалоид и Македонија добија одличен организатор на играта и креативец кој во секој момент знае што треба да се направи со топката и со нашиот напад. Ништо не е случајно. Визијата на Живко Мукаетов, условите кои што им ги овозможи на истоимениот клуб и на македонската репрезентација, секојдневната вредна работа на Кире и потенцијалот на десетина млади ракометари – создадоа почеток на една нова и мошне интересна ракометна приказна, која веднаш беше препознаена во цела Европа. Младите ракометари имаат ретка можност да учат од најдобриот, од легендарниот Лазаров, кој во текот на својата богата играчка, кариера освои сѐ што можеше да се освои.
Ракометниот клуб Алкалоид е проект каков што сме виделе во повеќе моќни ракометни земји како што се Поругалија (Спортинг), Хрватска (Загреб) или Металопластика во поранешна Југославија. Тоа е идејата за клуб – репрезентација, со млади играчи. Проект на долги патеки, кој ќе однесе успеси и за клубот и за репрезентацијата на Македонија. Многумина наши ракометни експерти сметаат дека никогаш не сме имале среден бек со такви предиспозици, квалитет и можности какви што има Марко Митев. Брз, пробивен, храбар, реалистично остварување на флоскулата „срце на терен“... Среден бек од калибарот на Сташ Скубе или Лук Стеинс.
Во 2021 година со кадетската селекција на Македонија, Митев стигна до финалето на ЕХФ шампионатот во Скопје и беше прогласен за најдобар среден бек и најкорисен играч на турнирот. А својот деби гол го постигна против актуелниот светски шампион Данска на претходното Европско првенство.
Почнал да тренира ракомет на 9 години во РК Аеродром кај тренерот Дарко Петровски, а борбеноста, контактот и пред сè тимската игра во ракометот биле пресудни да се одлучи токму за овој спорт. Со игрите во РК Бутел го свртил вниманието на спортската јавност и тоа било доволно за да го добие повикот од Кире Лазаров и да стане дел од проектот РК Алкалоид.
По многуте пофалби за одличните игри на Светското првенство, Митев стои цврсто на земја и скромно вели дека е максимално посветен на ракометот, постојано работи и се труди да биде уште подобар од тоа што е. Смета дека со напорна работа и пожртвуваност успехот е неизбежен, а свесен е дека ние сме ракометна нација, но младите македонски ракометари имаат од кого да учат и добрите резултати секако мора да дојдат еден ден. Митев постојано верува во себе, верува во тимот и ја сака победата. А тоа е проверен рецепт за големи спортски успеси.
Ова е приказната за младиот Митев, кој на 23 февруари ќе го слави својот 22 роденден. Таа продолжува. Ракометна Македонија има голема иднина.
С.А.Н