Мажи vs. жени: Бла
Провокација со три букви... Некогаш во еден збор може се‘ да се собере, а некогаш потребно е и да се отворат нови димензии со зборот...Еве како сето тоа е „спакувано“ од поетесата Ана Бунтеска и поетот Божидар Божиновски Моџо.
Ана Бунтеска
Ме испровоцира, не дека не. Знаеш де, со онаа фотографија на која има две врати за во тоалет, од кои женската е сета испишана со “бла, бла, бла”....(сигурно имаше над 50), а машката само со едно големо, болдирано БЛА. Ок, ок...не е дека по природа сме молчеливи, иако не’ има и такви, ама во суштина и вие не сте баш цвеќе за мирисање. Нашето бла, бла, бла е обид да ги искажеме нашите мисли, оти тоа отприлика изгледа како отворени 100 табови, хаос од мисли кои ако не се артикулирани во зборови, знаете дека следи експлозија. Да, имаме потреба се’ да извербализираме, некогаш и до детали. Зошто е тоа така не дека знам, ама прикажувањето на жените како брбливки, ми е како да сакате да кажете дека се’ што зборуваме е бесмислено. А не е така. Впрочем, она што ја одржува комуникацијата е разговорот, кој не е монолог. Од друга страна, тоа едното ваше БЛА сака да каже дека вие со еден збор ќе ја уловите есенцијата на целиот муабет?! Не би рекла.
И еве отприлика како изгледа тоа:
Ж-Миличок, сакаш за ручек пилешко со ориз или да правам пита?
М-Да!
Што да?! Да за пилешкото, да за питата или да за двете? Или уште полошо е ако не е ниту ДА, туку е МХМ, додека занесено гледате во телевизорот или го пресметувате коефициентот за претстојните фудбалски натпревари. Поголем проблем имаме доколку сте неодредени во одговорот, оти ако мислите дека така ни го правите ќефот, скроз сте утнале.
Ж-Како ми стојат панталоните? Мислиш дека ми е убав задникот во нив или да го облечам оној фустанот со цветови (нормално, вие не ни знаете дека имаме фустан со цветови)
М-Убава си во двете, што сакаш, тоа облечи
Е како бе така? Ние знаеме дека сме убави во двете, ама во кое сме поубави? Мислењето го бараме оти ни значи, иако сме свесни дека не сте модни дизајнери.
И да, тоа баш ни оди на нерви. Башка што и не е дека секогаш имате одговори со две букви. Ако почнеме да правиме муабет за автомобили, мотори, спорт и те како имате што да кажете. Па тоа одење во детали, па објаснување со страст и жар во очите ко да сте добиле седмица на лото. Разликата е во тоа што ние ве слушаме, иако искрено кажано пола од тоа и не разбираме. Згора на се’, ако замолчиме тогаш пак имаме проблем. Нашиот молк знае од ум да ве извади, особено ако е сведено токму на вашиот начин на комуникација.
М-Што ти е?
Ж-Ништо!
М-Како ништо?
Ж-Така, ништо
М-Лута си за нешто?
Ж-Не
Не дека тоа НЕ, не значи она легендарното “ако ти не знаеш што ми е, нема јас што да ти објаснувам”, ама навистина некогаш е само НЕ, кое значи дека не ни се зборува. Ама вие сте навикнати да “дрдориме”, нели? Сум била сведок за машки збиранки во кафеани кога сум одела да пишувам и најодговорно тврдам дека сте поголеми алапачи (секоја чест на исклучоците) од најголемите дрдорки што ги знам. Сум се изнаслушала такви муабети кои не би ни паднало на памет нам жените да ги изнакажеме.
Па не дај Боже (не Божо) да се почне муабет за вашите достигнувања како познати Казанови. Ах, па тоа се цели беседи за љубовни подвизи, од кои којзнае и дали е нешто точно. Но, еве едно признание кое и не е баш најпаметно да го кажам, ама нели тука сме со симнати ракавици. Многу ни значи да ве запознаеме и да знаеме за вас што сакате, што ве мачи, кои ви се желбите и потребите. Некогаш претеруваме, ама ако го нема тоа, на што би личело нашето битисување заедно? Пусти нек очи говоре? Ма јок, дури и јас што сум асоцијална кога сум со некој сакам да прашувам, да се конфронтирам, да се надмудрувам (не, не се разведов заради тоа-пропратено со превртување очи).
Да, зборуваме многу.
Да, прашуваме многу.
Да, некогаш сме тупаџики.
Да, знаеме да го утнеме моментот особено кога зборуваме кога вашиот интерес е насочен на нешто друго.
И да, баш такви какви што сме...совршени сме, во сета наша несовршеност. БЛА!
Моџо Килингтон
БЛА...