Мажи vs. жени: Должината на...косата
Дали е лесно со кратка или долга коса? Навидум едноставно изгледа, но постои дискриминација! И тоа голема! Прочитајте што на оваа тема зборуваат Ана Бунтеска и Божидар Божиновски Моџо... Мала караница за разбистрување на мозок...
Моџо Килингтон
Неделава помина во фрлање анатеми за некој си професор како дискримнира и пиши стереотипи. И то е супер. Дека треба да се рушат стереотипите. Се согласувам за тоа... Но. Шо би се рекол некој поискусен во колумни има големо „Но“ ќе отворам тема шо не се зборува. Имено таму беа страшно навредени и понижени жени со кратка коса, се разбира поддршка за нив да се носат како сакаат. Да одиме спротивно (од лично искуство ко шо се гледа по сликата) за мажи со долга коса и таа дискриминација.
За почеток го имаме Дејвид Боуви (аха, тој Боуви) пред да е познат имал клуб против дискриминацја за мажи со долги коси. Сепак долгата машка коса не е измислена со хипиците има и подолга историја. На пример во Викнзите. Е тогаш долгата коса и брада биле знак за храброст. Ќе прашаш зошто? Едноставно, имало поголема шанса во битка гради во гради да те фатат за коса или брада и да те убијат. Во основа тие шо биле со кратка коса спремале манџа во позадина шо има и логика зато ги има повеќе наследници. Ама да не ги дикримнираме и да прајш манџа е способност. Како и да е да се вратиме на 21-ви век и животот во него. Дали е лесно со кратка или долга коса? Со кратка па кој сакаш пол биди. Онака само набројување што се етикети се даваат и сум ги слушнал:
-Алкохоличар (добро тука не можам да речам дека згрешиле)
- Наркоман (бјажииии)
- Ненормален (дефинирај нормален, оставам простор за дебата)
- Битлс (не во добра смисла од стари, колку шо знам не сум)
То се само дел на прва. И една приказна што досега ја знаат само блиските. Годината е 2016-та и барам стан во Скопје. Најдов. Се видовме со газдарицата и нејќеше да го издај и покрај сумата од две кирии (500 евра) ко некоја ебена гаранција. Не гарантирав само јас туку ојде и шефот да и потврди дека нема да го кршам станот. Зошто би го кршел станот? Затоа што сум со долга коса и брада и кожна јакна. Уште го издава госпожата станот и ако чита, шо чисто се сомневам, госпожа да ми џвакате курето, немаше да ви го искршам, не сум глуп да го кршам местото каде што живеам.
На полна автобуска погоди од прва кој ќе биде претресен од полиција? Аха, тој што пишува ова, па и куфер отвори. А куфер ко куфер, еден пар фармерки и две кошули, социјална драма во него.
Друга дискриминација е кога одиш на интервју со долга коса, брада, тетоважи и шо и да мрази ова општество. Демек ќе видиме, ќе се јавиме. Ќе видите од трите подолгото, а нема ни то не си ласкајте. Би сакал да ја слушнам и на Ана приказната како е дискриминирана, што се надевам се нема случено затоа што не знам дека некој рекол „Супер е ама кратка коса има, батали“. Баш би сакал да знам, онака, дали накриво те гледаат дека ти е кратка косата.
На крај не е ова жалење, воопшто. Навистина е потешко за многу работи да живееш малку поинаку во општество кое си ги сака калапите, кое е полно со стереотипи и дискриминација. Но затоа е и посладок таквиот живот отколку компромиси на секој чекор додека не знаеш кој и зошто си. Пуштете коса, кратете ја, фарбајте ја зелена, живејте како сакате, не како другите сакаат.
Би фрлил ракавица шо велиме ама не знам дали е то сексизам или говор на омраза. Ти оставам цвет од колумна, направи букет.
Ана БунтескаБожо, убавината на стареењето (45+, машала Ано) е во тоа што се’ помалку некој може да ме навреди или понижи со било што. Тоа, најдобро сама на себе си го правам, без исклучок. И да, го бапнав на ѕид дотичниот професор (!) со неговите изјави ( за кои се’ уште имам дилема дали се шовинистички, сексистички или само глупави). Дури и ко бев млада, никогаш не се ставав во ситуација да ми биде гајле што некој мисли за мојата фризура, градба на тело, сексуална определба или целта на моево постоење на земјата. Забораваш дека муабетиш со женско чељаде кое нема никаков однос кон коса, та еднаш сум долгокоса и црвена, потоа кафена/црна со фризура “you look like a boy, but a cute one”-ќерка ми. Ми се има случено во продавница да ми речат “дечко, да поминам” на мои 25-6, а сум била и шмизла на високи потпетици со распафтани коси. Она што ме изиритира кај дотичниот мислител беше леснотијата и едноставноста со која некој си дал за право да врши генерализација, а притоа имав и гнев кон оние кои се должни да прочитаат што оди во наставна програма, ама не го сториле тоа.
Е сега да се вратам на она што го кажуваш ти за мажите со долги коси. За жал, во право си. Како што е жена со кратка коса-лезбејка, така е “сосем нормално” да се претпостави дека маж со долга коса е педер (па тој па израз ко ќе го чујам, ми се потслошува). Да, стереотипи и предрасуди дека освен што пиете шо ќе ви дојде под рака (само не вода), така “пијате и дроги и апој”, дека сте насилници итн. Малограѓански муабети колку сакаш, иако во приказната за Самсон и Далила, мудроста на Самсон била токму во неговата долга коса (додека она жеништено не го упропасти, ама тоа е друга тема). Како што немам однос кон сопствената коса, така немам ни кон туѓите коси и фризури. Вистинска жена може да биде избричена во главата и да изгледа секси исто ко некоја самовила со коса до колена, додека секси маж може да биде од сосем ќелав до онаков со косиште до половина. Баш ми текнува на еден пар во Љубљана кога бев...тој со коса до задникот, таа бричена. Мајко мила! Секси пар, око да не тргне човек од нив каква хемија имаа меѓу себе. Уааааа за предрасудите. Уште ли не сфаќаат луѓето оти оние стрижените цакум пакум, во фенси одела и тазе бричени ја е*аа државава. Не, а? Ај, ќе им текне еден ден.
И да, имам доживеано дискриминација кога сум барала работа оти не одев со фул опрема (шминка, минич и долга коса), оти мислев дека се цени знаење. Да, ми имале кажано дека не се носам џемпер врзан на струк, широки панталони со џебови и мартинс чизми, оти не доликувало (тоа беа оние 3 месеци кога бев во државна администрација, пред 20 и кусур години) иако работев во едно мувлосано канцеларииче во кое ни жив чоек, а ни мртовец не влегуваше. Да, без оглед на тоа дали сум симпатична, шармантна, елоквентна и духовита...мажите не баш дека сакаат жени со кратки коси и тоа е така, сакала јас или не, сакале и останатите жени или не. Но, да се разбереме. Тоа ама баш ич нема да ме спречи следен пат ко ќе ме мавне климаксот појако, да се избричам во главава. Знам дека нема да личам на Деми Мур во оној филмот кај шо имаше бричена глава, ама ко шо реков погоре...од потресување признавам само ко ќе се вљубам.
Со или без ракавици, на иста страна сме денес колега Божо...а од букетов, еден цвет ќе ти турам на ревер за вадење на мегдан темата “мажи со долги коси и предрасудите кон/за нив”. Живели!