Мажи vs. жени: Машко здравје
Отсекогаш се зборувало дека мажите се од Марс, а жените од Венера, како Јин и Јанг, како оган и вода, минус и плус, па оттука и сите разлики, недоразбирања и конфликти, љубов, омраза, заеднички живот и разидувања. Дека се слични малку е веројатно, не не и невозможно. А, за одредени теми секогаш може да дискутираат до бескрај... Ставови од гледна точка на маж и ставови од гледна точка на жена...
Со свои размислувања и гледишта, ги соочуваме Божидар Божиновски ака Моџо Килингтон - писател, поет, аматер гинеколог, но пред се‘ човек и поетесата Ана Бунтеска, жената која со пишаниот збор ги размрда мозочните виуги на другите жени, а и на мажите.
Првата „закачка“ помеѓу Моџо и Ана е на тема „Машко здравје“:
Моџо Килингтон
Ноември, за некои почеток на слави со Митровден, за други Месец на машкото здравје. Овој месец се пушта брк како симболична поддршка на мажите кои се борат со сериозни болести и како одлично алиби да изгледаш како манијак од 70-тите еден месец. Затоа што толку е – еден месец е посветен на машкото здравје. Кое здравје? Секое здравје, од расипан заб до рак на панкреас. Затоа што другите 11 месеци сме сосема здави и мажите не доживуваат никакви болести (како на пример рак на дојка, што кај мажите е ретко застапен, логично, но скоро секогаш смртоносен затоа што тешко го откриваме).
Најчесто кога се зборува за дискриминација се зборува за тоа што мажите имаат доминантно место во општеството (за жал, затоа е вакво), дека сме никакви (за жал, зато пишам овде) и слично но многу малку се зборува за товарот да се исполнат сите очекувања од општеството. Не дека мора де ама сепак. Треба да си столб на семејството кога светот изгледа ко трето продолжение на Армагедон, притоа да гледаш да имаш поголема плата од сопругата за да не те заебаваат во кафана (ако те пушти во кафана), да растиш деца, да си мајстор, наставник, не многу груб ама не ни многу емотивен, да знајш да поправиш од кинеска играчка од сѐ за 99 да зборува ко да и си логопед па се до локомотива. Сѐ ова контиунирано под стрес и најчесто мамурен. А да и не можеш да побараш ручек пошто е 21-век, а обично дома се ручаше до 20-ти век. Ако тоа не е доволно тука се и статистиките дека ќе рикнеш пред сопругата, дека поголеми ти се шансите да загинеш во собраќајка или да ти скурчи сѐ па да одиш до визба и да го залапааш чифтето затоа што процентуално поголем дел од самоубиствата се кај мажи. Освен кај оние од ЈНА шо би рекле мамичките, тие умираат од алкохол.
Да сумираме, мораш цело време да си здрав. А не си... Те јаде работа, те јаде стрес, загадување, лоши навики, те ебе холестерол пошто тешко дека растеше на брокула и чај од кинеска лаванда, притисокот ти е висок, а очекувањата се намалуваат со години. Околу околу 60 ако ја поминеш таа деценија без да те фркне срце (поголем број на инфаркти се кај мажи) веќе твоите дома те сметаат за расходован, ако имаш среќа да земеш еден кредит и ко среден прст да им го оставиш да го плаќаат после тебе, барем секој месец да те спомнуваат. Тука негде „имо си доброг петла“ со акцент на минато и свршено време. Можеш во целибат или да голташ Вијагра. Првото ќе те направи тажен, ко елен ранет во очите, второто може да те убие. Сега кога веќе го немаш е ок да се пожалиш на здравјето. Малку касно зато шо книшката ти изгледа ко лектира за средно, а од толку болести децата можат латински да учат. Пиеш шака апчиња на сабајле, појма немаш за шо веќе, од излегување само дремење пред ординации. На крај ќе отвориш Фејсбук и ќе почнеш да читаш вицови за како живееле со пиво и секс германски пензионери, како живееле француските, дека јапонците на 532 години се запишуваат на јога дур ти си се префрлил на чевли без врвци пошто не можиш да се наведниш да ги врзиш.
Зошто? Затоа што никогаш навреме не си бил на лекар, никогаш не си можел да зборуваш за здравјето и работите што те мачат, затоа што тоа што се таложело во тебе од физички отрови до психички болки биле табу.
Никогаш не се случил ваков муабет:
- Брат шо бев на уролог, да одиш и ти супер е.
- Ставено?
- Да, танки прсти...
- А од кај знаеш ти за други прсти?
- Шо?
- Шо?
- Ништо викам Арсенал слабо сезонава.
Да се разјасниме нема среќна посета на уролог. Поголем проблем е шо секој уролог е околу 50-тина години и има прсти ко хоби да му е да расклопува и склопува Москвичи. После посета ти треба уште година терапија на психолог да дојдиш на себе. А има воопшто женски уролог? Уролошка? Фино лепо околу 30 години, да ти направи атмосфера, романтична музика, свеќи па ајде некако и да стисни заби. Може тогаш ќе правиме муабет како што се прави за гинеколозите „прекрасен гинеколог е! Мерак ми е да одам, среден, педантен, сега се врати од Италија на тестирање на вино“. Јеботе. Уролог може да мириса само на ракија и преглед да ти е ко силување во затвор. Нормално е дека нема да сакаш да одиш освен ако не е живот или смрт состојбата.
Ноември е еден месец, за здравјето на еден пол. Цела година треба да биде посветена за здравјето на сите без разлика каков полов органи имаат. Сепак кога ова е како одбран месец колеги ако сте над 30 на шест месеци е препорачливи основни прегледи (во случај да има нешто лошо да се открие рано), а над 40 и проверка на простата. Ние што чекаме 40ка до тогаш ќе сме во паника од тој момент... Животиште, старост грдост...
Ана БунтескаКај отворив да читам, кај се запустив! Кој тоа рекол, а и каде стои дека само еден месец е посветен на машкото здравје?! Да, еден месец во годината е со поголема помпа за подигање на свеста кај луѓето во однос на нивното здравје. Октомври- кај жените и Ноември- кај мажите. А од Ноември до Ноември ние жените си имаме полни раце работа грижејќи се за тоа како одите облечени на работа, па дали сте средени, испеглани, испрани (што е некогаш вистински предизвик!). Да не спомнувам дека минимум неколку пати годишно се соочуваме со вашето умирање и збирање на фамилијата за да ги слушнеме последните зборови на главата на куќата која е легната в кревет со 37.2 температура. Во меѓувреме, не само што се бориме да докажеме дека не ни требаат тестиси за да бидеме успешни на работа и платени колку вас, туку жонглираме со актовката во една рака, усисивачот, пеглата и домашните на децата во другата рака (оти нели вие сте толку преморени од работа што се подразбира дека фотељата е резервирана за вас, исклучиво за вас и во вечни времиња за вас. Амин).
И да, не е лесно да се биде маж во ова општество. Да се печалат пари, да се пазари, да се менуваат сијалици по дома, ама еве да ве просветлам....истото го правиме и ние, со тоа што треба уште да се чувствуваме виновни дека нема ручек на маса секој ден. Па нема! А нема затоа што вие сте тука за да “помагате дома”, а не да си ја понесете одговорноста дека заеднички создаваме дом и заеднички треба да се грижиме. И не дека не сме напорни со барања дека ја сакаме вашата емотивна страна, ама да не сте лигави...дека сакаме да сте ни рамо за плачење и нежни кон нас, ама сепак да не се чувствуваме дека мажот сме ние. Ама па ниту вие не сте ништо помалку напорни кога од жената ја очекувате комбинацијата на Миа Калифа (во кревет)- Мишел Обама (во друштво)- Мама (во кујна).
Во меѓувреме, изложени на стресот да се постигне балансот меѓу совршена мајка- жена- љубовница- деловна жена- снаа- ќерка- колешка- сосетка, се вадиме од ум на секоја промена која ни се случува на телото, а во менопауза веќе се’ е толку измешано што не знаеш дали умираш или се враќаш на тинејџерските денови. Одење на ехо на дојка, самопрегледи, мамографија...зјапање во градите во огледало за да се детектира и визуелно дали има промена (момент кога и ние атеистите се молиме). Па волшебниот момент на одење кај гинеколог! Да ми е да знам каде ли е тој згоден, млад, шетан по Италија доктор. А и да е таков, сета еуфорија ќе падне во вода кога ќе му го здогледам в раце она справичето (за кое тврдам дека потекнува од времето на инквизицијата) и одма матката ми се згрчува, така што џабе и ако има убав глас за да ти шепоти “опушти се”. Ај важи, еве ќе замислам дека лежам на плажа и дека ми носат некој коктел, додека се слуша звукот на шумолење на палмите и малите бранчиња од водата......шшшшшш, уште сум таму. И тоа е оној полесниот дел, оди да те видам на преглед пред породување со стомакот до заби кога не ни можеш асално да видиш кога со рачето оди да провери колку прсти си отворена! И ако веќе си ги мериме (болките), гледав пред години видео како маж (не) поднесува породилни болки и сфатив дека ако требаше вие да раѓате, немаше да стасаме ни до 1 милијарда луѓе на планетава.
Но, ќе се согласам дека маж на маж најмногу штета прави кога е во прашање одењето на преглед, особено на прегледи кои имаат врска со допирање гениталии или простата. Сите Итар Пејовци кои си ја чуваат аналната девственост и гледаат нешто перверзно во таквиот преглед, се ужасно напорни и без подигната свест дека прават штета со своите опаски во кои обврзно се провлекуваат шегите од типот “хехехе, ај бе, викаат дека од еднаш не се станува педер”. И колку што сме ние жените досадни што ве тераме да одите редовно по прегледи оти ни значите, толку вашите “пријатели за во кафана” (греотичка, не останаа кафаните посетени оти не ве пуштаме. Мит и предрасуда, некогаш не сте ни свесни колку сакаме да ни се мафнете од дома за да здивнеме малку) ни ја поткопуваат грижата.
Нема среќна посета кај било кој доктор, оти сите кога сме кинисале накај ординација сме под стрес и со страв каков ќе е исходот. Ама сето тоа е минливо во споредба со занемарувањето на проблемите додека не е веќе предоцна. Ноември е месец на зголемена активност во вид на зборување, апелирање и обрнување внимание на машкото здравје. И колку и да не’ нервирате, сепак ве сакаме и ве молиме редовно да одите на прегледи. Истрпете ја нашата грижа, а ние за вас во знак на солидарност ќе ги пуштиме мустаќите месецов, важи брат?
За Машки магазин- Ана Бунтеска и Божидар Божиновски