Мажи vs. жени: Она што ве прави несреќни, да му кажете збогум без да му ја мислите- СРЕЌНА НОВА 2021

Уште една година оди на рециклажа. Посебно оваа, коронавирусната. Да ѝ речеме Чао со стил. Така вели и Ана Бунтеска, а Божидар Божиновски Моџо ќе ве просветли идната година...

Ана Бунтеска

Се гледа крајот на 2020...конечно. Како ми тргна, требаше да знам дека ќе биде блуткава. А ми тргна со страшен вирус/грип (којзнае што беше) кој го закачив во Велинград. Арно рече татко ми дека на зима се оди некаде од кај што ќе можеш да се вратиш дома за 2 часа максимум. Ова секако важи за оние 40+ години, Божо имаш време да шеташ во зима (ако не оваа, тогаш следната). И од тогаш, се’ тргна удолу...а знаев дека не е Бугарија за мене!

Годинава знаеме сите што ја одбележа, а она што мене ме фасцинира уште одамна е дискриминацијата дури и кога се одредени природни катастрофи и болести во прашање.

Повеќето болести имаат женски имиња...кламидија, стрептокока, стафилокока, псоријаза, мигрена, чума (дури и за опис на жени се користи), туберкулоза и сега најактуелно, корона...пандемија, епидемија.  

Одиме понатаму...имате ураган Ана, Ирма, Кејти, Сејди. Дури има и запис дека до 1978 сите урагани добивале исклучиво женски имиња. Ок, знам....родена сум 1972, тоа објаснува се’. Единствено еве короната е ковид, па тука некако имаме баланс.

Иако малку те потчепнав за дискриминација и знам дека ќе ми вратиш, денес не сакам да се натегаме за ништо. Во оваа колумна ќе бидам умна (колку можам) и кратка (да не речеш дека во типично женски фазон пишувам, расплинувајќи се...што е точно). Значи...

На сите ви сакам здравје, вам и на вашите најмили. Ви посакувам 2021 да ги залечи сите разочарувања, падови, стресови и да ви донесе спокој (некому тишина, некому журки). Оваа што изминува нека остане како потсетник дека се’ е релативно и дека не сме вечни на планетава. Следнава нека биде помудра и позабавна, со дишење љубов. Божо, да ме нервираш и следната со твоите провокации за да ме натераш да пцујам и да ме радуваш со нова книга.

Машки магазин...од мене извадивте една нова Ана за која не знаев дека може да пишува во сосем нов фазон од вообичаеното. Ви благодарам за таа можност.

Дечки, она што ве мачи да го оставите зад себе.

Она што ве радува да го земете со себе во новата.

Она што го посакувате да ви се оствари.

На она што ве усреќува, да му се насмеете.

На она што ве прави несреќни, да му кажете збогум без да му ја мислите.

ЖИВЕЛИ!

П.С. 2021, однесувај се пристојно и биди нежна.

Моџо Килингтон

Моџо после Нова година ќе ви честита. Беше зафатен со големи геостратешки политики.