Мажи vs. жени: ПМС
ПМС-от понекогаш знае да е бура. Прекумерната емотивност и барање дополнително внимание... Но како гледа на тоа поетесата Ана Бунтеска, а посебно припадникот на посилниот пол, поетот Божидар Божиновски ака Моџо Килингтон...
Ана Бунтеска
Да, тоа се оние денови кога сме неподносливи, кога ниту сами себе не се трпиме. Тоа се оние денови кога нешто сакаме, ама и не баш дека го сакаме, ама сепак го сакаме...ама и не го сакаме. Тоа се оние пеколни денови кога хормоните ни се испомешани, кога ни се плаче дури и кога гледаме комедија, кога не’ фаќа бес наеднаш и без некоја особена причина. Тоа се моментите кога вкусот на чоколадо со кисела краставичка е совршена комбинација, исто како што е ред солзи и мрсули, ред смеење сосем природно.
Нема шанси да разберете (колку и да се обидувате) што ни се случува со телото во тие мигови. Но, еве неколку хинтови за да ви олесни живеачката во време на нашиот ПМС:
1. Не коментирајте што, колку и како јадеме, ако не сакате војна во домот.
2. Да, сосем е нормално дека сакаме во исто време да ве убиеме од нервозата која ни иде и да ве одвлечкаме во кревет од што ве сакаме
3. Плачењето не е дека се случило нешто, а можно е и да се случило...како и да е, не прашувајте зошто, освен ако не сте спремни дека ќе си го добиете.
4. Секое прашање кое вклучува “дебела”, ”грда”, ”стара”, се одговара со “НЕ, НЕ СИ!” со убедлив тон и поглед....тука нема разбирачка дури и ако за наше добро кажете дека би било убаво за здравјето да вежбаме. Да, ќе бидете сфатени погрешно.
5. Прекумерната емотивност, кенкање и барање дополнително внимание е сосем нормално во тие моменти/денови. Никако и во ниту еден контекст на било каква наша реакција не се спомнува ПМС-от како причина (иако Е причина).
6. На секоја провокација од типот спомнување други жени со нагласени суперлативи, должност ви е (а и поарно за вас), да кажете дека не постои жена која би ни се фатила дури и за малиот прст и дека сме незаменливи во секој поглед.
Дури и со овие неколку хинтови, не гарантирам дека нема да бидете доведени во ситуација да не знаете што да направите за да не згрешите, ама да ви кажам искрено...што и да направите или да не направите, исто ви се фаќа. Ако имаме потреба да се искараме за да се исплачеме со изговор дека е поради кавгата, ќе го сториме тоа.
Спасот е да бидете стрпливи и да знаете дека ќе ни мине, а во меѓувреме гушкајте не’. Некогаш кога сме најлоши, сме најранливи и најмногу ни треба вашата прегратка.
Моџо Килингтон
Според интернет советите на колумната треба да и фрлам чоколадо и да бегам подалеку. Дур не поминат тие денови кога е опасно по живот да се преречи нешто. Па после да е „Извини шо те прободев на спиење, те сонував со друга како прајш муабет“. Сепак вистински маж ја сака својата поубава целина во секој период од месецот па и во овај зато ај де точка по точка...
1. Кога сакаш јади што сакаш и колку сакаш. Кој сум јас да ти забранам исхрана? Некогаш ти се јаде некогаш, не. Да, те сакам и со спојлерчиња, знам дека те нервираат и тебе само ќе се правам дека се слатки додека не ги средиш. Нема да има војна дома, јади, за тебе пицата за мене картонот ќе го макам во оние ќечапчиња ако не ги сакаш ти.
2. Како се поврза ова со ќечапчињата и втората точка... И крв и други течности ама сепак една рана не е ништо, а ни твоите течности не се нешто што би ме избркало од кревет. Или од тросед. Или од фотелја. Или од кујна. Сфаќаш отприлка...
3. Добро до третото „Ништо “ е ок, после само одиш по Палома и вода да не дехидрираш.
4. Ова мислев дека е за секој ден од месецот не само ПМС. Ако не ја фалиш секој ден тогаш зошто си воопшто со неа? Или да ѝ речеш грда дека е. Да и ја рушиш самодовербата во кој било ден од месецот? Нема ова, ветувам.
5. Да, ок е то. Не беше барем ножот многу остар, фала ти шо ме сакаш толку, а сега ако не ти е проблем викни Брза помош, ако не ти смета... Ако не ќе си искрварам.
6. Аууууууу кој го прави ова? Аматерска грешка, шо ја научив уште во 1996-та. Уште се памти дома кога татко ми рече дека Мелани Грифит е убава, нормално не го догледавме филмот, а неколку месеци јадевме само сува храна пошто „Мелани Грифит нека ти готви ручек“! Од друга страна ако не ја гледаш како најубава, ако не ти е сѐ на светот значи то не е љубов туку само компромис. „Да, уба си ама да можев да сум со другарка ти одма ќе ја фатев“. Со кои одите вие? :(
ПМС-от понекогаш знае да е бура. Ама после секоја бура доаѓа сонце така да не се плашиме од дождот и грмотевиците тука сме со вас да ви помогнеме полесно да помине тоа. До наредната бура. И до наредното сонце.