Мажи vs. жени: Стоп за насилството, физичко, ментално, вербално
Стоп за насилството! Стоп за малтретирањето, тепањето, солзите скришно исплачени... Стоп!!! Ана Бунтеска и Божидар Божиновски имаат свои ставови за насилството кое не познава пол...
Ана Бунтеска
Една од работите од кои сум згрозена е насилство и тоа од секаков вид...физичко, ментално, вербално. Не правам разлика во тоа дали ќе носи некој модрици на телото или на душата. И двете подеднакво болат и имаат последици. Сум познавала жени кои биле жртви на насилство. Кои излегувале од дома со дебел слој пудра на лицето во очаен обид да го прикријат пеколот во кој живеат. Наместо да проговорат гласно и да се покрене лавина која конечно ќе го смени чипот во главата на сите оние кои се на било кој начин индиферентни, тие молчат. А молчеле, молчат и ќе молчат од страв и срам. Затоа што ние што сме отстрана така сме се поставиле. Не, не може да не ме интересира дали се слуша повик за помош и звук на кршење предмети, ако е тоа во комшии или под мојот прозот. Не, не може да не е тоа моја работа ако видам на сред улица како некој некого малтретира и понижува.
Секој од нас може да стане жртва на насилство. Особено ако насилникот е желен за садизам, а има и моќ (физичка или финансиска) да ви го загорчи животот. И да, секако дека може и маж да биде малтретиран...и тоа токму од жена. Дури и физички напаѓан, а да не зборувам за ментално малтретирање и навредување. И како и во секоја земја во која “јаките мажјаци и фраери” се гласни, овие мажи се посебно изложени на потсмев, оти нели како можел да дозволи жена така да му прави! Општата суровост при коментирање на такви случаи е поразителна.
Кревањето рака на било кој е за мене злосторство.
Кревањето рака на послаб од тебе, за мене е садизам.
Сите тие манифестации на свирепост, а и коментари со кои се поттикнува истата ми е во рангот “казниво со закон”.
Стоп за насилството!
Не постои жена, маж, дете или било кое живо суштество на планетава кое е создадено за да биде малтретирано. Дури и животните се убиваат меѓусебно само за да се прехранат, а не да покажуваат надмоќ. Не сакам да гледам како тонеме уште повеќе во тој амбис на незадоволство и труење со омраза. Доста ми е од коментари “папучар еден”, “сама си го бараше”, ”многу е немирен”, ”де бе па ти, само животно е”. Доста ми е од сеир гледање кога пред очите ви се одвива драма. Да, можете да замижете и да одминете. Можете дури и да прераскажете каква случка била таа, со сите гнасни детали.
Ама не знам само како ќе спиете навечер, знаејќи дека можело да се случи трагедија во која вие не сте мрднале со мал прст.
Пред да изустите нешто, добро размислете. Зборовите се моќно оружје, некогаш се меч, некогаш се лек. Имајте предвид дека сте искасапиле нечија душа ако ги користите за да му се одмили животот некому.
Пред да кренете рака, добро размислете. Ударот никогаш не е еден, ма макар се случил само еднаш. На различни начини остава модринки, на различни начини боли.
Моџо Килингтон
Оваа недела се обележува и денот за запирање на насилството врз жените, насилство кое остава длабоки траги врз многу жени и семејства, насилство за кое уште институциите немаат решение, насилство кое многу пати премолчено ги остава жртвите да патат во тишина и немоќ, дури и дискриминирани од средината која често пати е на страната на насилникот со „Така и требаше“, „Не било за џабе“, „Сигурно заслужила“. Никој не заслужува да трпи насилство! Ни физичко, ни психичко, да живее во страв до наредно тепање и наредна тортура!
Овие колумни се конципирани како гледање на работите од машка и женска страна, сепак оваа тема е тема на која нема контра став независно од пол, години, религија, социјален статус. Извини Ана што неделава нема да сме контра за ништо туку на иста страна, но поважно е тоа од да ја заобиколиме оваа тема.
Во дури 90% од домашното насилство жртви се жените, а процентот на жени жртви е огромен и кога се работи за убиство на брачен партнер, луѓе што живеат во вонбрачна заедница. Проблемот е огромен и системски од нормализирање на насилството до интернет насилство преку погрдни пораки, слики, омаловажување на жените. Уште поголем проблем е што како држава тониме во проблеми па на оваа тема се присеќаме само кога е некој ден за обележување на борбата против насилството врз жените или кога работата е готова па стигнала до црни хроники. Ќе сме бесни неколку дена потоа ќе заборавиме.
А сите тие жртви кои додека ова се случува патат во тишина, живеат со своите џелати во постојан страв и болка. Сите ние, како луѓе, како општество, како институции треба да направиме сѐ да се слушне нивниот крик и на ниедна повеќе да не и се повтори. Да им дадеме поддршка да ги скинат ланците во кои се оковани и да можат да живеат слободно и достоинствено, без страв и без проблеми.
Загрижувачка е анкетата во која испитанички се средношколки. Дури 60% од нив сметаат дека шамарот не е физичко насилство. Премлади за да имаат животно искуство само наследиле ставови на потчинетост. Ставови кои мораме да ги смениме, да ги научиме децата, младите на нешто што изгледа толку очигледно дека насилството не е решение, а уште многумина не го разбираат. Да создадеме иднина во која рамноправноста ќе е нормална, каде што ќе бидат сите ценети според своите квалитети и ниедна нема да заврши како роб на некој идиот.
Сакајте ги сопругите и девојките затоа што тие се најдоброто што ви се случило во животот. Всушност може и ова да е сексистички, сакајте ги затоа што се рамноправни, не треба многу да се објаснува.