Мажи vs. жени: За пет минути

Што се пет минути? За некого цела вечност, за друг многу брзо поминуваат. Ама во тие пет, кај мажот и жената може сешто да се случи. Еве како размислуваат Божидар Божиновски и Ана Бунтеска... Предизвикува Божиновски ака Моџо:

Моџо Килингтон

„За 5 минути сум готова и одиме“. Во ред е убавице, драга, дарлинг... Времето е сосема релативна работа ама дека за 300 секунди ќе сме излезени од вратата, немој, знаеме и двајцата дека нема. Ни ти веруваш во то, ни јас. И во ред е , затоа што нешто ко за фарбање беа ѕидовите ионака, ако не сега, кога?

Како и сите меѓучовечки и машко – женски односи и овој си има свои правила како се игра.

Првите пет минути

Нормално е да ги одседиш така спремен, на готовс дека тргнувате во секој момент. Телевизорот е обично исклучен пошто сте на пола пат за свадба или излегување, па дремиш на Фејсбук. Или гледаш во некоја точка на таванот, слично интересно е. Од дугата соба допира глас, ѕвон на љубената.

- Датибам!

- Шо?

- Да не ми ја имаш видено камената пудра?

- Шо да имам видено?

- КАМЕНАТА ПУДРА!

- Не знам шо е то!

- Да не имаш фатено едно црно пиши на неа... А добро тука е! Идам одма.

Не сум Дадар ама мислам дека пудрата оди на почеток шо значи дека во наредните 173 секунди како што е ветено нема да е готова. И тоа е во ред, сака да изгледа убаво. По можност да стигнеме н свадбата, а не на крштевката на второто дете на парот кај што одиме.

Пет до петнаесет минути

Состојбата е стабилна, ти веќе почнуваш да го мешаш поликолорот за фарбање, а во другата соба е тивко. Многу аматерска грешка, која ќе го врати времето назад и ќе го ресетира часовникот на „уште 5 минути“ е обидот за брзање. „Ајде поминаа 5 минути“ може да резултира со 40 минутна кавга и уште 5 минути да е готова. Затоа ќути и мешај и фарбај.

Петнаесет минути до половина час.

Почнува да станува тензично... Не вербално туку во воздухот се осеќа тензијата. Освен позитивна афирмација на нејзините ставови во овие критични часови по твоето здравје, врска, брак најдобро е да глумиш мртов.

- Убо ми стои ова?

- Прекрасно, знаеш дека мене секогаш ми си најубава...

- Да не ме прави дебела?

- Нееееее... Нема шанси! Вака дури и послаба те прави.

- Значи дебела сум ама со ова не изгледам толку дебела? То сакаш да кажиш?

- Не мислев то...

- Тие на Фејсбук слабите со тебе нека идат на свадба!

- Нема никој друг да иди со мене, ќе одиме заедно! Супер си!

- Стварно?

- Да...

- И од Моника Белучи поуба?

- Нормално, ме гледаш негде кај шо уживам на Медитеранот на јахта дур сонцето ни ги гали голите тела со Моника Белучи? Не, тука сум. Па сега ти види...

И баш тогаш место тоа ќе види грешка во шминката! А ни ти додуша нема да видиш јахта на Медитеранот ама и очекувано е.

- Сега да ја поправам шминката и одиме...

- Нема проблем, ќе почекам, таман ќе сме за медениот месец.

- Немој така!

- Како?

- Ја осеќам негативната енергија, ќе згрешам и не одиме!

- Ок, пуштам позитивни вибрации кон Универзумот.

- Немој да си ироничен.

- Нема.

После половина час

Излегува конечно со сите нишани! Навистина прекрасна, не знаеш дали таму правела магија или се шминкала, но сепак си среќен шо од сите те одбрала баш тебе. Од седум милијарди луѓе. Е сега ги нема видено сите седум милијарди луѓе баш ама и то е доволно. Не ти пречи шо си чекал.  Дур ја гледаш така како ангелски хор да пее.

- Уште ги немаш ставено чевлите? Па ќе закасниме ради тебе!

- Сега одма одиме!

Клаваш чевли и поминале шест пати по петте минути. Ама вредело. Дур не ја заборави некој маската па да се расправате во кола. И после зошто пиеш, па удари под маса... И така. Важно е да преживееш.  Сега сигурно ова ќе се исто со кога ќе речиме „За пет минути идам“ од излегување шо не можи да е исто во никој случај затоа што реалната проценка за плаќање сметка, уште едно на брзина, сообраќај и годење на домот од прва никако не се вклопуваат во пет минути...

Ана Бунтеска

Какво сквернавење на тој свечен чин на спремање на вашата (скоро секогаш) поубава половина. Зарем до сега не научивте дека нашите 5 минути за шминкање, облекување и постигнување на идеалната мешавина Моника Белучи/ мис на Универзум се еквивалент на вашите “еве да допијам за 5 минути и доаѓам”. Со само една разлика, а тоа е дека вие отпосле уживате во нашиот изглед, што не може да се каже дека важи и обратно додека се клатите во претсобјето не знаејќи дал сте дошле или тргнале некаде, па триста перипетии со одврзување врвци на патиките или чевлите, тетеравење до кревет дур корнете на алкохол. Башка, таа невина фаца дур не ни приметувате колку сме бесни, па ќе кажете “Кај си бе мачеееее, ле...лееее колку си убаБа”. А во тие моменти не само што не сме убави или убаБи (оти обично сме со споени веѓи и поглед кој може да убие), туку не знаеме дал да ве оставиме да се искршите до спална или да ве расоблечеме (ненененене, не за секс, туку да се трупосате в кревет).

Е па дарлинг, ќе чекате. Мој совет е дури и да си отворите пиво, да си пуштите серија и да одгледате барем една сезона, оти убавината има цена. А таа е во вид на подлога за шминкање, течна пудра, камена пудра, руж, ајлајнер, римел, сенка за очи и кармин. За сите термини кои се нејасни, стојам на располагање да ги објаснам. Башка, во крвта ни е да сакаме да се допаднеме и секако, не само да си бидеме убави за себе, туку и да ја елиминираме евентуално постоечката конкуренција. И се разбира дека на сиот труд, очекуваме да паднете во несвест кога ќе не’ видите! Ритуалот на шминкање не е лесна работа, а бенефитите се огромни. Но, да сме на чисто за една работа...не е дека секогаш сме бавни во спремањето. Зависи од поводот и колку ни е лично важно да бидеме во топ форма. А свадба не е мала работа, да се разбереме!

И зошто секогаш нашето време за спремање мора да се мери со штоперица? Демек, само вие чекате на нас. Ми текнува на онаа ситуација, која оди вака некако...

-Миличок, тече вода од казанчето цело време

-Аха....еве сега, само да заврши фудбалов....У пм, пак Челзи прими гол, ајде беееееее ќор еден, ко со две леви нозе си!

После еден месец...

-Абе дај направи го казанчето, комшикана од долу, Маре де ја знаеш ме пукна дека цела ноќ слушале течење, ме удави прееска на скали, ракава ми отпадна со кесите дур ја слушав.

-Да бе да, еве после ќе видам што е работата...знаеш дека ме бива за водоинсталатерски работи. Па не џабе цел алат во остава, хехехе.

Месец дена после првиот месец дена...

-Многу си неодговорен, се кријам од Маре ко не дај Боже пари да и’ должам, бегам по скали ко ќе и’ го чујам гласот!

-Ууууууу, да бе...ај па и таа колку е досадна! Ај, не се нервирај, утре обавезно го поправам, 5 минути работа е.

И тоа така тера додека еден ден, после вашата посета на тоалетот не приметите дека казанчето не тече повеќе.

-Абе, ова не тече веќе, а само што се токмев да го поправам

-Знам, го викнав мајсторон на Маре, ми даде број жената...Столе де, го знаеш, од другион влез.

-Ахааааа, па ти реков дека ќе го поправам...колку си само нестрплива!

Нестрплива?! Откако пола плата оди за вода, оти нели 5-те минути работа се уствари 5 месеци чекање. Башка, си имате и вие моменти кога се тегавите ко мастики за џвакање, а обично тоа е кога треба да се оди кај бабата (да, да...нејзината мајка, не вашата баба).

-Готов си?

-Еве, се бричам (“ќе издржиш машко еден саат” мрморење)

-Што? Не те слушнав, телевизорот беше пуштен

-Ништо, велам баш убаво што не’ викна мајка ти на ручек

-Дааааа, рече ќе спреми грав со ребра, оти многу си и’ го бендисувал

-“Ќе се скапам од прдење вечер, сто пати сум рекол оти сакам од она телешконо во сос”-под мустаќ

-Абе зборувај погласно, шо рече?

-Дека знае што ми се јаде најмногу, најубав грав прави, поубав и од твојот

-Ќе и’ кажам, знаеш дека многу те сака мама, ќе ти спрема секоја недела

-ФДСЈКХВСФКЈХВБСЈФКХБФЈКХБФКЈБН...СУПЕЕЕЕЕЕЕЕЕЕР

Затоа, следниот пат кога ќе треба да излеземе од дома во 20 часот, ќе кажете дека сме договорени во 19.30. Не за друго, туку за да сме спремни во 20.30, плус минус 5 минути.